Како лажни снимки одиграа клучна улога во изборите во Словачка?

Михал Шимечка / Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Неколку дена пред изборите во Словачка беше објавена аудио снимка на која еден од најпопуларните кандидати Михал Шимечка се фали дека ги наместил изборите, јавува Си-Ен-Ен. На друга снимка се слуша како вели дека ќе поскапе пивото во земјата.

Видеата веднаш станаа вирални на социјалните мрежи во Словачка, а прозападниот кандидат беше поразен во септември од кандидат кој се залага за зближување со Москва и Путин. Истражувачите во Словачка веруваат дека дипфејкот (термин за многу лажни снимки кои изгледаат многу реалистично, обично создадени со помош на вештачка интелигенција) што можеби ги одредил изборите во нивната земја е дело на руската влада.

Не е јасно колку гласачите биле под влијание на видеото, но јасни се две работи: видеата биле лажни, создадени од вештачка интелигенција, а американските власти ја гледаат оваа епизода од Европа како предвесник на настаните на претседателските избори во 2024 година.

„Како нација сме навистина неподготвени“, вели В.С. Субрахманијан, професор на Универзитетот во Нортвестерн кој работи на вештачка интелигенција и безбедност.

Официјални лица за национална безбедност веќе се подготвуваат за дипфејк видеата. Очекуваат лажните снимки да предизвикаат невидена конфузија кај гласачите. Подготовките вклучуваат дури и планирање во случај странска влада да користи вештачка интелигенција за да се меша во изборите.

Во САД веќе започна ширењето на дезинформации користејќи вештачка интелигенција. Во Њу Хемпшир, тие користеа лажна снимка од гласот на Бајден во повиците со цел да ги одвратат демократите да гласаат на прелиминарните избори. Минатиот месец беше објавено лажно видео од Доналд Трамп како седи во авион на педофилот Епстин со тинејџерки.

Различни видови дезинформации можат да го обликуваат јавното мислење, како што е докажано со масовното верување дека Трамп победи на изборите во 2020. Но, со вештачката интелигенција, секој може евтино да создаде содржина што изгледа реално и може брзо да се шири низ интернетот.

ФБИ и Министерството за домашна безбедност можат полесно да дејствуваат ако се знае дека друга земја стои зад лажната содржина, вели еден владин претставник.

„Ако некој американски граѓанин стои зад дипфејкот, тогаш ќе бидеме внимателни затоа што не сакаме да оставиме впечаток дека влијаеме на избори или ја ограничуваме слободата на говорот“ вели тој.

Некои држави, како Калифорнија, Мичиген, Минесота, Тексас и Вашингтон, донесоа закони со кои се регулира изборната измама. Законите на Минесота, на пример, го сметаат за кривично дело свесното ширење дипфејк снимки, што може да му наштети на кандидатот 90 дена по изборите. Законот во Мичиген бара од изборните кампањи да се потенцира со која содржина е манипулирана од вештачката интелигенција. Повеќе од дваесет други сојузни држави планираат да донесат слични закони.

Некои американски кандидати веќе се на мета на дипфејк снимките. Демократот Пол Валас се кандидираше за градоначалник на Чикаго минатата година. На Икс беше објавено видео во кое се вели: „Денес еден полицаец ќе биде обвинет дека е лош ако убие човек што бега. Кога бев млад, полицајците убиваа, да речеме, 17, 18 цивили во кариерата и никој не трепна со око“.

Се покажа дека видеото е креирано со помош на вештачка интелигенција, но го виделе илјадници гласачи пред да биде избришано. Валас го помина првиот круг на гласањето, но загуби во вториот круг. На прашањето дали мисли дека изгубил поради снимката, тој одговори дека не, но дека тоа е само фактор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот