Издавачката куќа „Чудна шума“ се претстави со две изданија на Саемот на книга во Франкфурт

Авторката Билјана С. Црвенковска со германското издание на својата книга

Неколку дена пред почетокот на Саемот на книга во Франкфурт беше објавен престижниот каталог „Бели гаврани 2023“ (White Ravens 2023), каталог кој се публикува секоја година и содржи 200 најдобри книги за деца и млади за тековната година.

Во овогодинешното издание беа вклучени две книги од Македонија, а едната од нив беше сликовницата „Тигар на улица“ на писателката Билјана С. Црвенковска и илустраторката Катерина Николовска, инспирирана од стиховите на истоимената песна на рускиот писател Данил Хармс.

Каталогот беше промовиран на Саемот во Франкфурт, што се одржа во периодот од 18 до 22 октомври, додека изложбата на двестоте најдобри книги за 2023 година ќе се случи следната година, на Саемот за книги за деца и млади во Болоња.

Покрај сликовницата „Тигар на улица“, на Саемот во Франкфурт беше промовирано и германското издание на илустрираниот роман „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (Stella Dark und die kreaturen von Gruselstadt) на Билјана С. Црвенковска, со илустрации на Нита Муча.

Преводот е дело на реномираната преведувачка од македонски на германски Корнелија Маркс, а издавач на книгата е „Мителдојчер Ферлаг“. Книгата е издадена во рамки на проектот „Млади европски приказни“ (YES – Young European Stories), кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. До крајот на годината се очекува да излезе и хрватскиот превод на овој роман.

Дополнително, во рамки на изложбата „Books on Slovenia“ („Книги за Словенија“), поставена во Словенечкиот павилјон на Саемот во Франкфурт (каде што оваа година Словенија беше земја-гостин), беа изложени и три изданија на „Чудна шума“ – преводи на словенечки дела на македонски јазик: „Езеро“ од Тадеј Голоб, „Ивана пред морето“ од Вероника Симонити и „Стаклени пламени“ од Цветка Бевц, сите во превод на Дарко Спасов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот