Исповед на млад музичар: Никогаш не сум сретнал поголема манипулаторка од Елен Деџенерис

Фото: Инстаграм, Грејсон Ченс/EPA

Младиот пејач Грејсон Ченс конечно собра храброст да проговори за неговиот однос со неговата поранешна менторка, комичарката Елен Деџенерис.

Во ексклузивно интервју за музичкото списание „Ролинг стоунс“, 25-годишниот музичар зборува за својот живот, за музичката кариера и за тоа како неговата вирална преработка на песната „Paparazzi“ од Лејди Гага го донесе до емисијата на Елен. На само 12-годишна возраст, тој доживеал неочекувана популарност.

„Не можевме да поверуваме што се случува. Не бевме сигурни во што навлегуваме. Личноста која помогна да се ублажи тој огромен скептицизам и хаотична енергија беше Елен“, рече тој, опишувајќи ја реакцијата на неговото семејство.


На првиот состанок, тврди музичарот, Деџенерис му рекла: „Ќе те заштитам. Ќе бидам тука за тебе. Ќе направиме сѐ – заедно.“

Потоа Елен ја формирала „eleveneleven“, издавачка куќа во соработка со „Interscope Geffen A&M Records“, а првиот договор го потпишала со Грејсон Ченс. Таа го поврзала со одлични менаџери, агент за турнеи, публицист и бренд агент. Во октомври 2010 година бил објавен и првиот мини-албум на Ченс.

За кратко време, проблемите започнале. Како што неговиот распоред на концерти станувал сѐ понапорен, Елен „станувала сѐ подоминантна и сакала да контролира сѐ“.

„Само една порака од неа можеше да ми ги промени неделата, месецот, годината. Тоа беше страшно“, се присетил тој.

Извор близок до Елен, пак, ги негира сеќавањата на Ченс во врска со неговата поранешна менторка и тврди дека комичарката навистина направила сѐ за да му помогне. Изворот рекол дека работите понекогаш не функционираат и дека кариерите не се развиваат и покрај тоа што артистите имаат потенцијал.

Додека Ченс настапувал на турнејата на Миранда Косгроув, Елен успеала да добие копија од документарниот филм „Никогаш не вели никогаш“ на Џастин Бибер.

Ченс тврди дека, иако бил преуморен, Деџенерис барала од него веднаш да го изгледа филмот. Елен имала идеја да ја моделира неговата кариера по примерот на Бибер и неговиот планетарен успех. Сепак, Ченс не го изгледал документарецот веднаш. Тоа многу ја налутило Елен и веднаш ја исконтактирала неговата мајка.

„Слушнав како ѝ вели ‘Па, каква мајка си ти?’ пред директно да ми каже ‘Тешко ми е да ги најдам вистинските зборови за да опишам колку сум разочарана во моментов’. Тогаш знаев дека сум само пион во нејзината игра.“

Младиот музичар тврди дека „лутината“ на Елен, за која наголемо се шпекулира низ годините во светот на забавата, се навлекла во секој аспект од неговата кариера.

Кога продажбата на неговиот албум и билетите за концертите почнала да опаѓа во 2012 година, Елен „целосно се оддалечила“ од него и „го оставила“. Тој тврди дека се обидел да стапи во контакт со неа, но безуспешно. „Interscope“ ја прекинал соработката со него, а неговиот менаџерски тим се распаднал.

И покрај сѐ, Ченс повремено гостувал во емисијата на Елен. Тој бил свесен дека гостувањата имаат силен позитивен ефект врз неговата кариера, но емисијата ја опишува како „место каде доживеал траума“.

„Секогаш кога гостував во нејзината емисија, јас добивав само лажни насмевки. Не ме ни прашуваше како сум. Таа само ми кажуваше за што ќе разговараме и кога ќе бидам јас на ред(во емисијата). Но, пред камерите ќе беше поинаква, кажуваше дека е ‘многу горда на мене’“

Неговото гостување во емисијата на Елен во 2019 година било особено непријатно за музичарот. За време на тонската проба, Елен го прегрнала и го прашала како е. Ченс вели дека тоа го скршило.

Во емисијата, за време на разговорот во студиото, Деџенерис рекла дека е многу горда на Ченс, кој пред две години се декларираше како геј. Тоа направило тој да се почувствува „евтино“.

„Таа немаше ништо со тоа. Ние не разговаравме со години. Тоа е навистина страшно, тој обид да се прикажеме како блиски пријатели пред светот, а зад сцената си лудачки манипулативна личност. Кога го гледам тоа интервју и кога ги следам своите очи, во нив гледам голема мачнина. Можам да видам пострауматско растројство, гледам дека едвај се држам бидејќи знам дека тој настап на телевизија ми е потребен.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот