Кадија сам себе нит се тужи нит се суди

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Не постои судија кој пред комисија од Судскиот совет или истражен орган ќе признае дека подлегнал на политички притисоци или влијанија, односно дека е корумпиран, затоа што тоа е признание на кривично дело и автоматски му следува кривична пријава, велат аналитичарите кои ги консултираше „Слободен печат“. Завчера работната група на Судскиот совет што беше во контрола на Основниот суд Струга извести дека струшките судии работат во согласност со законите и никој не им врши притисоци.

Контролата во судот уследи откако минатиот месец Стејт департментот на САД го стави Рамиз Мерко на црната листа на личности на кои не им е дозволен влез во САД затоа што „како градоначалник на Струга злоупотребувал, односно присвоил општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси и со тоа ѝ наштетил на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери“.

Јелена Кадриќ, извршна директорка на Институтот за човекови права, која од 2014 година редовно ја следи работата на Судскиот совет, вели дека судиите сами нема да признаат дека се под притисок или политилчко или бизнис-влијание.

– Нема судија што во проверка или контрола од надлежен орган ќе каже дека лично трпи притисок и влијанија и дека подлегнува на нив. Затоа што, ако има такво нешто, судијата тоа требало да го пријави во Обвинителство, а ако подлегнал сторил кривично дело. Во таков случај, пак, членот на Судскиот совет треба да му поднесе кривична пријава, што значи дека дека во ваквите контролни посети во судовите не може да се очекува дека судиите ќе им признаат нешто слично на членовите на Судскиот совет. Тие влијанија се тешко докажливи на таков начин. Со лично признание тоа не се утврдува, потребна е друга постапка, да се најдат докази на друг начин за да се разреши или осуди судија откако сторил кривично дело, како што беше примерот неодамна со судијата од Управен суд Мустафа Шахини кој беше осуден на пет години затвор – вели Кадриќ за „Слободен печат“.

Јелена Кадриќ, извршен директор на Институт за човекови права

Таа додава дека при ваквите контроли врз судиите може да се проверуваат процесните дејствија – дали се преземени сите мерки, дали предметот е држен во фиока, каква е доставата, дали поканите за суд се праќани намерно на погрешни адреси со цел бараниот да не се најде, а за да се оддолжи постапката итн.

– Со сите овие нешта се одолговлекува процесот, но сето тоа спаѓа во нестручно и несовсно работење. За тоа нема пропишана кривична одговорност за судиите, туку за нив тоа значи помала оценка, дисциплинска постапка, па ако зачести, евентуално и постапка за разрешување. Затоа и постои таа спрега од адвокат, обвинител и судија, каде секој ќе прескокне по некое дејствие или погрешно ќе го изведе додека не застари некој премет – вели Кадриќ.

Таа додава и дека на последната анонимна анкета на ОБСЕ судиите одговориле дека повеќе трпат притисоци од колегите од повисоките судови и од Судскиот совет, а на анонимните анкети од претходните години одговарале дека притисоците се од политичките партии и извршната власт.

За извештајот од надзорот во Струга Кадриќ вели дека бил исцрпен, а комисијата не нашла злоупотреби. Еден од предметите за Општина Струга потекнува уште од времето пред Мерко да стане градоначалник, односно пред 2017 година, во врска со стопанисувањето со препријатието „Аква“ во сопственост на Општина Охрид, случај во кој Општина Струга станала солидарен должник, останала без пари, па добила пари од државата како помош во работењето.

– Како подоцна Мерко ги трошел тие пари, тоа би било друг предмет. Ако имало сомневања, требало други органи тоа да ги проследат. За другите предмети во кои била страна Општината, наведоа дека се искористени сите правни лекови во предметите, од Апелација, правобранотелство итн, значи во тие постапки не одлучувал само струшкиот суд. Не утврдиле ништо спорно во тие предмети, не се пречекорени процесните постапки, сè е во утврдените законски рокови. За предметите во кои е инволвиран лично Мерко, исто така, не утврдиле ништо конкретно како проблем. Судиите не пријавиле притисоци  – ни изјави Кадриќ.

Миљазим Мустафа, член на Судски совет

Претседателот на работната група на Судскиот совет Миљазим Мустафа завчера ја образложуваше проверката што ја извршиле во судот во Струга.

– Беше извршен разговор со сите судии во судот, сите категорично демантираат дека им е вршен било каков притисок при работењето. Како генерален заклучок кој можам да го споделам со вас од увидот на предметите констатирано е дека нема пропусти од судиите и претседателот и истите се распоредени според Акмис-системот, запазени се роковите, од нивна страна забележано е дека нема никакви процедурални пропусти. По извршениот увид, повикани се сите судии и со нив е извршен разговор во однос на работата на судот и евентуалните притисоци и сите едногласни беа дека немаат никакви притисоци од надвор и дека работат согласно законот и другите позитивни прописи – рече Мустафа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот