Извинете екселенцијо, докажано сме глупави

Фото: Слободен печат

Зошто никој не се зачуди зошто во Охрид францускиот амбасадор беше пречекан со знаме на Холандија? Затоа што пред извесно време со државното знаме на Летонија го пречекавме австрискиот канцелар.

Ваквите пропусти се смешни само прв пат, а потоа станува тажно. Но, да не очајуваме и да мислиме дека нешто ни фали или дека сме пу пу пу урочени, зошто правиме вакви глупости, туку утеха да пронајдеме во фактот дека сме глупави. И тоа најглупави во регионот, според резултатите објавени пред неколку дена од мерењето на интелигенција во поголемиот дел од светот. Точно е дека го делиме последното место со Албанија, со земјата со која во тандем сме заглавени во процесот на зачленување во ЕУ, но доколку запнеме ќе станеме поглупави и од Албанците.

И одма стапивме во акција. На прославата на Денот на независноста на САД во американската амбасада во Скопје, нашата евровизиска претставничка Тамара Тодевска не ја знаеше државната химна. Односно како што самата кажа подоцна, а притоа и извинувајќи се од дното на срцето, дека направила грешка кога го изоставила делот со Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански.

Можам само да го замислам разочарувањето на Доналд Трамп, кога во овалниот уред во Белата куќа, го изгледа преносот од амбасадата во Скопје.

– Па и не е некоја химна – разочарано заклучува американскиот претседател, прашувајќи се дали воопшто има смисла да се трошат пари за прослави по амбасади, ако веќе музичката програма е на ниско ниво.

Не прочитав никаква реакција од Кристијан Тимоние, но неговата кисела насмевка фотографирана во Советот на Општина Охрид кажува дека не е лут, туку малку уморен од пролонгираниот престој во Република Идиокраси. Не е лесно секојдневно да се комуницира со идиоти чиј коефициент на интелигенција е 82.

Доказ повеќе дека навистина сме глупи е тоа што информацијата за ниската просечна интелигенција на Македонците беше пренесена во јавност од сите расположливи средства за информирање, без притоа да се провери изворот. Доколку прогуглате по интернет, ќе видите дека оваа вест е објавена од неколку српски и хрватски забавни портали, каде не е наведено на кој начин е вршено истражувањето, какви тестови се користени за да се пресмета просечниот коефициент на интелигенција и кој е нарачателот на истражувањето.

Но, да не помислиме сега дека сме интелигентни. Тоа може да биде и опасно во ситуација кога на Тимоние ќе треба да му објасните зошто сте го пречекале со Холандско знаме. Во тој случај наместо глупави, ќе испадне дека сме неинформирани или неписмени. Односно дека не ги проверуваме информациите што ни се сервисираат или не дај боже не ги разликуваме знамињата на Франција, Холандија, Летонија, Австрија, Црвена звезда, Пари Сен Жермен, Жалгирис, Нептунас и Каунас.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот