Исклучително богатата и плодна програмска година на Националната галерија остава траен белег во времето

Колективот на Националната галерија на Северна Македонија

Со традиционална музејска средба, што се одржа на 27 декември во Чифте амам, Националната галерија на Северна Македонија ја испрати 2022 и потсети на најзначајните настани што се одржаа во текот на годината.

Исклучително богата и плодна година со разновидни програмски активности имаше НУ Национална галерија на Република Северна Македонија, со што остава траен белег во времето.

Програмата беше отворена во март 2022, со две вонпрограмски содржини. Прв настан беше изложбата со наслов „Процут кон женственоста“ по повод Меѓународниот ден на жената, а вториот беше организиран и реализиран во соработка со Францускиот институт од Скопје во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на франкофонијата. Станува збор за изложба на македонските основоположници што живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни со наслов „Париски рефлексии“. На двата настана беа претставени дела од богатата ризница на Националната галерија.

Во период 28 март – 21 април во објектот Чифте амам се одржа изложбата „Убавините на Италија“, која претстави фотографии од Архивот „Алинари“ како резултат на соработката на Амбасадата на Италија во РСМ, амбасадорот Н.Е. Андреа Силвестри и поддршката на Министерството за надворешни работи на Италија.

На отворањето на изложбата на Биеналето во Венеција

Во април беше претставен проектот кој беше поставен во македонскиот павилјон во рамките на 59. Венециско биенале од 23 април до 27 ноември. Станува збор за проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска. Комесар на македонскиот павилјон беше д-р Дита Старова Ќерими, а кураторки беа Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов. Изложбата одлично беше прифатена на Биеналето остварувајќи бројка од над 50 илјади посетители.

Ретроспективна изложба на Димитар Кондовски

По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија постави ретроспективна изложба на Димитар Кондовски на 5 мај во објектот Даут пашин амам. Димитар Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето.

Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Поради неверојатниот интерес, големата посетеност и на барање на публиката, изложбата неколкукратно беше продолжувана.

Во текот на летниот период беа поставени изложби на ликовниот уметник Иванчо Талевски со наслов „Пресек: Дама со девет камења“ и на мултимедијалниот уметник Дриант Зенели со наслов „Трилогија“. На почетокот на септември се одржа самостојната изложба на Кирил Гегоски.

Ателјето на Илија Аџиевски

Во втората половина од годината беше отворена „Портретот во фокус“, изложба што го претстави богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски.

Во ноември следуваше ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски – Тофе. На изложбата беа презентирани повеќе од 150 дела на македонскиот бард на акварелот, а беа претставени најрепрезентативните дела од сите творечки фази.

Отворање на ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски – Тофе

Пред крајот на годината беше претставено творештвото на бугарската уметничка група „XXL“, а беше отворена и ретроспективната изложба по повод 30 години творештво на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири.

Националната галерија беше дел и од јубилејната изложба „Сава Шумановиќ и европскиот реализам меѓу двете светски војни“ во Европската престолнина на културата за 2022, Нови Сад, Србија, каде што го претстави ремек-делото од Југословенската збирка со наслов „Турска бања“ на Сава Шумановиќ, создадена во далечната 1926 година.

Дита Старова Ќерими пред слика од Сава Шумановиќ

Во пријателска соработка меѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – „Прво па женско“, во Чифте амам беше претставена Шејла Камериќ.

Како домаќин на активностите по повод третиот роденден на „Јуроп хаус Скопје“ под мотото „Think forward – затоа што културата е важна“, беше направен омаж на културното наследство на Лазар Личеноски и за првпат по многу години јавноста можеше да ја посети спомен-куќата на Личеноски.

Портрет на галичанка со гулаб (1963), мозаик на Лазар Личеноски

Бидејќи темата на Европската Унија за 2023 е „Европска година на вештини“, изборот на Личеноски како автор и мозаикот „Апотеоза на трудот“, претставуваат глорификација на трудот (професиите), вештините. Намерата на Европската делегација, со особено залагање на амбасадорот Дејвид Гир, е да даде поддршка во напорите за валоризација и реконструкција на ова особено културно наследство, спомен-куќата на Лазар Личеноски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 161, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31 декември 2022 – 2 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот