Кај морските птици откриена нова болест предизвикана од пластика

Птици / Фото EPA-EFE/Paolo Aguilar

Нова болест предизвикана од пластика е откриена кај морските птици, а животните идентификувани со болеста, наречена пластикоза, имале лузни во нивниот дигестивен систем од проголтан пластичен отпад, објавија научниците од Природонаучниот музеј во Лондон.

Тоа е прв регистриран случај на фиброза предизвикана од пластика кај диви животни, велат научниците, а пренесува британски Гардијан. Загадувањето со пластика станува толку широко распространето што се пронајдени лузни кај различни групи на птици.

Утврдено е дека и младите птици ја имаат оваа болест и се смета дека се заразиле кога нивните родители ги хранеле со храна загадена со пластика.

Научниците, вклучувајќи ги и Алекс Бонд и Џенифер Лејверс од британскиот Природонаучен музеј, го проучувале живеалиштето на птиците на австралискиот остров Лорд Хау за да ја утврдат врската помеѓу проголтаната пластика и почетниот дел од стомакот на птицата. Откриле дека колку повеќе пластика внесува птицата, толку повеќе лузни и се појавуваат.

Болеста може да доведе до постепено влошување на жлездите во тој дел од дигестивниот тракт.

Губењето на овие жлезди може да предизвика птиците да станат отпорни на инфекции и паразити и може да влијае на нивната способност да ја варат храната и да апсорбираат некои витамини.

Научниците ја нарекоа болеста пластикоза за да биде јасно дека е предизвикана од пластика во околината.

Кога птиците внесуваат мали парчиња пластика, откриле дека тоа предизвикува воспаление на дигестивниот тракт. Со текот на времето, воспалението предизвикува лузни на ткивото, што влијае на варењето, растот и преживувањето.

Природните материјали пронајдени во стомакот на птиците, како што се камчињата, не ги предизвикувале истите проблеми, што ги натерало научниците да ја означат болеста како состојба конкретно предизвикана од пластика.

Научниците велат дека изложеноста на сите организми на пластика е неизбежна, бидејќи емисиите на пластика се зголемуваат, а пластичното загадување е распространето во сите средини на глобално ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот