Истражување на ЕУ: Скопјани не се задоволни од условите за живот, а ни безбедноста во градот не е на високо ниво

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Резултатите од Извештајот на Европската Унија за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година покажуваат дека Скопје не е меѓу најдобрите европски градови за живеење за повозрасните луѓе, ниту пак за семејства со мали деца, а нема услови ниту за ЛГБТИК заедницата. Кога станува збор за тоа дали луѓето се чувствуваат безбедно додека шетаат сами ноќе низ градот, Скопје е во групата на градови каде под 60 отсто од анкетираните дале потврден одговор, што го сместува во долниот дел на табелата, но сепак не е меѓу 10-те „најнебезбедни градови“ во Европа.

Скопјани не се прославија многу ни во однос на довербата кон своите сограѓани. Така, само 38 проценти од анкетираните жители на Скопје се согласиле со ставот дека може да им се верува на повеќето луѓе во нивниот град. Со ваква оцена, Скопје се најде на делба на 77-место со ист процент како и Белград.

Анкетата покажа дека Балканците се најнедоверливи кон своите сограѓани. На последното место во оваа класификација се најде Истанбул со само 27 отсто позитивни одговори, зад Атина со 35, Софија со 36 и Подгорица и Мишколц со по 37 проценти. Една позиција пред Скопје и Белград е Тирана со 41 отсто, а пред неа се Будимпешта и Марсеј со по 42 проценти.

Од друга страна, најголема доверба во своите сограѓани имаа жителите на дански Алборг со 87 отсто потврдни одговори, пред оние од Гронинген и Копенхаген со 56, Росток и Рејкјавик со по 85, Оулу со 84, Цирих и Осло со 83, Овиедо со 82 и Минхен со 81 процент.

Чувство на осаменост во претходните четири недели

Анкетата го разбива табуто дека жителите на југоистокот на Европа се подружељубиви од останатите Европејци, имајќи предвид дека според резултатите од истражувањето на дното на листата се градови од Балканот и Турција. Така, најосамени биле жителите на Дијарбакир со 26 отсто, пред оние на Подгорица со 22, на Софија и Анталија со по 21, Лил со 20, Лондон, Анкара, Истанбул и Овиедо со по 19 и Белфаст со 18 проценти.

Скопје не е меѓу последните 10, но е во втората десетка од долу, со меѓу 16 и 17 отсто, заедно со Манчестер, Кардиф, Барселона, Неапол, Виена, Барселона, Бургас, Париз и Малага.

Најмалку осамени биле жителите на Луксембург со четири отсто, пред оние од Стразбур со пет, Женева со шест, Антверпен со седум и Лиеж, Лил, Цирих, Брисел, Клуж-Напока, Копенхаген и Ираклион со по осум проценти.

Добро место за живеење на повозрасни луѓе

И според овој критериум, Скопје е при дното на листата, на делба на 73-то место со Белград, со по 60 отсто позитивно мислење за условите за живот на повозрасните жители.

Според овој критериум на последното место е Истанбул со 39 проценти, а пред него, сите со полоши услови од Скопје, се Рим со 47, Тирана и Атина со по 52, Љубљана со 54, Неапол со 55, Софија со 56 и Палермо со 58 отсто.

Најдобри услови за живот за пензионерите, со по 95 отсто позитивни оценки, нудат Цирих, Росток, Луксембург и Пијатра Неамц, пред дански Алборг со 94, шпанска Малага и полски Бјалисток со по 93 проценти, шпански Овиедо со 92 и португалската Брага и францускиот Стразбур со по 91 отсто.

Добро место за живеење за семејствата со мали деца

И кога станува збор за условите за живот на семејствата со мали деца, Скопје е при дното, на 78-то место, со 60 проценти позитивно мислење, зад Атина со 61, Рим и Софија со 62 и Амстердам со 67 отсто.

Истанбул и во оваа категорија е на последното место со 42 проценти, а пред него, но по Скопје, се Тирана со 52, Љубљана со 57 и италијанските Неапол и Палермо со 58, односно 59 отсто.

Покрај за условите за мигрантите, Кардиф е шампион и кога станува збор за можностите што ги нуди за семејствата со мали деца со 96 проценти позитивна оценка, пред Оулу, Брага и Лајпциг со по 95, Гдањск и Росток со по 93 и Алборг, француски Рен, Женева и романскиот Пијатра Неамц со по 92 проценти.

Добро место за живеење на припадниците на ЛГБТИК заедницата

Скопје и според условите за живот на припадниците на ЛГБТИК заедницата е при дното меѓу европските градови со 38 проценти позитивно мислење, што го сместува на 75-то место.

Полоши услови од Скопје, според истражувањето, има во турскиот град Дијарбакир со само 27 отсто, кој е на последното место, а пред него се Тирана со 29, Истанбул со 34, Анкара, Бјалисток и романскиот Пијатра Неамц со по 35 проценти и Подгорица со 37 отсто. Подобро рангирани од Скопје се Ираклион со 42 и Белград со 53 проценти.

Од друга страна „најпријателски“ услови за ЛГБТИК заедницата нуди Цирих со 96 проценти позитивно мислење, пред Рејкјавик со 95, Копенхаген со 94, Минхен, Гронинген и Кардиф со по 93 отсто, Стокхолм, Осло и финскиот Оулу со по 92 и Ла Валета со 91 отсто.

Чувство на безбедност при шетање ноќе

Кога станува збор за тоа дали луѓето се чувствуваат безбедно додека шетаат сами ноќе низ градот, Скопје е во групата на градови каде под 60 отсто од анкетираните дале потврден одговор, што го сместува во долниот дел на табелата, но сепак не е меѓу 10-те „најнебезбедни градови“ во Европа.

Таа неславна „титула“ ја носи Рим, каде само 38 проценти од жителите дале потврден одговор на ова прашање. Пред него, последната десетка ја заокружуваат Атина со 40 отсто, Марсеј со 43, Неапол, белгиски Лиеж и Истанбул со по 44 проценти, чешка Острава со 45 и унгарски Мишколц и бугарска Софија со по 48 отсто.

За најбезбедни градови за шетање ноќе, со по 87 отсто позитивни одговори, се оценети Копенхаген, Овиедо и Љубљана, пред Бјалисток, Гронинген и Цирих со 86, Алборг со 85, Брага со 84 и Луксембург со 83 проценти.

Со истражувањето се опфатени 71.153 жители од 83 градови од земјите членка на ЕУ и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), од државите од Западниот Балкан, како и од Велика Британија и Турција. Во рамки на анкетата, спроведена меѓу јануари и април 2023 година, биле интервјуирани по најмалку 839 жители од секој град.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот