Извештај на ЕК: Македонија меѓу одредено и умерено ниво на слободата на изразувањето

Медиуми, микрофони / Фото: "Слободен печат" - Митрески Драган

Најновиот извештај на Европската Комисија во делот на слободата на медиумите забележува дека има голем број напади, закани и одредено застрашување на новинари, како и дека е потребна поголема транспарентност во поглед на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, а реформата на јавниот радиодифузен сервис е потребна заради јакнење на неговата независност, професионални стандарди и финансиска одржливост.

Напредокот на Македонија се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност во однос на слободата на изразување. Општо гледано, има направено ограничен напредок. Општиот контекст е погоден за медиумската слобода и дозволува критичко известување од страна на медиумите. Измените во Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата го зголемија степенот на правна заштита на новинарите.

Се забележува и дека Собранието го одложува назначувањето на членовите на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор уште од декември 2018 година. Во извештајот се забележува и дека работните услови за новинарите продолжуваат да претставуваат предизвик.

Сè уште важат препораките на Комисијата од минатата година. Во текот на следната година, Македонија треба да ја ревидира законодавната рамка поврзана со медиумите и истата да се усогласи со европското законодавство и европските стандарди, особено во однос на правилата за конкуренција и државна помош, правата на интелектуална сопственост, што претставува дел од заедничкиот пазар на ЕУ, да го засили спроведувањето на стратегијата за реформа на јавниот радиодифузер и да се финализираат назначувањата во Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор, како и да се продолжи со итно адресирање на сите закани и чинови на насилство против новинари и да се овозможи сите сторители да се доведат пред лицето на правдата.

– Општото опкружување овозможува слобода на изразување и критичко известување. Законската рамка беше зајакната: измените на Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата, усвоени во ноември 2022 година, го зголемија степенот на правна заштита на новинарите. Сепак остануваат системските предизвици: длабока медиумска поларизација, физичко и вербално насилство врз новинарите, работните услови на медиумските работници, посебно нивните работни и социјални права. Треба да се спроведат законите што се однесуваат на функционирањето на медиумите. Дигиталните технологии и нарушувањата на медиумскиот пазар упатуваат на потребата за општа стратегија за реформи во медиумите во соработка со сите чинители, заклучува ЕК.

Извештајот се осврнува и на државното политичко рекламирање, но и на предлогот за организирање и финансирање на кампањи од јавен интерес, за што има остри реакции од медумските здруженија.

-Се уште треба да се работи на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на изборното законодавство. Забелешките од страна на медиумските здруженија во однос на државното политичко рекламирање во медиумите треба да се земат во предвид согласно европското законодавство и најдобрите европски пракси. Во ноември 2022 година, група пратеници предложија измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што наметнуваат обврски за централните и локалните власти за организирање и финансирање на кампањи од јавен интерес. Сепак, медиумскиот регулатор и некои здруженија на новинари ги критикуваа предлозите, нагласувајќи дека тие би можеле да ја поткопаат независноста на медиумите и да го нарушат медиумскиот пазар, нагласува ЕК.

Потенцира дека се потребни се поодржливи решенија за да се поддржи опстојувањето на медиумите.

-Во 2022 година, владата продолжи да го намалува финансирањето на радиодифузниот сектор. Собранието повторно не успеа да назначи нови членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор. Мандатите на тековните членови на двата совети беа продолжени се до изборот на нови членови од страна на Собранието, се наведува во извештајот.

Во делот на застрашувањето на новинарите ЕК наведува дека лани МВР регистрирало 17 случаи на напади врз новинари и отворило истраги за нив. Здружението на новинари регистрирало 14 инциденти, кои вклучуваа новинари, од кои четири со физички напади или незаконско приведување, како и 11 со вербални напади, закани и други форми на застрашување. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и медиумските здруженија, забележува ЕК, редовно ги осудува таквите инциденти.

ЕК наведува и дека во февруари 2023 година, Собранието ги усвои измените во Кривичниот законик со што се зајакна заштитата за новинарите при извршувањето на нивните професионални обврски, а Јавното обвинителство во Скопје назначи обвинител за да се следат постапките како одговор на нападите врз новинарите.

– Ова претставува позитивен развој. Назначениот јавен обвинител има овластување да ги следи постапките каде новинарите се јавуваат како оштетени странки, сведоци или пријавени лица додека ја извршувале нивната работа. МВР назначи контакт-лице во Одделението за компјутерски криминал и дигитална форензика, со што им се олесни на новинарите да известуваат за инциденти што вклучуваат булинг преку компјутер или други онлајн закани по нивната безбедност. Властите треба да овозможат непристрасни, брзи и ефективни истраги за да се изведат сторителите пред лицето на правдата, се нагласува во извештајот. Се забележува и дека политичарите и службените лица користеле неприфатлив јазик против новинарите во повеќе наврати, а продолжило и онлајн малтретирањето и вербалните закани, особено на социјалните медиуми, особено кон новинарки. Комисијата додава и дека стари предмети поврзани со физички напади врз новинари остануваат нерешени.

Во делот за онлајн медиумите, ЕК забележува дека не се регулирани со конкретен закон и додава дека постои промена во пазарот на рекламирање кон дигитално рекламирање, со растечки закани од дезинформации, прекршувања на интелектуални права и недостиг на транспарентност во однос на платеното политичко рекламирање.

– Одредени онлајн медиуми се под влијание на политички личности. Политичките партии не се обврзани да објавуваат информации за средствата потрошени на реклами на социјалните медиуми. Постои несоодветен надзор врз употребата на лични податоци за изборните кампањи. Разбирањето на опасностите од дезинформации од страна на јавноста треба да биде подобрено, како и вештините за медиумска писменост во целокупното општество. Сегашните мерки против дезинформации не се многу ефективни. Потребна е посилна само-регулација кај онлајн медиумите, конкретно преку промоцијата на регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk) и развој на професионални стандарди за онлајн новинарство, потенцира Европската комисија.

Во однос на пристапот до информации, ЕК наведува дека Агенцијата за заштита на право на слободен пристап до информациите од јавен карактер примила 343 претставки, од кои 195 била главно од граѓански организации, додека 148 од физички лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот