Јавните претпријатија со потпис се обврзаа дека ќе се борат против корупцијата

Може да бидете малку болни, но не и малку корумпирани, поентираше Ерик Мејер, заменик-шеф на мисија на Амбасадата на САД, која го поддржа проектот „Поттикнување овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија“

Директори и овластени лица на 36 јавни претпријатија од сите региони во државава ја потпишаа Декларацијата за антикорупциски практики и политики во јавните претпријатија, со што беше заокружен едногодишниот проект „Поттикнување овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија“, кој го спроведе Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ), со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Со Декларацијата, директорите ја искажаа нивната посветеност за негување на културата на интегритет, транспарентност и отчетност на јавните претпријатија.

– Препознавајќи го штетното влијание на корупцијата врз нашата економија, општество и угледот на нашата држава и локалната заедница, како и потребата од заштитата на јавниот интерес преку дејностите што ги остваруваме, ние се обврзуваме дека ќе ги почитуваме највисоките стандарди на етичко однесување и ќе се бориме против корупцијата во сите нејзини форми – стои во Декларацијата.

Според проектниот менаџер професор Миша Докмановиќ, основниот заклучок од студијата е дека јавните претпријатија се движат со различна брзина кога е во прашање борбата со корупцијата, некои делумно ги исполнуваат, а други не законските обврски.

– Македонија има многу закони за борба против корупцијата, но нема политичка волја за нивна целосна имплементација, но сепак овој проект е првиот чекор кој ја изразува подготвеноста на раководните лица да се справат со ова зло – додаде Докмановиќ.

Според Ерик Мејер, заменик-шеф на мисија на Амбасадата на САД, не е добра перцепцијата на корупцијата како болест.

– Може да бидете малку болни, но не и малку корумпирани, корупцијата е зло што ги поткупува столбовите на општеството. Оттука од македонските граѓани зависи дали ќе престанат да ја толерираат институционалната корупција на сите нивоа – поентираше Мејер.

 Само три ЈП примиле пријави за корупција од укажувачи?!

Бројот на примени пријави, како и бројот на претпријатија што примиле пријави, покажува дека концептот на укажувачи е на ниско ниво на имплементација. Самиот факт дека само три јавни претпријатија примиле пријави во тригодишниот период на анализа е нелогичен ако се има предвид дека во согласност со голем број анализи и извештаи, степенот на корупција во Република Македонија е на релативно високо ниво.

Оттука се наметнува прашањето зошто бројот на пријави е низок? Имено, едно објаснување е дека отсуствува довербата во институциите (во овој случај јавните претпријатија) дека ќе биде соодветно постапено по пријавата, друго објаснување е дека потенцијалните укажувачи не се запознаени со овој механизам, додека трето објаснување би било дека потенцијалните укажувачи се плашат да пријават, поради евентуални идни последици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот