Интервју со сликарот Симон Шемов за изложбата „Мултиверзум“: Сегашниот ѕвезден опус е само еден предодреден континуитет

Симон Шемов им се обраќа пред присутните на отворањето на ретроспективната изложба

Во репрезентативниот простор на Даут-пашиниот амам при Националната галерија до 27 ноември ќе биде поставена ретроспективната изложба „Мултиверзум“ на академскиот сликар Симон Шемов, која поради нејзината атрактивност едноставно не смее да се пропушти.

Исклучително интересна и вредна изложба е поставена во повеќе простории на Даут пашиниот амам во Скопје. Со наслов „Мултиверзум“ академскиот сликар Симон Шемов спојува десетина години од својата работа во една поставка.

За тематската определба на изложбата историчарката на уметност Соња Абаџиева посочува дека „Шемов е вљубен во живиот свет. Тука е сосредоточена неговата неизмерлива тврдоглавост да го растајни опстанокот во целиот универзум, каков, колкав и каде и да ѐ“.

Кураторката Ана Франговска, пак, посочува дека „најновиот творечки циклус на маестро Шемов се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, односно со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното“.

Новиот циклус на Шемов содржи околу 400 дела, а голем дел од нив сега се претставени пред ликовната јавност.

Во просторот на Даут-пашиниот амам е поставена Вашата самостојна изложба со наслов „Мултиверзум“. Станува збор за повеќеслоен циклус на кој работите во изминатите десетина години. Колку потсегменти има циклусот?

– Меѓу првите тематски определби во оваа моја десетгодишна креативна активност беше потциклусот „Пантеист“. Оваа тематика ме поврза со педесетина години наназад сличната проблематика. Ниту тогаш ниту сега, оваа тематика немаше намера да го толкува античкиот или пантеизмот на Спиноза. Мојот пантеист е опседнат од убавината на сеопфатноста, од земната раскошност и космичката недофатливост. Останатите тематики се „Паралелни светови“, „Темна енергија“, „Големата експлозија“, „Ангелска галаксија“, „Архетип на животот“.

Мојот пантеист е опседнат од убавината на сеопфатноста, од земната раскошност и космичката недофатливост

На поставката работевте со две исклучителни професионалки во музејската дејност, Соња Абаџиева и Ана Франговска. Што за уметникот значи соработката со кураторите?

– Соработката со Соња Абаџиева постои повеќе од четириесетина години. Една од ретроспекциите ги реализирав токму со неа. Таа е врвен професионалец во својата струка. Во балканските простори таа е една од десетината највидни експерти за ликовната уметност, а можат да ѝ позавидат и доста познати европски куратори. Нејзините анализи се прецизно лоцирани, со леснотија и едноставност таа допира до срцевината на уметничките ликовни состојби. Првите подготовки, првите идеи за оваа моја изложба започнаа со Абаџиева. Разговорите во ателјето, состаноците, студиозното проникнување во секое дело (Соња прегледа повеќе од четиристотини мои дела), артикулираа еден чудесен текст, креативна експресија со висок ритам и занес. Јас сум крајно благодарен не само за убавиот текст во каталогот, туку и за сета нејзина вклученост во овој проект, од првите наши разговори до маестралното учество во постановката на делата во изложбениот простор.

Со Ана Франговска сум соработувал на неколку мои проекти и секојпат сум се восхитувал на нејзината организаторска способност. Таа еднакво се вклучуваше во сите сегменти на подготовките на изложбата, од многубројните технички моменти од опсежната комуникациска активност, поместувајќи преубави авторски текстови во каталогот, како и перфекција во аранжирање на делата во Даут пашиниот амам.

Имав среќа овие две кураторки да се вткајат во реализацијата на мојата изложба. Морам да ја истакнам и улогата на Борис Шемов. Тој ме храбреше, консултациите со него ми беа од огромна важност, во проблематичните ситуации неговите совети беа драгоцени. Тој сотвори еден прекрасен каталог каков што досега не сум имал и по изјавите на многумина – една од најубавите книги од оваа област во Македонија. Без неговото учество немаше да се одлучам за ваква изложба со сложена проблематика. Едно големо благодарам, Борис.

Насловот на изложбата асоцира на потрага по тајните на универзумот на ликовен начин. Како и со каква цел се роди Вашиот интерес за оваа тематика?

– Уште во шеесеттите години на минатиот век допирав до некои неземни нешта. Во циклусот „Детски игри“ од седумдесеттите многу често ѕвездените неба беа како параван за детските игриви лудории. Сегашниот ѕвезден опус е само еден предодреден континуитет.

Универзумот е безвременски и бесконечен (барем досега не сме успеале да стигнеме до неговите граници), а човековиот живот е краток и, во физичка смисла, конечен. Дали уметноста може да го премости овој хендикеп, имајќи предвид дека во Вашите дела тематски разработувате одредени архетипи на животот?

– Религијата се занимава со оваа проблематика на еден посебен начин. Филозофијата (која беше како замена за науката) од античко време па до денеска не пропушти да елаборира за надземното. Науката реши многу проблеми за еден многу краток период (во дваесеттиот и почетокот на овој век). Меѓутоа, познато е дека со секое ново откритие науката ја коригира претходната своја грешка, нешто што нас нѐ доведува во недоумица. Физиката не може да излезе од материјалното, хемијата не функционира без некои однапред зададени знаци.

Уметноста вакви проблеми нема. Во уметноста термините „се развива“, „напредува“, „открива“, не постојат. За уметникот нема ограничување, нема забрани. Контемплативноста, интуицијата, непречено нас нѐ води во некои, за науката хипотетични сфери. Нам ни се поблиски утопијата, метафизиката. Сите ние бараме почеток и некакви граничници. Прво постоеше само Сончевиот Систем, потоа сознанието дека постои само Млечниот Пат, па понатаму дека има многу такви галаксии и допревме до универзумот. Тој, по оваа поставеност, не мора да е единствен. Следствено на оваа редоследност би требало да го прифатиме бесконечното, Мултиверзумот.

Во теоријата за големата експлозија СЀ е создадено од една точка. Можеби и животот настанал од ЕДНО. За создавањето на животот, хемијата не е многу убедлива, ниту физиката. Овие спекулации за мене беа повод да се зафатам за циклусот „Архетип на животот“. Се разбира, овие мои истражувања се поместени во сферата на ликовната уметност. Сите мои контемплации за бесконечното, за нематеријалното, мораа да се решаваат (за жал) со сликарска, графичка, вајарска материјалност (бои, целулоза, релјефни структури). Трагајќи по некаков зародиш создадов многубројни знаци, симболи, геометризам, несредени траги (прифатливи за зен-уметноста)…

Заклучив дека не пронајдов нешто конечно, туку разрешив многу ликовни прашања. Прошетката низ поставката ми ја откри нераскинливата врска на темата „Мултиверзум“ со моментот „Архефакт на животот“. Мало и големо, горе и доле, правилно и неправилно, сето ова се сложуваше со мојот ликовен концепт да се создаде целина од спротивности.

Симон Шемов покрај своето дело „Мултиверзум“, 2019, комбинирана техника на платно

Во изработката на делата користите повеќе медиуми, но општопозната е Вашата виртуозност во рачната изработка на хартија, која ја користите за ликовните дела. Се сеќавате ли како се појави интересот за тој медиум и од кого ги учевте тајните на изработката?

– Не се откажав од ниедна ликовна технологија, но веќе одамна сум преокупиран со технологијата „Медиум целулоза“. Планинарејќи, собирав лековити билки, за чаеви, за исхрана и како додатни апликации во моите ликовни инсталации. Набљудувај ја оваа моја пасија, некој (не се сеќавам кој) ми рече да се информирам за постапката на заробување суви билки во хартија, што ја практикуваат Јапонците. Но, оваа постапка не е изводлива без рачно изработена хартија. Затоа набавив литература, алати и друга опрема, се зачленив во светската организација за оваа технологија, патував во Јапонија и во САД. Следеа сериозно конципираните научноистражувачки проекти „Медиум целулоза“ преку домашното Министерство за наука и меѓународните фондации „Темпус“ и УНЕСКО. И ете, така макотрпно, но систематски се стекнав со знаење да можам да ја користам домашната целулоза (од македонско билно потекло) како технолошки услов за создавање уметност. Врз оваа и со оваа материја можев да создавам објекти, релјефи, слики и графики. Трајноста беше гарантирана, затоа што користев најквалитетно целулозно влакно, осознаена и потврдена преку овие научно-истражувачки проекти. Предноста на оваа технологија е што делата создадени во ателје лесно се складираат и уште попогодни се за транспорт.

Изложбата „Мултиверзум“ е распослана во повеќе простории на Даут-пашиниот амам

На изложбата е претставен видеодокументарец за процесот на изработка на хартијата. Какви тајни крие самиот процес на изработка и која е спецификата на така изработената хартија за употреба како медиум за ликовно дело?

– Оваа технологија е многу сложена. Потрагата по квалитетни билки и стебла е поврзана со природата, планините, ливадите. Собраната кора од растенијата (се користи само нивната бела коричка) потоа се развлакнува во квалитетна пулпа. Пулпата се состои само од долговлакнеста целулоза и вода, ништо повеќе. За оваа постапка потребни се многу скапи машини и соодветна опрема.

За разлика од индустриската хартија, во мојата хартија не се користи никаква хемија, никакви лепила, ниту полнила и со тоа се постигнува извонредна долготрајност и врвен квалитет. Друга предност е нејзината употребливост во сите ликовни техники, сликарство, графика, вајарство. Значи не морав да купувам скапа суровина од далекуазиските земји, туку сам си ја обезбедував од блиската околина (од коприва, бозел, дафне, црница,…), едноставно кажано ме чинеше само физичкиот напор.

„Архетип на животот“, 2014, рачно изработена хартија

Дигиталното време донесе некои нови медиуми за уметнички израз. Какво е вашето чувство за класичните материјали? Каков карактер на делото му дава целулозата како материјал?

– Поврзаноста со новите медиуми е што оваа целулозна материја претставува идеална подлога за дигитално печатење. Овој материјал е суптилен со атрактивна структура и заедно со ликовниот суплемент создава неповторлив ефект. Јас ги почитувам и класичните и новонастанатите материјални изразни средства. Моето искуство е сврзано како со маслената техника, пастелот, акварелот, така и за средствата со кои се артикулира со инсталациите, објектите, хепенинзите.

Потребата за истражување и творење кај уметниците е вечна. Како Вие ја чувствувате во себе и кон што Ве носи таквата потреба?

– Јас сум истражувач. Во секој истражувачки потфат се обидувам да го постигнам максимумот, да ги допрам скоро недофатливите граници на нештата, и ликовно и технолошки.

Многу години бевте професор на Факултетот за ликовни уметности (во еден период и декан). Што кај Вас ја одржуваше љубовта кон уметноста и на кој начин истата ја пренесувавте на своите студенти? Какви совети им дававте?

– За време на мојот педагошки работен стаж го делев и составував времето на педагог и уметник, без да ѝ одземам што било на едната или на другата активност. Сметав дека добар педагог не може да биде уметник без свое лично творечко искуство. Искуството од ателје го пренесував во класата, притоа внимавајќи да не создадам слепи поддржувачи на моите ставови. Ги поучував студентите дека во уметноста има многу светогледи, но секој студент треба да го следи своето внатрешно нужно. И покрај големото значење на професионалната подука, за која давав сѐ од себе, за мене позначајно беше студентот да израсне како добар човек.

Ја користам оваа пригода да ѝ се заблагодарам на директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, која сесрдно се заложи овој проект „Мултиверзум“ да се реализира беспрекорно, се разбира заедно со колективот на установата. Благодарност и до Игор Василев за мајсторските фотографии; на донаторскиот видеоприлог на Атанас Георгиев; на прекрасниот говорен исказ на академик Влада Урошевиќ за време на отворањето на изложбата. Благодарност и до Министерството за култура за поддршката на мојата ретроспективна изложба.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 201, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот