
Интервју со Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење: Доењето не е само храна, туку и поврзаност, сила, љубов
Од 1 до 7 август во Културниот центар Јадро, Скопје, се одбележува Светската недела на доењето со богата програма исполнета со едукативни предавања, разговори и содржини насочени кон поддршка на мајките.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Зад оваа иницијатива стои Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење, лидерка на германската Ла Лече лига и основачка на платформата „Доење со љубов“. Таа со години живее и работи во Германија, но своето знаење и искуство несебично го споделува и со семејствата во Македонија.
Во интервју за „Слободен печат“, таа зборува за предизвиците со кои се соочуваат мајките, за системската поддршка што недостасува, но и за моќта на емпатијата.
Наташа, годинашното одбележување на Светската недела на доењето во Скопје има посебно значење – славите и петгодишен јубилеј на организацијата. Како се чувствувате кога се навраќате на самиот почеток?
– Искрено, чувството е мешавина од возбуда, благодарност и малку неверување – колку многу порасна оваа иницијатива за само пет години. Почнавме со голема желба, за време на корона периодот, онлајн, без поддршка, но со многу љубов и желба да го споделиме нашето знаење. Сѐ што имавме беше силна мотивација – да создадеме настан преку кој ќе допреме до семејствата во нашата земја, кој ќе го слави, вреднува и ќе го поддржува доењето на едно доследно ниво.
Јас и Јасна Апостолски Николов од „Бебелогија“ ја водиме оваа иницијатива веќе петта година по ред, оваа година и со поддршка од Ивана од „Доилка“, затоа што веруваме дека, како што постојат вакви настани низ светот, така треба да постојат и кај нас – отворени, достапни за сите, особено со цел бесплатна едукација за сите семејства, како и сите учесници во нудењето поддршка на семејствата – здравствените работници, родилиштата и сл. Ова е наш начин на одбележување на Светската недела на доењето, преку многубројни едукативни активности, но и преку давање јавна видливост на доењето како важен, човечен и вреден чин. Со тоа, се надеваме дека еден ден ќе успееме да влијаеме и врз системски промени, кои ќе ја олеснат и охрабрат поддршката за доењето на сите нивоа.
Годинава навистина се чувствува дека иницијативата порасна, не само по бројот на настани и учесници туку и по влијанието што го има врз заедницата.
Што Ве поттикна да се посветите токму на доењето и на емпатичното родителство и како се разви Вашата приказна, од Германија до Македонија?
– Моето лично искуство со доењето е темелот на целата моја приказна и патеката што ме доведе до таму каде што сум денес. Имам две деца, едното е родено во Скопје, а другото во Германија, и токму таа разлика меѓу двете средини ми го отвори видикот за тоа колку значи вистинската поддршка за доењето.
Во Германија имав чувство дека системот е структуриран така што веќе од старт ја охрабрува мајката, ѝ обезбедува пристап до проверени информации. Таму има и групи за поддршка, доенечки кафиња, Ла Лече лига, АФС, три институти за лактација… иако и таму има голем простор за подобрување, во секој случај е неспоредливо со Македонија, каде што често недостасува иницијалната едукација, информации од проверени извори и стручна, емпатична поддршка.
Таа разлика ме мотивираше да го отворам профилот „Доење со љубов“. Сакав да создадам удобно, интимно катче каде што ќе бидат собрани проверени информации, искуства и поддршка – достапни за секое семејство кое сака да се информира, а не да се изгуби во хаосот на интернет-совети.
По пет години, профилот порасна многу повеќе отколку што можев да замислам, и ќе расте и на други јазици и во други простори, но најмногу се радувам што ја задржа оригиналната идеја – топол простор каде што доењето се гледа со љубов, разбирање и достоинство. Така почна и мојата посветеност не само на доењето, туку и на емпатичното родителство – како начин, но и како вредност.

Со што најчесто се соочуваат мајките кога станува збор за доењето и каде најмногу им треба поддршка?
– Најголем проблем се некоректно пласираните информации за доењето, кои, пак, водат до нереални очекувања во поглед на тоа како треба да изгледа доењето. Особено ако додадеме дека мајките најчесто немаат едукација за доење пред да се породат и влегуваат во тоа патешествие многу оптимистички – со мислата: „ставам бебе на града, и тоа е тоа… па ако имам проблем, ќе го решавам“. Но, проблеми најчесто има – и ако на мајките не им се посочи дека тие предизвици се сосема нормален дел од патот, дека речиси сите семејства се соочуваат со нив, и дека со соодветна едукација и правилни совети се надминуваат многу брзо – тогаш реакцијата на семејствата често е несоодветна, а чекорите што ги преземаат можат да го отежнат доењето, наместо да го олеснат.
Дополнително, мајките се многу емотивни по породувањето. Ако не успеат да дојат, тоа навистина може длабоко да влијае на нивните емоции, но и на тоа како се гледаат себеси како родители. Наместо поддршка, многу често добиваат спротивно – притисоци, коментари, или совети што не се универзално применливи и не успеваат кај секој доенечки пар. Ако на сето тоа се додадат и вечно присутните митови за доењето, добиваме совршен рецепт за предизвици. Кога семејството не е едуцирано, кога не знае што се случува и како да реагира, многу лесно доаѓа до прекин на доењето. И токму затоа верувам дека вистинската поддршка почнува со реална, проверена и емпатична едукација.
Вашето предавање оваа година е посветено на оралните рестрикции. Што, всушност, се тие и како влијаат врз доењето?
– Ова е една од темите за која навистина сакам да зборувам, затоа што моето лично искуство со второто детенце беше токму такво – и токму затоа оваа тема е веќе петта година дел од нашето „мени“ на одбележувањето на Светската недела на доењето.
Замислете мајка што го дои своето бебе. Го дои често, на барање, ги следи сите совети што ги добила… но бебето не напредува со тежината. И сите околу неа креваат рамена. На крај, добива одговор дека треба да даде адаптирано млеко, со објаснување: „Немаш доволно млеко“. И да, тоа можеби е делумно точен одговор – но не е крајниот одговор. Бидејќи и тука треба да си го поставиме прашањето: „Зошто?“. Премногу често, целата одговорност се става на мајката. Но, доењето е процес на двајца, и факторот бебе мора да биде земен предвид. Кај нас, за жал, тоа ретко се случува. Оралните рестрикции, кои доаѓаат од страна на бебето, може сериозно да влијаат врз процесот на доење. Бебиња со такви рестрикции не можат ефикасно да цицаат, со што недоволно ја стимулираат градата – а млекото, пак, се „прилагодува“ според таа намалена побарувачка. И така, сосема природно, доаѓа до намалено количество млеко, без вистински да го препознаеме коренот на проблемот.
Ако не ја разбираме биомеханиката на доењето, ако не знаеме како изгледа ефективно доење, ако не сме едуцирани да ги забележиме суптилните знаци дека нешто не функционира – тогаш и решенијата ќе ни бидат ограничени. Оралните рестрикции не влијаат само врз доењето – тоа е само едно од местата каде што се манифестираат. Затоа едукацијата е клучна. И затоа оваа година со гордост велиме дека имаме исклучителна програма – со предавачи што се токму експерти за орални рестрикции, и тоа со меѓународно искуство и признание. Ги охрабрувам сите семејства да дојдат и да ги проследат едукациите, затоа што понекогаш само едно „Аха!“ може целосно да ја промени сликата за поддршката што ја заслужуваме.

Има ли доволно информираност за оралните рестрикции кај нас и каде родителите можат да побараат помош?
– Ќе бидам искрена и директна. Во моментов не постои организиран и лесно достапен систем на стручна поддршка за орални рестрикции во Македонија. Ако е за некаква утеха, и во Германија сè уште се соочуваме со предизвици на оваа тема, и покрај тоа што постои специјализирано здружение за орални рестрикции, кое обучува стручни лица и објавува листи со препорачани експерти.
Во Македонија, ситуацијата е уште посложена. Честопати дури и професионалците не ги препознаваат оралните рестрикции како пречка за доење, или прават непотполна и несоодветна евалуација. Наместо да ја земат целата клиничка слика, се задржуваат само на визуелната проценка. Темата е навистина комплексна и бара специфична обука и искуство, не само од медицински аспект туку и од аспект на доењето.
Моја силна препорака е секогаш првата станица да биде консултант за доење, по можност IBCLC, или барем лице за кое имате сигурна препорака дека има знаење и искуство токму во оваа област. Јас моите семејства од Македонија секогаш ги упатувам кај Јасна – затоа што знам дека ќе добијат информирана, внимателна и темелна поддршка.
Мотото на кампањата е „Создаваме одржливи системи за поддршка“. Како изгледа еден вистински функционален систем што ѝ помага на мајката?
– Функционален систем на поддршка за доење изгледа така што мајката не мора сама да ја бара поддршката – туку таа ѝ е достапна, структурирана и сигурна уште пред самото раѓање. Тоа значи: да има континуирана едукација за доењето уште во бременоста, обучен кадар на сите нивоа – од бабици, педијатри, гинеколози, до матични лекари и патронажни сестри, кои даваат усогласени и научно засновани совети, достапни консултанти за доење уште во родилиштата, родилишта што се стремат да го поддржуваат доењето преку своите протоколи и пракси, да има вклучување на целото семејство, особено партнерите, во процесот на поддршка, да има пријателски простори за доење, како и правна и општествена заштита – на пример, на работното место.
Системот е одржлив кога не зависи од ентузијазмот на поединци, туку има вградени механизми за поддршка што се достапни и еднакви за сите. Кога една мајка добива навремена, точна и емпатична поддршка, таа не само што ќе има подобро искуство со доењето туку ќе биде посамоуверена, поопуштена и ќе го почне родителството од место на сила, а не на фрустрација.
Која е Вашата најсилна порака до мајките што се соочуваат со тешкотии – било на почетокот, било подоцна во текот на доењето?
– Најискрената порака што можам да им ја упатам е – не сте сами, и не сте вие виновни. Тешкотиите во доењето не значат дека не сте добра мајка или дека не сте доволни. Тие само значат дека ви треба соодветна поддршка, нешто што сите мајки го заслужуваат, но не секогаш го добиваат. Доењето не е „или оди – или не оди“. Тоа често е пат со предизвици, со кривини, но и со можност за учење, поврзување и растење. И токму затоа едукацијата е важна, за кога ќе се појави првата тешкотија – да се побара поддршка, а не веднаш да се посомнева во себе. Мајките се храбри, посветени и неверојатно способни, само понекогаш им треба некој што ќе им каже: „Те слушам. Те разбирам. И има решение“.