Избегнат голем инцидент на судењето за „Монструм“

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Тензично заврши денешното рочиште за петкратното убиство извршено во 2012 година кај Смилковско Езеро. Петнаесетина минути траеше вербалната расправија меѓу адвокатите и обвинетите од една страна и обвинителката Фатиме Фетаи и роднините на убиените од друга страна.

Да не се вмешаше судечкиот судија и судската полиција кои ги смируваа двете страни, расправијата за „влакно“ ќе прераснеше во турканица.

Расправијата започна кога роднина на едно од убиените момчиња упати прашање зошто обвинетиот во овој случај Фејзи Азири кој е во затвор за друго дело во суд дошол без полициска придружба.

Посочениот Азири извади документ и го покажа дека користи седум дена слободни, по што реагираа адвокатите на обвинетите кои рекоа дека имаат уште сведоци за испрашување.

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

По нивниот став, уследи реакција на роднините на жртвите кои тврдеа дека случајот намерно се одолговлекува и никако да има завршница.

Во еден момент роднина на обвинетите со рака вперена кон роднините на жртвите рече: „Зошто тие не кажат дека зеле по 70.000 евра“, што уште толку ја вжешти напната сутуација, по што се „делеа“ разни навреди.

За среќа, надвладеа смиреноста кај останатие присутни, па ги смируваа страстите кај нервозните странки во случајот.

На денешното продолжение од судскиот процес сведочеше Игор Кралев, главен инспектор за увид од МВР, сведок во процесот за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.

Сведокот рече дека на денот на убиството бил на работа втора смена.

– За немилиот настан бевме известени по телефон. Јас и колегата Коста Милков извршивме увид на местото на настанот. На локацијата имаше полицајци, а во близина имаше поголема група граѓани – рече Кралев.

Тој рече дека со увидот раководел истражен судија.

– Увидот на местото на настанот траеше до утринските часови, а сабајлето продолжи за да се осигураме да не сме пропуштиле нешто – нагласи сведокот.

Сведокот истакна дека дваесетина чаури кои биле земени од локацијата додека траел увидот, а на местото на настанот, во утринските часови била најдена уште една чаура. Тој истакна дека на локацијата каде е извршено петкратното убиство бил уште еднаш кога вршеле извесни мерења на теренот.

– Две чаури знам дека беа најдени кај петтото тело. Во фотодокументацијата која ја има за настанот се е уредно евидентирано – изјави Кралев.

После Кралев сведочеше неговиот колега Марко Милевски, главен инспектор во полициската станица Карпош.

Тој пак во своето сведочење рече дека кога било извршено петкратното убиство бил раководител во единицата „Алфи“.

– Од дежурниот оперативен центар бевме известени дека крај Смилковското Езеро лежат две лица. Јас издадов наредба да појде екипа. За 10 минути бев известен дека тие лица имале повреди од огнено оружје. Не ми кажаа за колку лица станува збор, и ми кажаа дека тие се легнати еден до друг. Им издадов наредба на колегите да се оддалечан од локацијата и да го обезбедат местото – изјави сведокот Милевски.

После некое време, рече сведокот, неговите колеги забележале возило “фиат” крај Смилковското Езеро, а крај возилото имало уште едно тело.

– На местото на убиството за 30 минути по пријавувањето дојдов и јас – истакна сведокот Марковски.

За петкратното убиство кое се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Со згаснувањето на СЈО, предметот го презеде Јавното обвинителство.
Повторувањето на предметот го води судиската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот