ИНТЕРВЈУ со Кокан Димушевски: Публиката ќе види од мене нешто сосема поинакво во 2020. година

Сè уште верувам дека публиката и во овие денешни извитоперени времиња знае да го препознае и цени квалитетот, вели музичарот Никола -Кокан Димушевски во разговорот за „Слободен печат“.

Повод за нашиот разговор со Кокан Димушевски, музичар и клавијатурист, е неодамна освоената прва награда на меѓународното биенале Тактонс, и тоа – по петти пат.

На меѓународното биенале Тактонс, најважниот настан за тон мајсторите од регионот, ја добивте првата награда, но ова не е и права награда која сте ја освоиле на Тактонс. Какво значење има оваа награда и вам што ви значи?

– Наградите секогаш им значат на уметниците. Тие се дел од нивната уметничка кариера, признание дека вложениот труд, емоција, време, е нешто повеќе од лична сатисфакција, особено кога пристигнуваат и од публиката, но и од стручната јавност. Конкретно, наградата од Тактонс за мене има посебно значење бидејќи ја добивам по петти пат. Десет години по ред, во исклучително силна конкуренција на стручњаци за кои и самиот имам многу високо мислење, сум првонаграден, а пред четири години освоив и „гранд при“ поради освоени две први места и најголем вкупен број на поени во однос на другите учесници. Не помалку ми се важни и наградата за животно дело „Трајко Прокопиев”, која ми ја додели Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, плакетите за заслуги на полето на радиофонското обликување од стана на Би-Би-Си и Радио Франција.

Драго ми е што мојот уникатен креативен израз е препознаен и вреднуван. Јас сум истражувач, ја сакам слободата да продуцирам нов звук, да комбинирам нешто што навидум е неспоиво, да користам нови форми, да создавам нови правила. Ја сакам возбудата во мојата работа. А овој патоказ што ми го даваат наградите е за мене одличен одговор на моите лични прашања -дали и каде понатаму…

Кога се настапува со популарна музика, како што тоа порано беше случај со “Леб и сол”, полесно се стигнува до широк аудиториум и бројни концерти. Какви се можностите за такво нешто со амбиентална или електро-акустична музика, каква што компонирате во последниве години?

Леб и сол е една убава епизода од мојата музичка кариера. Ја имавме среќата да создаваме квалитетна музика и таа да биде препознаена и валоризирана од широката публика. Но, јас сè уште верувам дека публиката и во овие денешни извитоперени времиња знае да го препознае и цени квалитетот. Можеби нејзиниот број, во глобални рамки, е значително намален, но се уште ја има на задоволително ниво. Сакам да истакнам дека кога творам, кога создавам, не размислувам за тоа колку лесно или тешко ќе допрам до публиката. Ја следам својата инспирација, истражувам, си го следам она внатрешно чувство. Истото со кое создавав и додека бев дел од „Леб и сол“ и додека работам на театарска музика, на експериментална, електронска музика… И моите концерти се секогаш различни, надградени со нови музички моменти. Прво, не сакам мене, како музичар да ми биде здодевно на сцената. Да бидеш уметник значи да ја имаш привилегијата да бидеш креативен. А, потоа доаѓа она чувство кога гледаш дека публиката ужива во твојот музички потписи дека тоа го очекувала од тебе. Тоа е она што ти дава нова сила, нова енергија.

Додека луѓето се обидуваат да се изборат за својата егзистенција, бомбардирани се со невкус, со кич од сите страни.

Колку музиката доби во техничка смисла со развојот на технологијата, а колку изгуби во уметничка смисла, бидејќи секој може да биде музичар и композитор?

Случувањата во музиката се одраз на инстант времето во кое живееме. Додека луѓето се обидуваат да се изборат за својата егзистенција, бомбардирани се со невкус, со кич од сите страни. Сиромаштијата навлезе во сите нивни пори, го уништи и нивниот дух. Во трката за пари и сигурност, станаа лесна мета на оние кои со својата моќ и богатство управуваат со сè, па и со креирањето на културниот лик на земјава. И тоа е, воедно, кратката приказна за тоа како брзиот чекор на технологијата ја одведе и музиката во непосакуван правец. Оттука произлезе и впечатокот дека секој може да биде композитор, да биде музичар. За мене, уметноста е многу повеќе од комбинирање на готови семплови музика. Недостига уникатност, индивидуалност. Креативност која ќе направи слушателот да го препознае твојот личен потпис во звукот што си го продуцирал. Низ твојот звук, стил, аранжман да ја препознае твојата емоција.

Со што моментно сте преокупирани, што подготвувате?

– Бев многу продуктивен во изминатите три години. Создадов многу минути нова музика – музика за театарски пиеси, мјузикл, мјузикл за деца, балет, електронска музика, оркестарски дела за симфониски оркестар, филмска музика, мултимедијален проект со симфониски оркестар, хор и видео анимација, камерни дела, разни најавни и одјавни музички авиза, итн. Ќе се согласите дека оваа 3-4 месечна пауза што во моементов ја правам е заслужена. Но, веќе можам да најавам дека публиката ќе види нешто и сосема поинакво во 2020. година. Се надевам дека премиерата ќе биде во август 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот