Какви граѓани, таква власт, таков воздух!

Соња Христовска / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

„Побуната“ на Фејсбук против загадувањето трае затоа што нема за што друго да се побуниме. Владата лежерно си спои Нова година со Божик, па ништо не се случува.

Врие на социјалните мрежи – надвор било загадено, ќе сме изумреле од болештии… И толку! По некое време, повторно наплив на Фејсбук од „револт“ што нема сонце со денови и… пак толку! Какви сме безволни, и тоа е многу.

„Побуната“ на Фејсбук против загадувањето трае затоа што нема за што друго да се побуниме – владата на Димитар Ковачевски лежерно си спои Нова година со Божик, па ништо не се случува. А и некоја си „најлуда“ ноќ помина и снема „муниција“ дека Скопје не било накитено и „карлеушите“ се на пауза, па во недостиг на дневни политички и естрадни „скандали“, граѓаните се сетија дека надвор е загадено и дека од тоа се умира. Да има други вести, да се во тек парламентарни избори, на пример, и кампања со патриоти и предавници, граѓаните на РС Македонија нема ни да споменат дека надвор е загадено, затоа што „тоа си е вообичаена работа, ништо ново“, а медиумите, главно составени од мали тимови или човек-редакции, нема ни да помислат да трошат ресурси за да сработат квалитетни истражувања за аерозагадувањето затоа што ресурси за таква работа – немаат! Знаат граѓаните дека е загадено, чувствуваат, со очите, со носот, па и со устата, а чувствуваат и белите дробови, срцето, крвните садови, мозокот… Тоа чадливо и гадливо чувство нè чини повеќе од 3.000 смртни случаи годишно. Најмногу од инфаркт и рак на белите дробови, но и од ХОБС, астма и други болести. Оние што преживуваат, пак, плаќаат „данок“ со скратен и помалку квалитетен живот, со денови поминати во болнички лекувања и боледувања, со хронични болести за кои доживотно ќе пијат лекови, со лошо ментално здравје, зголемена анксиозност и депресија итн.

Властите ништо не преземаат. За време на претходната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ, барем имаше по некој протест на кој ќе излезеа по едвај стотина граѓани. Сега нема ниту „п“ од протест. Или граѓаните протестите веќе ги сметаат за бесмислени, оти со нив ништо не се решава, или се помирија дека мора да ни е загаден воздухот, затоа што секоја криза кај нас така се плаќа – со загадување.
По толку повторувања од властодршците, на чело со премиерот Димитар Ковачевски, дека ни следува најтешката зима по Втората светска војна, во која ќе доживееме тешка криза со храната, со струјата, со гасот, со затоплувањето, со безбедноста, па ќе мора да се снаоѓаме со помош, со штедење, со итни мерки, со разни субвенции итн., граѓаните се исплашија и имаат само една точка на агендата – да ја преживеат како знаат оваа зима за утре да раскажуваат.

И нема да протестираат. Револтот ќе го искажат или на „селската чешма Фејсбук“, со муабетење колку е страшно загадувањето и како да е нешто вообичаено, небаре беседат за временска прогноза… Па, ќе се свртат кон нови теми, други ќе замолчат и ќе свртат кон себеси, кон семејството, домот и болните деца, кои исто така страдаат од загадувањето. Оние што на ова општество не му гледаат лек, се пакуваат и се селат.

Властите, пак, ќе си продолжат како што знаат. Курто и Мурто, едниот од централно, другиот од локално ниво, качени заедно ќе јаваат врз онемените граѓани и со сета жар ќе се расправаат дали за Бугарите треба да се одвои место во Уставот. Ако треба и до политичка смрт ќе се убедуваат кој им мисли добро на граѓаните на патот кон ЕУ, ама нема да засукаат ракави и ако треба до „поетска“ смрт да се отепаат од работа да им испорачаат чист воздух. Кој знае како ќе беше да имаше вакцини за заштита од аерозагадувањето…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот