Интервју со Петар Младеновски, вокален солист на „Суперхикс“: Рок-музиката е потребна!

Петар Младеновски - Каде ќе нè однесе бродот „Суперхикс“, тоа никој не би можел да знае

Една од најпопуларните музички групи кај нас „Суперхикс“, годинава одбележува 30-годишен јубилеј, а тоа беше директен повод да „ѕирнеме во тефтерот“ на вокалниот солист Петар Младеновски.

Групата „Суперхикс“ цели 30 години активно е присутна на македонската музичка сцена. Во обид да дознаеме детали за опстојувањето на бендот, Петар Младеновски ни открива цела дискографска енциклопедија поврзана со работата на групата.

На почетокот на март ја објави информацијата за 30-тиот роденден на бендот „Суперхикс“. Со кои факти е поткрепена информацијата за денот кога е создадена групата?

– Со фактот дека на 3 март 1994 година во скопското клупче „Дорс“ беше и официјално отсвирен првиот настап на бендот со името „Суперхикс“, кој во тој момент делуваше, по неколку одржани проби, како трио и кое свиреше некој тип гаражен панк-рок, малку ска, малку гранџ и слично на тоа. Настапот е „фактографски“ документиран во самопрогласениот дневник на вокалистот на овој состав (јас на мои 16-17 години) во кои беа забележувани дотогаш сите концерти во Скопје и надвор од него, на кои било присутно ова момче и неговите импресии од нив, а сега, ете, за првпат на една страница напишани и деталите за првиот настап на новоформираниот бенд именуван како „Суперхикс“ (по името на Суперхик, антихерој од стриповите „Алан Форд“).

Значи, за да биде појасно. „Суперхикс“ како некаков „обид за бенд“ веќе имаа и во претходните неколку месеци десетици проби и менувања на поставите (беа тоа претежно проби во подрумот на нашиот прв тапанар – Зоран Жежов и во просториите на Пожарната во Ѓорче Петров со уште неколку други бендови), но ова е дефинитивниот датум и момент одбран како роденденот или раѓањето на групата „Суперхикс“. Другото е историја што трае, еве веќе полни 30 години.

Тоа време беше сосема поинакво од денешното. Сите функционираа „аналогно“. Каков предизвик беше да се набават инструменти и да се најде простор за „свирка“?

– Мачни времиња и тешки предизвици за почетниците, хаха! Така е. Сѐ функционираше аналогно. Музички инструменти, како електрични и бас гитари, па и тапаните, потешко се набавуваа, а и беа доста скапи. Претежно свиревме на некакви чешки, југословенски, бугарски копии на поизвиканите фирми за инструменти од западните земји, па така наместо на тапани „прл“, гитара „фендер“ или бас „рикенбекер“, ние свиревме на тапани „амати“, гитара „пулдин“, бас „кремона“.

Снимањата на првите снимки на некако попрофесионален и поквалитетен начин и нивно миксање и мастер за нас беше, речиси, невозможна мисија, од причина што во тоа време музичките студија се броеја на прсти, а во нив беше прескапо да се влезе и да се откупи термин за снимање, а камоли за микс и мастер на некаков авторски материјал. Се снаоѓавме како знаеме и умееме и првите снимки беа направени токму во споменатиот подрум, на касетофонски „дек“ и од тоа се роди нашето прво демо-издание таа 1994-та насловено како „Јодл“ со страшно ужасен квалитет, седум нумери и со DIY-дизајн правен на некоја амига или атари компјутер. Каде се наоѓаат овие снимки и касета денес… би сакале да знаеме! Хаха!

За просторите за проби некако и се снаоѓавме и тоа беше „полесната“ страна на мисијата да се направи и свири во бенд. Прво бевме во подрумот на Зоран, Пожарната во Ѓорче. Подоцна во гаражите кај „Скопјанка“, училиштето „Ј. Б. Тито“, маалата низ Аеродром, гаражите кај Грчка амбасада и така натаму. Често делевме гаража со еден или два бенда. И така некако се снаоѓавме во „недигиталната“ ера. Денес е сѐ некако полесно, ама и сѐ некако без особен „печат“.

Процесот „на ти-дај ми емоции“ со публиката е присутен на концертите на „Суперхикс“ низ сите 30 години музицирање / Фотографија: Стефан Рајхл

Која музичка хемија го одржуваше бендот тогаш, но и сега, во состојба на „готовс“ за настап?

– Го одржуваше и тогаш, но и сега, чистата енергија, дух и желба да се свири во бенд. Да се свири со повеќе музичари – пријатели, а во исто време и да отсвириш нешто свое, нешто авторско, нешто што излегло од тебе како музика, песна, текст, некаков музички материјал. Истовремено и хемијата и процесот на „на ти-дај ми емоции“ со публиката што е присутна на концертите низ годините.

Стојам зад тоа и тврдам дека нема (барем за мене, за нас) поубаво чувство од тоа по поминати години, километри и стотици настапи да излезеш пред публика која знае што си направил и го цени тоа. Има ли поубаво нешто за еден музичар, па згора на тоа и автор, да излезе пред 500, 3.000, 7.000 души и тие да ги пеат рефрените, да играат, да се забавуваат. Да знаеш дека си дел од екипа што внела некаква позитивна енергија меѓу луѓето, која ги расположува, да знаеш дека се обидуваш да укажеш на некоја аномалија или да испорачаш порака за подобро утре, да добиеш имејл или порака на социјалните мрежи од непозната личност што ќе ти напише „вие ми го спасивте животот со вашата музика и текстови“, „вие ме избавивте од депресија“ и слично на тоа. Да ти дојде родител на негови 45 години со синот или ќерката од некои 7, 10, 15 години и да ти кажат дека „вие сте ни фамилијарен бенд и сите ве слушаме по дома“. Е, па, тврдам дека – нема!

Некој можеби ќе рече: „Ах, тие и заработуваат и живеат од тоа и лесно им е ним“. Нешто што би било точно ако знаат дека покрај ова, речиси сите членови работат уште една до две работи, а се декларирани „професионални музичари“. Не им е на музичарите (особено ако сте дел од некоја „рокенрол фела“ каде што и нема многу пари во целава работа) баш лесно.

Посебно не во средина на вечна транзиција, несредени пазарни услови за работа, нестабилна економија, нерегулирани докрај авторски права и наплата за користење на истите, нерегулирани изведувачки права, турбуленции на сцената на менаџментот и продукциите во земјава и што се уште не. Е, па, ние, еве, сѐ уште сме живи како состав и покрај сето тоа, хаха!

Десетина музичари поминале низ „Суперхикс“, но бендот секогаш имал стабилен состав

Во овие 30 години многу музичари беа дел од составот на „Суперхикс“. Како сите тие влијаеја врз развојот на бендот?

– Десетина музичари поминаа низ „Суперхикс“ како такви. Од стартните рани 90-ти до денес. Не дека и денес не се случуваат промени во составот. Циклус и процес е тоа, особено кога работите со состав од шест, седум, осум души. Да почнеме од самите почетоци кога во групата што во тоа време настапуваше како трио, како некоја првична база беа членовите: Зоран Жежов – Кечо на тапани, Борис Минов на гитара и јас, Петар Младеновски, на бас и вокал. Потоа оваа трио формација ја напуштаме некаде на почетокот на 1998 година и во тој момент зад тапаните седнува Лазар Дарковски, Борис и јас остануваме на гитара и бас, а на труба и тромбон доаѓаат Александар Спасовски – Жути (сѐ уште актуелен член) и Ивица Ивановски – Папак. Период кога почнавме повеќе да експериментираме и со некакви свинг звуци, повеќе ска и реге, малку дури и џез можеби… но, секако, и панк-рок, рок и слично.

Во 1999-2000 година повторно се случуваат турбуленции и во бендот, па, така, на местото на Лазар, кој замина за Лондон, доаѓа Дарко Попов (и денес активен член на бендот). За кратко во бендот и како лајв и како студиски музичар се задржува тука и ресенчанецот Живко Шулинчевски. Покрај Дарко, како брас засилување доаѓаат и Коста Велков на алт саксофон и Димитар Тодоровски на труба и флигел хорна. За кратко, по снимањето на првиот студиски албум, бендот го напушта Коста Велков и остануваме „6-мина млади“. Ова функционира вака на првите два студиски албуми и првите турнеи на почетоците на двеилјадитите.

Некаде до 2006-2007 кога Ивица го напушта составот и на негово место доаѓа Бранко Илиевски на тромбон, со кого го снимаме и третиот албум во Хрватска („И сега – што?“, Загреб, 2007, издаден 2008 под етикета на „Литиум рекордс“). На овие неколку албуми како придружни членови гостуваат и Пере Мелов на труба и Славе Спировски како диџеј. Нешто подоцна Бранко заминува за Америка и повторно на краток период се враќа Ивица, кој бргу ќе биде заменет со тенор саксофон што го свири Горан Папаз и со кого го снимаме и легендарниот албум „Африка“ (барем ние сметаме дека е легендарен).

Папаз го напушта бендот некаде кон 2015-тата, а наскоро и Димитар некаде околу овој период и на нивно место доаѓаат повторно гореспоменуваниот Бранко и Симе Златков на тенор саксофон. Формација што функционираше како таква до скоро. Сега во бендот како редовни членови се јавуваат Петар, Дарко, Борис, Жути, Бранко, од неодамна на саксофон – Валентин Видовиќ и, секако, Гоце Лалковски, кој е во групата како диџеј веќе десетина години.

Секако низ бендот како привремени членови поминаа и Владан Дробицки, Петар Колевски, Стефан Алексовски, Гоце Наумов, Сале Конга, Дино Милосављевиќ и кој сѐ уште не. Нека ни простат оние што можеби сме ги заборавиле.

Секој од споменатите музичари со својот начин на интерпретација, настап, боја на звук и слично, како и авторски (дали музички, дали текстуално) оставиле голем и траен печат и влијание врз звукот на „Суперхикс“ низ годините. Им благодариме на секој од нив поединечно! Се надеваме дека голем дел од нив ќе настапат како гости на големиот концерт што го подготвуваме некаде за јуни годинава.

„Суперхикс“ зад себе имаат десетици турнеи на кои посетиле и отсвиреле концерти во повеќе од 18 земји / Фотографија: Зденко Петровски

На почетокот Логин Кочишки беше менаџер и извршен продуцент на бендот, а секогаш со огромна радост и елан настапувавте на „Таксират“. Кој е сега менаџер на групата и во кој правец го насочувате кормилото?

– Логин Кочишки беше практично првиот човек што ни понуди „менаџерски договор“ што предвидуваше снимање два студиски албума, настапи, спонзори, ПР и друго. Секако, ова се случи по големиот успех на песната „Глупави песни“, која буквално не се симнуваше таа, сега далечна, 2000-та година од сите топ-листи, радија, ТВ-а, дискотеки, клубови. Ма секаде ја имаше!

По ова со Логин, а секако тука беа и Дарко и Дејан (некогашно „Југотон“, подоцна „Литиум рекордс“) и со „Литиум рекордс“ потпишавме официјален договор за споменатите проекти и морам да признаам дека дури и самите бевме изненадени како брзо и добро се одвиваат за нас работите.

Следуваа години на три студиски албума, еден лајв албум во 2004-тата година, безброј турнеи низ многу европски земји. Отсвирени беа најголемите регионални фестивали (па и пошироко). Некаде кон 2008-мата беше снимен и третиот студиски албум „И сега – што?“ под диригентско-продукциска палка на најпознатиот хрватски продуцент – Денис Мујаџиќ Деникен, за чии потреби и престојувавме во Загреб и во селото покрај Загреб, каде што се наоѓаше студиото на Деникен, Света Недела, цели 20-ина дена.

Некаде година до две по ова, полека како Логин да влезе во некои покрупни проекти (Ману Чао, „Дубиоза колектив“, „Таксират фестивал“, кој веќе беше етаблиран низ годините, „Д-Фестивал“) и некако, веројатно и логично можеби, почна да се оддалечува од улогата на извршен продуцент и менаџер на „Суперхикс“. Па некако тој следен студиски албум, насловен како „Африка“, за кој лично сметам дека ги има едни од најголемите хитови на „Суперхикс“, како „На лута рана“, „Африка“, „Ти треба некој“, „Безгрешен“ и слични, беше снимен буквално DIY (Do It Yourself) и никогаш официјално издаден од ниедна дискографска или продуцентска куќа.

Студиските термини кај Гоце Симоновски во студиото „Супернова“ во Тетово (а дел и во Скопје е сниман) си ги плативме сами. Материјалот беше измиксан и мастериран за минимален износ, а истиот во тираж од 500-ина до 1000 примероци беше отпечатен во Бугарија (благодарност до Енис Хаџиќ – Енко) и продаван „под рака“, хаха. Денеска, секако се наоѓа на сите стрим-платформи под етикета на „ДМА мјузик“.

По ова веќе мислам дека ние одиме по својот пат, а Логин по неговиот и од таа 2010-та со повремен ангажман на некои букинг-лица, како нашиот драг Владица Младеновски – Грга, бендот „Суперхикс“ нема свој менаџмент и продукција.

Да напоменам дека голема заслуга за издавањето на „Бест оф“ албумот и студискиот албум „Underground Evergreens“, кои се појавија во периодот 2015-2018 година, има Дарко Николовски од тогашниот „Југотон рекордс“, кој, за жал, повеќе не постои, исто како и „Литиум рекордс“.

Сите подготовки за големиот концерт по повод големата 30-ка на „Суперхикс“, сите снимања во студиото, издавањето на најновиот албум, снимањето на какви-такви подобри и полоши спотови, одржување на профилите на мрежите низ годиниве… бендот сам ги менаџира!

Секако тука доста помогнаа некои наши спонзори и пријатели. И затоа, кормилото мислам дека во моментов сами го држиме (знаеме и да го испуштиме на моменти, хаха!), а каде ќе нè однесе бродот „Суперхикс“, тоа никој не би можел да знае.

Се знае ли кога е создадена додавката „Банда Инструментале“?

– Додавката „Банда Инструментале“ некако се појави по излегувањето на вториот студиски албум, насловен „Трумано“. На истиот од страна на нашиот драг пријател Ѓорѓи Томовски е изработен и дизајн кој вклучува и една оригинална италијанска Веспа, која подоцна ќе стане лого, трејдмарк, заштитен знак на „Суперхикс“. И некако од тој италијански момент со веспата некој почна да се зафркава дека сме биле „Банда Инструментале“, па подоцна тоа звучеше малку поинаку ако го напишеш како „Инстру-Ментале“, хаха, и ете, некако тоа остана како додавка на бендот и ден-денес се користи и така не нарекуваат многумина.

А богами и самите на соопштенијата или известувањата знаеме да се потпишуваме како „Секогаш Ваши, Банда Инструментале – Суперхикс!“ Тоа лого со веспата и фонтот за името „Суперхикс“ некако низ годините, логично се спои и со ова „Банда Инструментале“, и како такво комплетно често го користевме за печатење на нашите знамиња за концерти, маици, налепници и беџови.

Рок-музиката е важна за одржување на здравиот дух, разум и доброто расположение

Зошто рок-музиката (културата) е неопходна состојка на секое современо општество?

– Зашто ако не ја третирате како култура, набргу ќе ве „изедат“ кичот, шундот, турбо-фолкот, неквалитетот, девијантните социјални моменти, криминалот, неукоста, некултурата, непочитувањето. Како што, впрочем, би било и со кој било друг вид култура. Замислите општество без рокенрол, слики, филм, мултимедијални проекти, книги? Е, ние натаму се движиме. Кон едно тотално стерилно општество во кое рокенролот не се третира како култура или повремено се третира, на мигови. Така здраво општество не се гради!

Рок-музиката има своја порака. Испорачува свои ставови кои најчесто зборуваат за подобро и поквалитетно утре. Рок-музиката е за светски мир и запирање на сите војни и конфликти. Рок-музиката е позитивна музичка вибрација. Рок-музиката веќе станува традиционална култура и заслужува многу повеќе почит и застапеност. Еден рок-бенд е како и еден фудбалски тим. Тука важат принципи на дружење, почит, но и карање и расправии, колективно разбирање и делување, пренесување добра идеја, мисла и порака.

Рок-музиката е важна за одржување на здравиот дух, разум и доброто расположение. Па има ли нешто подобро од добро ислушан и изигран концерт или полна душа и уши од добар албум? Рок-музиката е потребна! Некој ќе каже „Ех…, а она секс, дрога и рокенрол?“ Драги мои, сексот, блудот, развратот и дрогите денеска се во турбо-фолкот. Кај директорите на разни компании, кај олигарсите, кај лажните елити во прескапите скопски клубови и ресторани од кои трешти некоја „трендсетер-певаљка“, кај политичарите, кај министрите. Никако кај рокерите денес! Хаха! Рокерите немаат толкаво богатство.

„Рамонс“ пееја „Now I wanna sniff some glue“. Ма јок! Нема ни тоа во рокенролот денес. Младите бендови, особено во Македонија, тие момци и девојки се млади луѓе за пример!

Какви планови имате за прослава на 30-годишниот јубилеј на групата?

– Имавме една песна од нашиот прв албум која вели „Идеи илјада – реализација, нема никаква!“ Хахаха! Ама тоа нема да дозволиме за оваа 30-ка да ни се случи и веќе сме активни со состаноци на „Банда инструментале“, а полека почнуваме и со проби за големиот концерт, кој по сè изгледа ќе се случи некаде кон крајот на јуни, ама за тоа, за некоја недела. Нека се подготвува скопската публика што ја „штедевме“ цели две години со ненастапување во Скопје.

Секако, најпрвин следуваат април и промоцијата на најновиот сингл и спот направени во соработка со „Фолтин“. Веднаш потоа, некаде кон средината на април и промоција на најновиот албум снимен и мастериран во студиото „Тра-ла-ла“ кај Мите Димовски. Некаде кон октомври годинава ќе следуваат и изложба на постери од „Суперхикс“ низ годините од нивните турнеи и концерти, проекција и промоција на документарец по повод „30 години Суперхикс“, акустична сесија до крајот на годината.

Очекуваме и датуми за летово за разни настапи низ земјава и регионот. И уште многу работи, ама ајде да почнеме најпрвин со првите нешта и по планот. Повелете сите и уживајте во јубилејот на „Суперхикс“. Одиме понатаму!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 222, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот