Југословенската тробојка со црвената петокрака се развеа во Кочани по повод 29 Ноември

ЈУГОСЛАВИЈА ЗНАЧКИ
EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Југословенското тробојно знаме со ѕвезда петокрака денеска повторно се развеа во Кочани, со што членовите на граѓанското здружение „Јосип Броз Тито” го почнаа одбележувањето на 29 Ноември, како значаен датум од историја на поранешната заедничката држава на народите од Балканот.

Фотографии со ликот на Тито, придружени со македонски знамиња , како и песни во кои се опева борбата против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, беа декорот што можеше да се види и слушне во караванот од возила што прошетаа низ кочанските улици.

Ние сме единственото активно македонско здружение кое на овој начин го одбележува денот кога се одржало второто заседание на АВНОЈ, кој е роденден на некогашната заедничка држава. Овој датум за нас има посебна важност, затоа што тогаш се оствариле идеалите на сите наши револуционери, а македонската нација конечно доби признавање за своето постоење. Потврда дека 29 ноември е голема историска пресвртница е што слични здруженија во Словенија, Хрватска и другите поранешни југословенски републики му даваат многу поголема важност отколку кај нас, иако Македонија на тој ден ја добила својата државност, а денес ние го живееме тој континуитет, истакна Трајан Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито”.

Додека дефилето од возила се движеше по улиците, кај граѓаните имаше мало изненадување поради тоа што постарите подзаборавиле, а помладите воопшто ни не знаат за значењето што го имаше некогаш најголемиот државен празник.

Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито”, ги прославува сите значајни датуми поврзани со историјата на поранешна Југославија, а во изминатиот период организираше и повеќе хуманитарни акции за собирање облека и храна, како и за доброволно крводарување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот