Како ќерка на поранешен узбекистански претседател изгради империја вредна 240 милиони долари

Ѓулнара Каримова/ Фото EPA/SERGEI ILNITSKY

Ќерката на диктаторот која се претставувала како поп ѕвезда и дипломат потрошила 240 милиони долари на имоти од Лондон до Хонг Конг. Гулнара Каримова користела британски компании за купување куќи и авиони со средства добиени со мито и корупција, се наведува во студијата на организацијата „Слобода за Евроазија“.

Сметководствени фирми во Лондон и Британските Девствени Острови ги застапувале британските компании вклучени во гореспоменатите трансакции. Оваа приказна покренува нови сомнежи за напорите на Велика Британија да се справи со нелегалното богатство, пишува „Би-Би-Си“.

Британските власти долго време беа обвинети дека не прават доволно за да ги спречат криминалците од странство да ги користат британските средства за перење пари. Во извештајот се вели дека леснотијата со која Каримова добивала имот во Британија е загрижувачка.

Гулнара Каримова/ Фото EPA/SERGEI ILNITSKY

Нема индикации дека претставниците на компаниите поврзани со неа биле свесни за кого работат, ниту пак дека изворот на средствата можел да биде сомнителен. Никој што ги обезбедува овие услуги во Британија не е истражен или казнет.

Извесно време се сметало дека Гулнара Каримова ќе го наследи нејзиниот татко Ислам Каримов, кој владеел со Узбекистан како претседател од 1989 година до неговата смрт во 2016 година. Таа се појавувала во музички спотови под уметничкото име Googoosha, водела компанија за накит и била амбасадор во Шпанија.

Ислам Каримов/ Фото EPA/MAXIM SHEMETOV/POOL

Сепак, потоа во 2014 година таа исчезнала од очите на јавноста. Подоцна се дознало дека таа била приведена под обвинение за корупција додека нејзиниот татко сè уште бил на власт и осудена во декември 2017 година. Две години подоцна, таа била испратена во затвор поради прекршување на условите на нејзиниот домашен притвор.

Обвинителите ја обвинија дека е дел од криминален синџир кој контролирал имот од над 1 милијарда долари во 12 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Русија и Обединетите Арапски Емирати. „Случајот Каримова е еден од најголемите случаи на мито и корупција на сите времиња“, вели Том Мејн, еден од истражувачите на „Слобода за Евроазија“ и научен соработник на Универзитетот во Оксфорд.

Сепак, Каримова и нејзините соработници веќе продале дел од имотот, наводно, стекнат со корупција. „Слобода за Евроазија“ ги истражувале имотите и земјиштето за да идентификуваат најмалку 14 имоти што биле купени пред таа да биде уапсена, со наводни сомнителни средства, во различни земји, вклучувајќи ги Англија, Швајцарија, Франција, Дубаи и Хонг Конг.

Извештајот, кој ќе биде објавен во вторник на 14 март, насловен „Кој и помогна на узбекистанската принцеза?“, се фокусира на пет имоти купени во и околу Лондон, кои сега вредат 50 милиони фунти – вклучувајќи три станови во Белгравија, западно од Бакингемската палата, куќа во Мејфер и замок во Сари со приватно езеро, вредно 18 милиони фунти.

Двата стана во Белгравија биле продадени во 2013 година, пред Каримова да биде приведена. Куќата во Мејфер, замокот во Сари и третиот стан во Белгравија биле блокирани во 2017 година од страна на британската канцеларија за сериозни измами.

Извештајот на „Слобода за Евроазија“ наведува и компании во Лондон и Британските Девствени Острови за кои тврди дека Каримова или нејзините соработници ги користеле за да ги трошат приходите од криминалот на недвижен имот и приватен авион.

Момчето на Гулнара, Рустам Мадумаров, и нејзините други соработници се наведени во официјалните документи како „корисни сопственици“ – правен термин за лицето кое на крајот има контрола – на компанијата со седиште во Велика Британија, Гибралтар и Британските Девствени Острови. Но, во извештајот се вели дека тие биле само полномошници на Каримова, која ги користела компаниите за перење стотици милиони долари.

Сметководствените услуги за две британски компании поврзани со Каримов – „Панали“ и „Одентон Менаџмент“ – биле обезбедени од „СХ Ландес“, фирма со седиште во Њу Оксфорд Стрит, Лондон.

Оксфорд стрит Лондон / Фото EPA-EFE/TOLGA AKMEN

На крајот на јули 2010 година, „СХ Ландес“ се обиделе да регистрираат или купат друга компанија. Целта била да се купи приватен авион за околу 40 милиони долари, а за вистински сопственик е именуван Мадумаров. Всушност, според извештајот, зад купувањето стоела Каримова.

На прашањето за изворот на средствата, „СХ Ландес“ одговори: „Сметаме дека прашањето за неговото лично богатство не е релевантно во оваа ситуација“. Тоа е очигледно затоа што Мадумаров не ги обезбедил парите за купување на авионот од неговите лични средства.

Компанијата со седиште во Лондон подоцна објави дека богатството на Мадумаров делумно дошло од „Уздонробита“, компанија за мобилни телефони со седиште во Узбекистан. Веќе се отвориле прашања за можните врски на компанијата со Каримова. Уште во 2004 година, напис на „Москва Тајмс“ тврдел дека Каримова наплатила околу 20 милиони долари од „Уздунробита“ користејќи лажни фактури. Поранешниот советник ја обвинил Каримова за рекетирање.

Бидејќи оваа трансакција со висока вредност е поврзана со високоризична узбекистанска јурисдикција, во извештајот се тврди дека „СХ Ладес“ требало да спроведат зголемена длабинска анализа – темелни проверки за да се осигураат дека изворот на средствата е легитимен и не произлегува од криминални активности.

„СХ Ландес“ ги доставиле и финансиските извештаи за 2012 година за „Панали“. Во извештајот се вели дека тие биле потпишани во септември 2013 година од блискиот соработник на Каримова: Гајане Авакјан, тогаш 30-годишна.

Минатата година, „Би-Би-Си“ објави тврдења дека Авакјан била регистрирана како вистински сопственик на „Такилант“, компанија регистрирана во Гибралтар во центарот на „измама од повеќе милиони долари и корупциски скандал на високо ниво во Узбекистан“.

Том Мејн од „Слобода за Евроазија“ рече дека очигледната леснотија со која Каримова можела да купи толку многу имоти во ОК е загрижувачка: „Властите презедоа акција дури во 2017 година, години откако другите земји веќе ги замрзнаа банкарските сметки и имотот што и припаѓаше“. .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот