Како љубопитноста на мештаните открила огромен синџир на дрога

Како љубопитноста на мештаните го открил најголемиот синџир на дрога / Фото Слободен печат колаж

Пред четириесет години „човекот со гуменото лице“ бил фатен во руралните области на западен Велс откако ја потценил љубопитноста на локалното население.

Операцијата Сил Беј во 1983 година ставила крај на еден од најголемите меѓународни синџири за шверц на дрога откако бил откриен таен бункер. Лидерите на тој синџир биле Робин Босвел и данскиот актер Сорен Берг-Арнбак. Данецот 11 години бил во бегство, а во тоа време тој бил еден од најбараните луѓе во Европа.

Неговото апсење дошло откако неколку љубопитни фармери и рибари пријавиле чудни активности околу заливот. Во 1983 година, тогаш 35-годишниот Берг-Арнбак живеел луксузен живот со голема јахта, а бил сопственик на неколку вили во Италија и Швајцарија. Но, откако бил во бегство, тој се преселил во Пемброкшир, село во западен Велс.

Дон Еванс бил главен детектив во полицијата на Дајфед-Пауис и заедно ја водел операцијата Сил Беј – кодното име дадено на истрагата – со детективот Дерек Дејвис.

Говорејќи 40 години подоцна, Еванс вели дека падот на криминалната банда дошол од испитувачкиот и љубопитниот карактер на мештаните од Пемброкшир, кој се наоѓа во близина на градот Њупорт, пишува Би-Би-Си.

„Овие криминалци целосно ја занемарија љубопитноста на селаните. Имавме вкупно 540 докази од луѓето кои живееја таму“ вели Еванс.

Су Варнер и нејзините родители, кои живееле на фарма во близина на Њупорт, ја информирале полицијата за сомнителни активности во близина на заливот, а криминалната банда за прв пат станала сомнителна откако оставила големо количество на пари во локален паб.

„Тие трошеа невидено големо количество на пари. Плаќаа за една пијачка по 50 фунти и правеа големи забави. Имаа многу пари и возеа огромни автомобили, селаните ссамо си ги поврзаа работите. Една вечер, татко ми реши да кампува о близина на заливот заедно со неколку соседи. Тие најдоа двајца мажи како спијат во близина на бункерот каде криминалците планираа да ја чуваат дрогата“ вели Варнер.

Рибарите исто така приметиле сомнителни активности во близина на заливот, по што ја информирале полицијата од Њупорт, плашејќи се за својата безбедност.

Еден од членовите на бандата им рекол на рибарите дека тие се обучувале за да снимаат китови и фоки како дел од експидиција на Гринланд. Но, рибарите не им поверувале и ги пријавиле во полиција. Полицајците веднаш започнале истрага кај заливот заедно со локален фармер, кој земал камен и го фрлил кон бункерот, по што се слушнал чуден звук.

Кога полицајците ја тргнале бариерата поставена над бункерот, не им се верувало што виделе.

„Веднаш сфативме дека за да се изгради ваков бункер треба време. Беше изградено од дрва и беше целосно покриен со смола и стакло. Ќе ни требаше многу време за да го откриеме, а тие очигледно ги донеле материјалите со брод“ вели Еванс.

Полицијата запленила опрема вредна 80.000 илјади фунти, вклучувајќи неколку мотори за чамци, чамци на надувување и градежна опрема. Најпрво детективите се посомневале дека тоа може да биде поврзано со Ирската Републиканска Армија (ИРА), но по неколку месеци на брегот на Њупорт се појавила голема пратка полна со канабис. Тогаш полицијата ги поврзала пратката со бункерот во селото.

Детективите кои работеле на Сил Беј верувале дека во бункерот имало дрога вредна седум милиони фунти. Работејќи заедно со Берг-Арнбак бил Робин Босвел од Лондон, кој го опишале како мозокот зад криминалот. Полицијата го фатила Босвел откако две момчиња заедно со нивната мајка го опишале неговиот изглед.

„Робин Босвел беше уапсен. Маж кој ни даде 17 лажни имиња и адреси, тој беше мистериозен човек и очигледно немаше добри намери. Но, и откако го уапсивме сфативме дека тој нема да ни каже ништо. Тој беше уникатен и самиот негов стил на облекување беше интересен. Но, тоа ни даде мотив за да го поврземе него со бункерот кај заливот“ вели детективот Еванс.

Берг-Арнбак бил уапсен следниот ден откако бил виден од полицајци во близина на заливот. Кога го виделе, тој се обидел да побегне низ ливадите. Тој потоа скокнал преку ограда, незнаејќи дека има дупка од 20 метри. Данецот едвај се спасил задржувајќи се за корен од дрво, по што и се предал на полицијата. Со тоа завршило неговото 11 годишно бегство.

Полицијата ги запленила неговите торби кои ги носел со себе, а во една од нив имало радио кое го користел за шверц на дрога. Детективите не очекувале толку долго да трае операцијата Сил Беј.

„Тоа стана глобална операција. Од пронаоѓањето на плажата, тоа сѐ се прошири до Њупорт, од таму до Лондон, па во Франција, Шпанија и Скандинавија. Тука сфативме дека спречивме огромен синџир на дрога. Не ја запленивме јахтата, но ова беше како класично решавање на случај со убиство без мртво тело, да докажеме нешто без физички доказ. Оваа операција ја реши мал тим на полицајци од село во Велс“ вели детективот Џон Даниелс.

Полицијата запленила автомобили вредни стотици илјади долари, вклучувајќи Ферари, Рејнџ Ровер и Ролс-Ројс. Берг-Арнбак бил осуден на осум години затвор, а Босел добил десет. Шест други членови на криминалната банда исто така добиле затворски казни.

Внимателното следење на невообичаените случувања од страна на мештаните било пофалено од обвинителството, кое објавило: „Овие алчни шеми беа изнесени на виделина поради соседството или газливоста на локалното население, интересот и љубопитноста што ја покажаа пристојните луѓе“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот