Изложба на слики од Верица Димеска ќе биде отворена во КИЦ

Циклусот на слики со наслов „Noise“ на Верица Димеска од 20 октомври, во 20 часот, ќе може да се види во Салон „Империјал 1“ при Културно-информативен центар – Скопје.

– Делата од овој циклус Димеска иницијално ги создава почнувајќи од времето на корона-кризата, која на различни начини (целосно) го погоди светот во 2020 година, а изолацијата особено се рефлектираше врз уметничката експресија. Тогаш (и сѐ уште), без оглед на провиниенцијата на одредени доживувања, општите случувања помалку или повеќе се одразија преку извесна нота на патос во различни дела на многу уметници.

Согласно доживеаната „стварност“ во изолацијата, веројатно сѐ повеќе ќе се среќаваме со дела кои го претставуваа(т) изместеното функционирање на „новото реално“ одреден временски период.

Работени во комбинирана техника – спреј, акрилик, јаглен на платно и хартија, но и вез – делата од циклусот „Noise“, во кои се мешаат мноштво визуелни сензации на реалноста и апстракцијата, мемињата, емоџите и глобално препознатливите симболи, претставуваат различни секвенци восприемени од хаосот на информации низ етерот (Интернет, ТВ), во случајов во времето на изолацијата, но и пошироко.

Шумот во комуникациите настанат од безброј (контрадикторни) информации во медиумот/медиумите, кој Димеска го пренесува во колористички попартистички манир (универзалната симболика на емоџите, зборови и пиксели), комбиниран со експресионистички графизам, од своја страна, е симболичен приказ на Бодријаровите симулакруми и симулации и престојот во хиперреалност, односно на мотивите и ефектите во еден виртуелен реализам, при што автентичноста на реалниот свет исчезнува во однос на симулакрумните светови – напиша историчарката на уметност, Маја Чанкуловска – Михајловска.

Ликовната уметница Верица Димеска е родена 1968 во Скопје. Во 1991 дипломира на ФЛУ – Скопје на отсек педагогија и сликарство. Во 2001 станува магистер по ликовна уметност на Холандскиот уметнички Институт. Живее и работи во Скопје, Македонија. Член на ДЛУМ.

Изложбата „Noise“ на Верица Димеска во КИЦ – Скопје ќе биде поставена до 1 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот