Изложбата „Форми на системот“ од Иван Аџиевски ги прикажува уметноста и културата во борба со корупцијата

Изложбата ќе биде отворена на 9 декември во КСП „Центар-Јадро“

Мултимедијална концептуална изложба со наслов „Форми на системот“ од Иван Аџиевски на 9 декември, во 19 часот, ќе биде отворена во КСП „Центар-Јадро“.

Станува збор за изложба во која преку ликовната уметност, инсталациите, скулптурата, како и со видеопроекција се прави обид на пошироката јавност да ѝ се покаже критички став за реалната состојба на коруптивниот неправичен систем со праќање порака за надминување на таквата состојба.

Корупцијата се перципира како најголемо општествено зло и закана за правната држава. Феноменот на корупцијата се смета не само како морално штетен, туку и како причина за нефункционирање на институциите на системот и како сериозен економски и политички проблем.

Корупцијата го еродира владеењето на правото и сериозно ги повредува човековите права, бидејќи со неа се врши пренасочување на јавните средства наместо за решавање на основните потреби на граѓаните, за коруптивни активности и за нелегално збогатување на поединци или групи (бизнисмени и други центри на моќ).

Изложбата „Форми на системот“ овозможува искористување на моќта на уметноста и културата за охрабрување на граѓанска акција против корупцијата. Таа процесира идеја/провокација кај уметниците, активистите и новинарите креативно да се вклучуваат во антикорупциските прашања, да изградат меѓусекторски релации и подобро да ја разберат улогата на креативната акција и како таа влијае врз перцепцијата на јавноста за корупцијата.

Уметничките слики претставени на изложбата се изработени во различни формати од алтернативни сликарски материјали на платно. На нив се застапени алуминиумски и бакарни плочи во неправилни форми на кои се отпечатени цитати/фрази од актуелното позитивно право, а јавноста може да се запознае со примери од судската правна практика и судската статистика. На дел од плочите се отпечатени и филозофски мисли на мислители што имаат за цел да поттикнат креативен активизам против неправичноста на правниот систем.

– Во централниот дел на галеријата е поставена скулптура – стилизирана претстава на божицата на правдата Јустиција изработена од кородиран метал симболизирајќи го неправичниот судски кородиран систем, каде што правдата и правичноста се дефакторизирани и крајно маргинализирани. Сликите и скулптурата се придружени од инсталации – колаж од фотографии со пораки на активисти против корупцијата поставени на јавен простор преку кои граѓаните на еден креативен начин го креваат гласот против овој општествен проблем. Во видеопроекцијата се прикажуваат фрагменти од уметничките слики и таа завршува со приказ на скулптурата – божицата на правдата Јустиција. Отворањето на изложбата „Форми на системот“ е на 9 декември – Светскиот ден за борба против корупцијата. Изложбата е поддржана од Министерството за култура – истакнува авторот на изложбата.

Иван Аџиевски е роден во Скопје во 1985 година. Завршува Правен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2009 година. Во водите на сликарството влегува во 2018 година со реализација на својата прва самостојна изложба „Beauty spot“ во галерија „Концепт 37“, каде што беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со претстава на женски лик и акт во експресионистички и кубистички манир.

На втората самостојна изложбa „Beauty spot II“ во 2022 година во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ претстави 24 слики работени во различни сликарски медиуми и материјали со делумна апстракција и енформел, кои беа продолжување на претходната матрица на насликани портрети.

На третата самостојна мултимедијална изложба „Форми на системот“ авторот се претставува со слики, инсталации, скулптура и видеопроекција кои имаат за цел поттикнување на јавен дијалог и креативен активизам за надминување на корупцијата како економски и политички проблем.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 208, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-10.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот