Инвазивната и штетна риба сончарка за првпат уловена во Дебарското Езеро

Фото: Wikipedia

Од водите на Дебарското Езеро денеска за првпат е извлечена риба од видот сончарка, информираат од Спортското риболовно друштво „Трофта” („Пастрмка“).

Рибата е уловена од делот на езерото кај општината Центар Жупа, а риболовецот е извесен Агим од Тетово, кој често рибари на ова езеро, велат од Друштвото.

Сончарката е инвазивен вид од Северна Америка, кој, откако е доведен во Европа на почетокот на 20-от век, е проширен во слатките води насекаде низ Стариот континент. Нејзиното латинско име е Lepomis gibbosus. Малата слатководна риба се среќава во многу наши води, најчесто во акумулациите, но и во Преспанското и Охридското Езеро, како и во реката Црн Дрим, од каде веројатно пристигнала во Дебарското Езеро. Друга претпоставка е дека сончарката, која поради живите бои е популарна риба за чување во аквариуми, била пуштена во езерото од неодговорен сопственик.

Таа е позната и под локалните имиња: јапонски караш, жолтица, јапек, јапич, јапонец, свиланец… Достигнува максимална должина од 15 сантиметри и најголема тежина до 400 грама. Со оглед на тоа што нема природни непријатели, а е агресивна и се храни со икра, други риби и секакви водни животни, сончарката се смета за штетник во реките и езерата во Европа.

Кон средината на април годинава, рибарот Африм Даци од Дебар за првпат улови сом тежок 25 килограми во езерото, кај селото Џепиште. Даци, кој е долгогодишен страстен риболовец, тогаш изјави дека ловел пастрмки, крапови, мрени, скобал, но дека пред него никој не уловил сом.

Од СРД „Трофта” велат дека и тогашниот и денешниот случај се единствени досега од изградбата на акумулацијата пред повеќе од пет децении.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот