Калифорнија брза да им исплати отштета на насилно стерилизираните луѓе

Промоција на евгениката на саем за здравство во Канзас во 1925 година - Фотографија Profimedia

Преостанати се повеќе од 600 луѓе што во контроверзната кампања пред речиси еден век биле стерилизирани спротивно на нивната волја или без да знаат. Калифорнија издвои буџет од 4,5 милиони долари за да исплати отштета од по 15.000 долари на секој од стерилизираните луѓе

Германија го одби барањето да ѝ исплати на Полска репарации од 1.400 милијарди долари за штетите од Втората светска војна, но американската сојузна држава Калифорнија не ја отфрла одговорноста за своите злосторства од минатото извршени врз Американците и самата ги бара жртвите за да им исплати отштета.

Преостанати се повеќе од 600 луѓе што во контроверзната кампања пред речиси еден век биле стерилизирани спротивно на нивната волја или без да знаат. Калифорнија издвои буџет од 4,5 милиони долари за да исплати отштета од по 15.000 долари на секој од стерилизираните луѓе. Кампањата треба да биде спроведена до крајот на оваа година.

Властите на сојузната држава добиле 310 барања за отштета, но одобриле само 51. Одбиени биле апликациите на 103 луѓе, три биле нецелосни, а во фаза на проучување се уште 153. Процесот на идентификација на жртвите денес е бавен и тежок, бидејќи е уништен голем дел од документацијата.

Покрај жртвите на кампањата на евгеника (селективно размножување), која била спроведувана во почетокот на минатиот век и кулминирала во годините меѓу двете светски војни, право на отштета имаат и помала група Американци што биле стерилизирани во државни затвори на почетокот на овој век.

Калифорнија во 2021 година стана третата сојузна држава во САД, по Северна Каролина и Вирџинија, што издвоила фонд за исплаќање отштета поради присилна стерилизација. „Златната држава“ воедно е единствената што презела одговорност за исплаќање репарации на жртвите на суровиот затворски систем.

Целта на кампањата за селективно размножување била да се спречат луѓето со ментално нарушување или со физички хендикеп да остават потомство. Програмата за евгеника најмасовно била спроведувана токму во Калифорнија, каде почнувајќи од што од 1909 година биле стерилизирани 20.000 луѓе. Кампањата во Калифорнија ги инспирирала и властите на нацистичка Германија да спроведе масовна стерилизација на „неподобни“ луѓе. Американската сојузна држава го укина контроверзниот закон дури во 1979 година.

Од вкупно 45 луѓе на кои им е одобрено исплаќање отштета, само три биле стерилизирани во времето на евгениката. За да се поттикне пријавување и на други насилно стерилизирани луѓе во овој период, а кои сега се на возраст над 80 години, државата истакна постери и соопштенија во повеќе од 1.000 домови за стари лица и во јавни библиотеки. Во октомври Калифорнија склучи договор и со компанијата „Џеј Пи маркетинг“ за кампања по социјалните медиуми во текот на 2023 година. Од јануари до октомври ќе бидат објавени и огласи низ радијата и телевизиите во Лос Анџелес, Сан Франциско и Сакраменто. Жртвите на програмата немаат наследници, но ако случајно починат во периодот од одобрувањето на отштетата до нејзината исплата, тие може да ги пренасочат парите до свој роднина, пријател или за добротворни цели.

– Сериозно настапуваме во мисијата да ја пронајдеме секоја жртва. Но, со ништо не можеме да ја платиме цената за она што им го направи државата – вели Линда Глендхил од Одборот за исплата на компензации.

Паралелно се спроведува и кампања за пронаоѓање на жртвите на стерилизации во државните затвори. Специјална комисија издвои 144 жени што биле стерилизирани во затвори во периодот од 2005 до 2013 година, за кои нема докази дека биле запознаени со последиците или им бил понуден алтернативен третман. Дури во 2014 година бил донесен закон за забрана на какви било стерилизации на затвореници заради планирање семејство. За овие жртви има подетална документација и државата веќе им испратила писма на сите затвореници за кои се верува дека биле присилно стерилизирани. По државните затвори се истакнати постери на кои е објаснета процедурата што жртвите треба да ја спроведат за да аплицираат за отштета.

Венди Карилјо, калифорниска пратеничка што притискала отштетата да биде проширена и на жртвите во затворите, сега лобира меѓу пратениците да дозволат рокот за пријавување да биде продолжен за уште една година.

Карилјо бара програмата да биде уште повеќе проширена, со жртви на присилна стерилизација во калифорниските болници. Властите на Лос Анџелес во 2018 година јавно се извинија за стерилизација на повеќе од 200 жени во Калифорнискиот медицински центар во периодот од 1968 до 1974 година.

– Не сум воодушевена од бројот на жртви што го имаме досега, но убедена сум дека кога целосно ќе ја надминеме кризата со ковид-19, сѐ ќе се смени, зашто ќе можеме да го впрегнеме целиот капацитет и да организираме заеднички и директни средби, а не само преку социјалните платформи – објаснува Карилјо.

Пратеничката посочува дека има проблеми да се поттикнат новите жртви да се пријават, бидејќи тие не им веруваат на властите, што е нормално ако се има предвид злото што им било направено.

Една од ретките жртви што се пријавила е Мунлајт Пулидо, која отслужувала казна доживотен затвор поради обид за убиство. Додека била во ќелија во 2005 година, затворскиот лекар ја информирал дека „треба да ѝ бидат отстранети два израстоци, што може да бидат канцер“. Таа прифатила оперативен зафат и потпишала документ. Дури по операцијата, болничарка ја известила дека ѝ била направена процедура за отстранување на матката. Четириесет и едногодишната затвореничка, која веќе имала деца, била шокирана од веста дека повеќе нема да може да забремени.

– Како домородна Американка и како жена јас сум поврзана со мајката Земја. Ние сме единствените што даваме живот. Тој благослов ми беше одземен и повеќе не се чувствувам како жена – изјавила Пулидо.

Таа пред точно една година била пуштена на условна слобода, контактирала со групата за човекови права Коалиција за затворенички и ѝ била одобрена отштета од 15.000 долари.

– Се расплакав. Никогаш во својот живот не сум имала толку пари – раскажува Пулидо.

Властите на Калифорнија објавија дека фондот од 4,5 милијарди долари нема да биде намален ниту ќе средствата ќе бидат пренасочени кога ќе заврши кампањата, на крајот на оваа година. Парите што ќе останат ќе бидат распределени во еднакви суми на жртвите на кои веќе им била одобрена исплата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот