Интервју со театарскиот режисер Синиша Евтимов: Живееме во една прилично луда доба

Со четири поставени претстави на сцената на четири театри во Велес, Прилеп и во Скопје, Синиша Евтимов во текот на 2021 година беше најангажираниот театарски режисер, а неговите претстави ќе може да се погледнат и во текот на оваа година.

Театарската уметност во текот на 2020 година речиси да беше згасната. Неизвесноста што ја донесе ковид-пандемјата дури и иницираше нови видео или онлајн театарски форми, со цел да се одржи театарот во живот. Дел од театрите се фокусираа на продукција на монодрами или камерни претстави. По донесените протоколи за работа и за културни настани, во 2021 година театарот повторно оживеа на театарската сцена. Се чини дека театарските работници, но и публиката, научија да работат и живеат во пандемиски услови, иако заканата од новите варијанти на вирусот сѐ уште е присутна.

Во такви услови театарскиот режисер Синиша Евтимов успеа да постави четири претстави на различни театарски сцени во текот на минатата 2021 година, со што стана најангажираниот театарски режисер во државата. Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес ја постави претставата „Четири соби“, работена според мотиви од сценариото на истоимениот култен филм од 1995 година.

Во октомври 2021 на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се случи премиерната изведба на претставата „Да, инспекторе – претстава со грешки“. Пред крајот на годината Турскиот театар во Скопје ја изведе премиерата на „Кројач за дами“ според текстот на Жорж Фејдо, додека Театар Комедија ја изведе претставата „Глупаци (Клетвата на Скотје)“ според пиеса на Нил Сајмон со драматургија на Дарко Јан Спасов.

Како режисер Синиша Евтимов е посакуван од театарските ансамбли, бидејќи успева да оствари убава комуникација со актерите и со уметничката екипа во текот на процесот на создавање на претставите, а тие потоа имаат лесна комуникација и со публиката, што е предуслов претставата подолго време да остане на театарскиот репертоар. Комуникацијата со Евтимов лесно течеше и во реализацијата на ова интервју.

Дали оваа интензивна продукција е редовен ритам на работа, или, можеби, е подвиг, особено во време на ковид-пандемија со многубројни ограничувања?

– Да, ова беше навистина интензивна година на професионален план. Се разбира, не секогаш е вака, ниту, пак, треба да биде. Ваквиот ангажман е последица на турбулентниот пандемски период кој го живееме. Имено, два од овие четири проекти, беа предвидени да имаат премиера во 2020 година, но се поместија од добро познатите, веќе и досадни причини.

Воопшто не беше лесно, но ете сепак, успеав да го реализирам планираното и со оглед на околностите и условите во кои работевме, морам да заклучам, дека сум презадоволен од финалните продукти.

„Четири соби“ во НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес

Годината ти почна со претставата „Четири соби“ во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Адаптација на филмско сценарио на театарска сцена е често присутно кај нас изминативе години. Со каква цел го адаптираше сценариото од овој култен филм?

– Идејата за соработка постоеше одамна, но овој пат, директорот на институцијата, Сашо Димоски, имаше конкретен предлог за мене, кој навистина ме заинтригира. Имено, тој, препознавајќи го мојот афинитет кон адаптации на филмски сценарија за сцена, ми предложи, да се обидеме да создадеме една сосема нова театарска претстава, која ќе биде базирана на култниот филм „Четири соби“ на Тарантино и Родригез. Воедно самиот процес го претворивме во работилница со наслов „Од филмско сценарио до сцена“. Резултатот е едно сосема ново дело, кое несомнено има референци од филмот, но сосема суверено живее на сцена, во еден нов алтернативен универзум, кој повеќе има врска со луѓето и местото во кое живееме, отколку со оригиналните идеи и поставки на филмот.

„Да, инспекторе – претстава со грешки“ во НТ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Во Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја постави комедијата „Да, инспекторе – претстава со грешки“. Претставата е поглед кон времето во кое живееме и покажува дека „отмено пропаѓаме“. На што е базиран овој став?

– Имаме привилегија, или хендикеп, зависи кој како гледа на работите, да живееме во една прилично луда доба. Не дека нашите генерации имаат ексклузивитет на ова лудило, но сепак, фактот што знаеме повеќе од што треба едни за други, не носи на едно прилично депресивно место во кривата на графиконот на човечката историја. А парадоксално е, технолошки невидено напредуваме, додека интелектуално, морално, па и духовно, сме во амбис. Претставата зборува токму за ова и во основа е адаптација на еден од најголемите театарски светски хитови на 21 век „The play that goes wrong“. Премисата на пиесата е, сѐ лошо што можете да замислите дека може да се случи при изведба на една претстава, овде се случува, помножено со пет.

Станува збор за група аматери, или подобро кажано, театарски ентузијасти, кои се обидуваат да стигнат од точка А до точка Б, притоа соочувајќи се со невидени пречки, кои тие самите на себе си ги поставуваат. Грешката станува изнуден концепт и секоја наредна одлука, всушност, е отстранување на грешката, но не и на проблемот. Сето ова, дури размислуваат кога ќе прават пауза за јадење. Се надевам паралелата е јасна, па оттаму и „отмено пропаѓаме“.

„Кројач за дами“ во Турски театар – Скопје

Пред крајот на годината во краток период беа изведени премиерите на „Кројач за дами“ во Турскиот театар и „Глупаци (Клетвата на Скотје)“ во Театар Комедија. Паралелно работеше за да се случат премиерите на двете претстави?

– Да, всушност станува збор за два проекта, кои беа планирани да излезат во 2020 година, но поради веќе добро познатите причини, моравме да ги поместиме за следната сезона. За волја на вистината, двата проекта имаа сосема различна динамика на работа, но, за среќа, успеавме да излеземе на крај со сите предизвици кои се испречија пред нас.

Имено проектот „Глупаци“ или „Клетвата на Скотје“ е досега најдолгиот процес во мојата досегашна кариера, која веќе брои четвртина век. Во активните две години работа на овој проект, имавме навистина сериозни продукциски пречки, три сменети директори, безброј ковид-инфекции, но ете, конечно, на крајот на 2021 година успеавме да излеземе со продукт на кој сите се горди. Поради паузите што ги имавме во овој процес, во меѓувреме, ги реализирав сите останати претстави за кои погоре говоревме. Вклучувајќи ја и „Кројач за дами“ во Турскиот театар, која ќе ми остане во сеќавање како еден од најлесните процеси што некогаш сум ги имал. Прекрасен ансамбл, фантастично професионална техничка екипа, која даде сѐ од себе во далеку од идеални услови да успее во реализацијата на сите зацртани идеи.

„Глупаци (Клетвата на Скотје)“ во Театар Комедија

Колку преку комедијата е полесно да се укаже на некои сериозни процеси што се случуваат и кај нас и во светот?

– Мислам дека во моментов е најлесно да се констатира дека ништо не чини. Потешко е како да разбереме дека ништо не чини поради нас самите. Живееме во ера на олеснителни околности. Ера на експерти и експертизи на која било тема. Сите знаеме сѐ за сите и сите знаеме како треба и како не. Се разбира, само за себе не. А и ние самите никогаш не сме проблемот! Моите претстави секогаш говорат за ова, без разлика дали станува збор за фарса, политичка сатира, драмедија или кој било калап што го милувате. За мене, сето тоа е театар, трагедија или комедија е поглед на светот и нештата кои се случуваат во него. Јас одбирам да се смеам, само така станувам подобар, смеејќи се на грешките, учејќи од нив. Самосожалување, патење, глумење жртва, се работи што се регресивни во мојот „мајндсет“.

Како режисер, нема подобра појдовна точка од тоа да имаш екипа што знае зошто е тука и која верува во себе и своите способности

Во сите овие претстави беа вклучени околу 40-ина актер(к)и. Со каков актерски потенцијал располагаат театрите од режисерска гледна точка?

– Не е тајна, ниту, пак, новост, дека Македонија располага со фантастичен актерски потенцијал. Навистина е чест и задоволство да се работи со сите овие луѓе, кои несебично се даваат себеси на сцена и тоа се гледа во крајниот продукт. Како режисер, нема подобра појдовна точка од тоа да имаш екипа која знае зошто е тука и која верува во себе и своите способности. Оваа година работев во Велес, Прилеп и во два театри во Скопје и за сите нив можам да зборувам во суперлативи. Но, истото можам да го кажам и за секој друг театар во Македонија во кој сум работел.

Некои од твоите претстави опстојуваат со години на театарската сцена. Веројатно рекордот го држи „Сомнително лице“ во МНТ со повеќе од 150 изведби. Кој е твојот личен режисерски принцип и методологија при поставувањето на секоја нова претстава? На пример, во „Глупаци (Клетвата на Скотје)“ дури преку бајковита сатира се отсликува реалноста што ја живееме!

– Принципот и методот се менуваат или, подобро кажано, се адаптираат на условите и на зададената задача. Јас секогаш се обидувам да создадам нови услови, предизвици кои се непознати, затоа што сметам дека на тој начин, перспективата, погледот е поинаков и секогаш свеж. Навистина е тешко да го задржиш вниманието на гледачот, а притоа секогаш да му понудиш нешто ново. Особено во овој конкретен случај, кога несомнено е создадена критична маса, која со нетрпение го очекува мојот нов проект. Одговорноста е голема, да создадеш нешто кое ќе ги задоволи потребите на публиката, но и моите лични критериуми. Моите претстави играат долго на сцените поради фактот што на театарската сцена резонира денешницата, резонираат ликови слични на оние седнати во аудиториумот, па тие се препознаваат и наоѓаат убавина во тоа.

Последново прашање е поврзано со сценската уметност, но е насочено кон музиката. Со години си дел од „ПМГ Колектив“, а во последно време поактивен си со „Кантон 6“. Ако режијата е професија, дали музиката е „хоби“?

– Интересна е таа приказна, моја приватна адаптација на д-р Џекил и г. Хајд. Театарот и музиката се преплетуваат во мојот живот од најрани години. А, од друга страна, професионално двете егзистираат сосема одвоено, ете веќе 20-ина години. Ако треба да бидеме формални, мојата професија е де факто театарски режисер. Од тоа живеам, тоа го сакам, уживам во својата работа, на сцена сум дома и тоа е тоа. Е сега, во реалноста сето ова ми овозможи да реализирам и една сосема друга моја љубов, наречена музика.

Пред 30 години бев музички фанатик, ентузијаст, секогаш чекајќи го новиот албум, сингл, ЕП, на омилениот бенд на моментот. Напредокот во театарската кариера ми овозможи полека, со текот на времето, да напредувам и од музички ентузијаст да се претворам во музички инструменталист што членува во бенд и креира, па сѐ до подоцнежната фаза, на музички продуцент и композитор, со повеќе од 20 изданија зад своето име, како дел од „ПМГ Колектив“, „Кантон 6“ и мноштво други проекти потпишани за „ПМГ Рекордингс“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 113, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот