Јубилејната година на МСУ ќе почне со дело од Џанфранко Барукело и промоција на „Големото стакло“

Пладневно матине ќе се одржи на 10 февруари во МСУ

Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје на 11 февруари бележи 60 години од основањето. Со цел одбележување на јубилејот и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот организира дневен настан – матине на 10 февруари (сабота), со почеток од 12 часот.

На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924-2023).

По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност почнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на МСУ.

Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на музејот, е конзервирано од стручниот тим на МСУ – Скопје и ќе биде претставено пред јавноста, овозможувајќи нови согледби и толкувања.

На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр. 35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти што ги адресираат и вончовечките простори.

По формалното обраќање, програмскиот дел за настанот вклучува стручно водење низ тековните поставки со кустос-водичот Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет, во неформална атмосфера.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 216, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.2.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот