Интервју со писателката Ана Јовковска: Детската книжевност ми дојде како природен процес откако станав родител

Ана Јовковска, писателка, новинарка и научна истражувачка

Интерактивната илустрирана книга за деца „Љубов во топка“ на авторката Ана Јовковска, која го обработува проблемот на врсничкото насилство (булинг) како еден од најгорчливите проблеми на денешното општество, ќе биде промовирана на 11 април во КСП „Центар-Јадро“.

Втората илустрирана книга за деца (а седма по ред) на авторката Ана Јовковска, која е веќе искусен книжевен творец, придружувана со одличните илустрации на сликарката Иванка НиБа ветува дека ќе биде неизбежно и поучно четиво за децата од предучилишна и раноучилишна возраст и ќе им пренесе длабока порака поврзана со една од најгорливите теми на денешницата – врсничкото насилство.

– Оваа интерактивна илустрирана книга за деца, во која главните протагонисти се децата Марко, Петар и Алма, е приказна за пријателството, емпатијата и солидарноста како контрапункт на врсничкото насилство. Малите читатели ќе се идентификуваат и ќе сочувствуваат со главниот лик, жртвата Марко, ќе бидат храбри како Алма, но ќе се научат и како да се однесуваат со насилниците како Петар. Приказната ќе разбуди повеќе емоции кај децата и – пред сѐ, ќе предизвика емпатија околу неправдата што ја трпи главниот протагонист, нарушената самодоверба, осаменоста и чувството на отфрленост – истакнува рецензентката Билјана Црвенковска.

Авторката Ана Јовковска (1982, Скопје) е научен истражувач, докторанд на културолошки студии, магистер по културолошки студии, дипломирана новинарка, авторка, колумнистка, ТВ-уредничка и специјалист за односи со јавност. Од 2021 година Јовковска е вработена како научен истражувач во Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје.

Авторка е на седум книги: „Пулсот и времето“ („Силсонс“ / „Матица македонска“, 2015), „Ехо на слободата“ („Три“, 2018), „Сакам, значи постојам“ („Три“, 2019), илустрирана книга за деца „До небото и назад“ („Едиција Светулка“, 2021), „Емотивен талог“ („Три“, 2022), „Уметноста на дијалогот“ (Институт за македонска литература, 2023) и илустрирана книга за деца „Љубов во топка“ („Едиција Светулка“, 2024).

Промоцијата ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“, а промотор ќе биде проф. д-р Владимир Мартиновски

Во својата најнова книга „Љубов во топка“ Јовковска раскажува приказна што не бега од тагата како емоција, но завршува оптимистички, иницира борба за решавање на проблемите и нуди надеж, особено за најмладите генерации.

Зошто сликовницата „Љубов во топка“ беше замислена како интерактивна илустрирана книга за деца?

– Читањето е активен процес и сметам дека е особено важен за социо-емоционалниот развој на децата. Децата се љубопитни суштества и тие сакаат да поставуваат илјадници прашања во текот на денот, но сакаат и да бидат прашани за нивното мислење. Затоа, важно е да се избегне пасивната рецепција, а да се развива интерактивен однос со книгата. Моите мали интервенции во прашална форма во текстот на приказната се со цел да ги поттикнам децата да размислуваат со своја глава во тој конкретен миг, да им дозволиме да кажат како тие се чувствуваат и да бидат вистински слушнати.

Кога му читам на моето дете, секогаш му давам простор да каже како ја разбира приказната, што мисли за одреден лик, како тој би постапил во таа ситуација… со други зборови, му дозволувам да „допише“ своја верзија на приказната. Така се развива и проблемското, односно критичкото мислење. Читачката култура кај децата треба да се развива од најмали нозе, а во таа рана фаза од личноста на детето покрај ритуалот на читање, важен е и чинот за (пре)раскажување. Секое прашање ја буди детската имагинација и фантазија.

Што беше клучно во составувањето на наративната нишка на книгата?

– Повеќе работи ми беа важни кога решив да ја пишувам „Љубов во топка“. Првата се однесува на мотивот на нарацијата, односно на потребата да раскажам приказна со која ќе може емоционално да се идентификуваат различни деца и родители. Да истражам и да отворам проблем што е акутен во денешното општество, кој честопати се турка под чергиче, а тоа е горчливиот талог на врсничкото насилство или булингот. Да напишам приказна со која ќе се сензибилизираат луѓето за важноста за менталното здравје на децата.

Втората работа се однесува на ликовите. Сакав да создадам реални ликови, а важно ми беше да има и различни деца во приказната, како што, всушност, има во реалниот живот и да им отстапам простор и на децата кои се поинакви. Во книгата има и една хероина со нетипичен развој, со попреченост. Станува збор за девојче со тешкотии во говорот, спореден лик, а во суштина клучен за разврската на приказната.

Третата работа ми беше да го опфатам широкиот спектар на емоции кај децата. Да ја легитимирам тагата како емоција и децата да сфатат дека е вообичаено понекогаш да се чувствуваат тажно и осамено, но и да учат како да ја канализираат тагата. Конечно, најважно ми беше да најдам начин да ја претставам борбата на доброто и злото малку понијансирано или покомплексно од црно-белата диоптрија.

Какви чувства треба да развие оваа книга кај децата?

– Доволно ќе ми биде да развие чувства кај децата. Идејата е да го поминеме целиот спектар на емоции – од тага до радост. Верувам дека најмногу ќе доминираат чувството на емпатија и потребата за правичност. Би сакала сликовницата да побуди и проактивност кај децата. И секако, верба дека секој проблем има решение. Значи, ако треба да истакнам едно клучно чувство, тоа е чувство на надеж и радост.

Визуелниот симбол на глуварчето е силна метафора за приказната во сликовницата „Љубов во топка“

Од друга страна, каква беше твојата интеракција со илустраторката при создавањето на книгата?

– Нераскинлива. Идејата за книгата ја крчкав долго време, а ја развив во мојата глава за многу брзо време. Приказната ја пишував во осама, преиспитувајќи се дали ги наоѓам правите зборови да го опишам кревкото детско срце, стравот и несигурноста што децата понекогаш ги чувствуваат, како најдобро да ја портретирам нарушената самодоверба кај едно дете, како со зборови да го обојам пријателството, како да ја нагласам добрината… а потоа следуваше процесот на заедничко креирање на целиот тоналитет на книгата заедно со илустраторката Иванка НиБа.

Зад секоја добра сликовница се крие силна професионална хемија помеѓу авторот и илустраторот. Илустрациите на Иванка со нивната суптилна текстурна основа, топол колоритен пристап, како и со динамиката на потезниот цртеж и експресивноста на карактерите го доловуваат секој слој во приказната. И самата корица на книгата преку визуелниот симбол на глуварчето е силна метафора.

До пред само две-три години зборувавме дека нема доволно нови автори и книги за деца. Се чини дека сега работите се прилично променети. Што тебе те понесе кон светот на детската имагинација?

– Вакуумот од македонска литература за деца создаден во еден временски период сега е пополнет со голем број автори кои пишуваат на македонски јазик, а збогатен и со извонредни илустратори. За еден страстен пишувач е убав предизвик да се бара во разни жанрови и правци. Ова ми е седма книга, а втора за деца, што кажува дека, сепак, моето книжевно и публицистичко перо е пофреквентно во светот на возрасните. Но, детската книжевност ми дојде како природен процес откако станав родител.

Во изминативе седум години откако се роди моето дете, се фокусирав на добра детска книжевност, домашна и преводна, нешто што претходно многу не ме интересирало. Одамна имав понуди да пишувам за деца, ама некако не беше дојдено времето. Пред четири години добив предлог за соработка од издавачката куќа „Едиција Светулка“ и тогаш конечно решив да се втурнам во едно ново пишувачко поле. Малку потоа ја напишав и ја објавив мојата прва книга за деца „До небото и назад“, илустрирана од Иванка НиБа, која за многу брзо време се распродаде во тираж од 1000 примероци. Тоа е одличен показател дека луѓето се жедни за македонска литература за деца.

Јас сум човек што сака постојано да учи и не би можела да се помирам со професионална средина што создава медиокритетски работници и лажни авторитети, уште помалку со генерална зачмаеност на духот

Со какви обврски се соочуваш како научен истражувач вработен во Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје?

– Со најубавите обврски својствени за еден научен и културен работник. По дваесет години кариера во медиумите – новинарска, уредничка, телевизиска, продуцентска, како и работа како консултант на разни проекти и истражувања од областа на културата и образованието, многубројни јавни настапи и обуки… последниве две и пол години својата експертиза ја развивам и ја надградувам во Институтот за македонска литература (ИМЛ) при УКИМ.

Отсекогаш ми била потребна динамика во професијата, нешто што дише, продлабочува и инспирира надвор од четирите ѕида на канцелариите. Научно-истражувачката работа овозможува една таква широчина и длабочина. Има луѓе од разни професии кои по завршувањето на работното време немаат никаков интерес за својата работа, јас, пак, уживам да работам, да истражувам, да читам, да пишувам и да се вмрежувам во светот на науката и културата во секој временски процеп. И секој научен труд, рецензија, конференции, меѓународни проекти… се напластуваат како нови врвови за искачување.

Јас сум човек што сака постојано да учи и не би можела да се помирам со професионална средина што создава медиокритетски работници и лажни авторитети, уште помалку со генерална зачмаеност на духот. Затоа, среќна сум што имам можност да заедничарам со еден прекрасен научноистражувачки тим или колектив во ИМЛ, кој постојано се инспирира еден од друг и се развива.

Академската средина често важи за дувло на суети, но привилегирана сум да работам со интелектуалци што својот научен габарит го впрегнуваат во несебичен придонес за македонската книжевна наука и културолошките студии. Институтот за македонска литература беше мојот избор и за магистерски и за докторски студии.

Книга „Уметноста на дијалогот“ – Дијалози за животот распослани на 300 страници

Во издание на Институтот за македонска литература пред три месеци беше објавена твојата книга „Уметноста на дијалогот“. Што носи содржината на книгата?

– Дијалози за животот распослани на 300 страници… Инспирирани од општеството на спектаклот, идеолошките затвори, книжевните борби, постколонијалниот свет, клаустофобијата на духот, постпандемискиот свет, технолошкиот кафез, еколошката катастрофа, па сè до најубавите работи што го растреперуваат срцето – терапевтската моќ на пишувањето, духовното растење и љубовта како спасение.

Успеваат ли уметниците, меѓу нив и книжевниците, да воспостават дијалог со општеството и обратно, колку општеството е подготвено да го прифати дијалогот со уметниците?

– Дијалог секогаш има, но прашањето е каков е тој дијалог. Дали е релевантен за општествените активности и формирањето на културните политики или е истуркан во некое ќоше и маргинализиран? Дали е конструктивен или циничен? Дали е длабок или површен? Дали е нарачан или е слободен? Уметниците мора да бидат коректив на секоја власт. Тие мора да бидат гласот на совеста и на убавината. Уметниците и книжевниците треба да бидат слободни и сигурни за низ отпорот да може да создаваат подобар свет. Тој дијалог меѓу уметниците и општеството мора да е неуморен и непредаден.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 225, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот