Интервју со Катерина Христовска: Нашите пари се неверојатни културни мисионери

Триесетгодишнината од монетарната самостојност на нашата држава е одбележана и со изложбата „В/редности и вредности“, која од 7 јули е поставена во Музејот на Народната банка. Станува збор за привремена изложба на која може да се погледнат археолошките и историските артефакти кои се земени како инспирација за дизајнирањето на македонските банкноти.

Парите како физичко средство за размена, покрај ознаките за својата номинална вредност, претставуваат и медиум на чии аверсни и реверсни страни се прикажани многу други културни, историски и уметнички вредности од обединувачко значење за целокупната државна заедница. Тие се медиум кој ја уточнува и ја означува, всушност, споделената заедничка приказна за македонската држава.

За приказната што ја носи изложбата разговаравме со Катерина Христовска, раководителка на Музејот на Народната банка.

Самиот наслов посочува дека изложбата „В/редности и вредности“ има повеќе значења. За какви редности и вредности станува збор?

– Насловот наликува на вербална тавтологија, но тој не е тоа. Тој, всушност, се обидува да му укаже на читателот/реципиентот априори да ја земе предвид значенската повеќеслојност на изложбениот концепт. Изложбата го претставува и го опишува македонското културно наследство како постојна, реална предлошка за дизајнирањето на предните и задните страни на тековното издание банкноти, но таа, исто така го контекстуализира тоа наследство како парадигма за вредност, поточно како немерлива метавредност наспроти монетарниот дискурс за изразување вредности. Да, нејзиниот наслов практично нè поканува да промислуваме и за конфронтацијата помеѓу формално уредените, договорени вредности и фундаменталните, инхерентни вредности – оние што циклично се (само)обновуваат во траекторија на светската цивилизација и кои, нам луѓето, особено ни се потребни во/по периоди на кризи и општествени потреси.

Карактеристично за дизајнот на македонските пари е што на нив нема историски личности, туку се аплицирани објекти и предмети од културното, историското и уметничкото наследство. Дали тоа значи дека самите пари се еден вид „изложба“ на културното наследство и зошто тоа е така?

– Да, се. Сечии национални пари во модерна смисла на зборот, се подвижна, мултиплицирана „изложба“, по себе, тие се уникатна, амблематична ликовна експресија на споделени вредности поврзани со колективниот идентитет. Нивниот јазик секогаш има обединувачка интонација. Да се потсетиме, еврото е законски еталон за чување, мерење и изразување вредност чиј гарант е европската политичка заедница, но ликовниот јазик употребен за означување на предната и задната страна на седумте евро-банкноти, освен ознаките за номиналноста и за суверенот, е наратив за исто толку архитектонски стилови создадени и негувани на европската територија во минатите историски епохи. Не би било коректно, а не е ни точно да се тврди (и да се перпетуира тоа избрзано тврдење) дека уважувањето на наследството и на меморијата за тоа наследство е исклучив ретрограден традиционализам, национализам, национал-романтизам и така натаму -изам.

Легитимноста на минатото е конструктивен елемент на било која сувереност, ирелевантно од времето на нејзиниот формален почеток. Но, исто така е точно дека во моментот кога беше воведена заедничката валута на Европската Унија, беа повлечени од оптек засебните национални валути на нејзините земји-членки, што едновремено го означи и прекинот на креирање парични дизајни со значајни историски личности. Претпоставувам, како израз на волја за заедништво помеѓу различни нации што се во потрага по својата обединувачка основа, којашто спојува без да загрозува. Културата и културните агенси ја поседуваат таа моќ.

Нашите пари во таа смисла, се неверојатни културни мисионери, кои во продолжение на избраните мотиви на нивните аверси и реверси, како отслика на културното наследство создавано од страна на минатите цивилизации и во нивното време на овие простори, заедно со вибрантните бои на македонскиот природен амбиент, употребени како одделна основа за секоја банкнота засебно, се исклучително интересни дизајнерски решенија, кои, и по скоро 30 години од нивното воведување, сè уште ја поседуваат својата изворна ликовна елоквентност и индивидуалност. Тие се многу карактеристични.

Дизајнот на шест од македонските банкноти, создадени во 1996 година се дело на македонската уметница Билјана Унковска, додека дизајнот на два – на апоените од 200 и 2000 денари, е изработен од графичкиот уметник Ласко Џуровски во 2016 година. Нивните решенија беа избрани на јавен и анонимен конкурс, организиран од страна на Народната банка.

Златна погребна маска, почеток на V век пр.н.е., Горна Порта, Охрид, 2002; НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј – Охрид
На аверсот на банкнотата од 500 денари е употребена една од Требенишките маски, денес во Народниот музеј во Белград

Поставката „В/редности и вредности“ е составена од осум амбиенти, колку што има книжни банкноти во нашата држава. Кои се заедничките карактеристики на амбиентите?

– Овие осум концептуални амбиенти, па дури и поетски слики, како што ги нарече проф. Хаџи-Пуља во своето обраќање на отворањето на изложбата, во чии рамки се изложени реалните предмети и/или фотографски претстави за нив (делови од недвижно архитектонско наследство, делови од фрескоживопис или предмети коишто не беше можно да се изложат заради различни предизвици), се обединети во индивидуални наслови и одделни микротекстови. Тие се, пак, од своја страна, неизбежно поврзани со архетипски концепти што се дистинктивно респектирани на овдешниот македонски простор, создадени во минатото, а траат уште, и тие, и нивните природни и логични последици во времето. Нешто како траен перфект. Со нив, мислам ни е извонредно лесно да се поистоветиме. Мислам на пример, на Светлина, Камен, Куќа, Дом итн.

Овие микронаративи, заедно со дополнителниот визуелен материјал, се околноста, контекстот во кој се поставени артефактите. Секој од нив е образложен со дополнителни сликовни и текстуални информации. Но, постоеше свесен обид тие да бидат прочистени од теророт на хиперинформирањето, така да се изразам, и во тој поглед, во конципирањето на визуелноста на изложбата од посебно значење беше стручниот придонес на архитектката Маја Хаџи-Јорданова и нејзините соработници. Тие, заедно со студиото „Кома“ успеаа, мислам, да го отелотворат целиот кураторски концепт, на многу веродостоен начин. Покрај нив, би сакала да го уважам креативниот труд на продукциските куќи „Вертиго“ и „ОХО“, со чија помош беа создадени видеа што обезбедуваат дополнителна лапидарна количина информации кои треба да го информираат и инволвираат посетителот додека ја искусува изложбата.

Златни обетки во форма на гулабица, III-II век пр.н.е., Требенишко Кале, Охридско, употребени на аверсот и на реверсот на банкнотата од 1000 денари

Од друга страна, по што е специфичен секој амбиент посебно, бидејќи секој сегмент од изложбата има свој тематски поднаслов?

– Специфичноста произлегува од исклучителноста на секој од претставените предмети, коишто го наложуваат, го предиспонираат тематскиот поднаслов: „Градот на светлината“, „Злато и опиум“, „Византиска Македонија“, повторно да споменам некои од нив. Стручните информации, пак, за самите предмети се збирови истражувачки сознанија коишто многу децении наназад се пластени во институтите и институциите за заштита, проучување и промоција на културно-историското и уметничкото наследство, и тоа не само во рамките на локалното.

Но, на торзото на божицата Изида, фасадата на Шарената џамија, иконата на Богородица Епискепсис, една од виничките икони, тетовската Менада, оваа изложба им дава ново значење, заради што ги поканувам посетителите тоа да го откријат во прво лице. Визурите на овие наративи се реални и многу непосредни. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 7 јануари 2023 година, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е слободен.

Изложбата овозможува зачудено да погледнеме во нашите паричници и да го откриеме изворното значење на стилизираните цртежи на банкнотите

Изложби од ваков тип се вистинска реткост кај нас. Какво е значењето на поставувањето музејска изложба посветена на македонските банкноти?

– Оваа година се одбележуваат три децении монетарна самостојност на современата македонска држава, а воедно исто толку од постоењето на македонскиот денар. За мене беше кураторски предизвик да биде реализирана идејата на едно место да биде возможно да се видат сите предмети коишто се користени во формалното обликување на дизајнот на македонските книжни пари што сè уште се во оптек.

Мислам дека изложбата овозможува зачудено да погледнеме во нашите паричници и да го откриеме изворното значење на стилизираните цртежи на нашите банкноти кои, заедно со останатите номинални обележја, функционално ни овозможуваат да ги разликуваме апоените од нашиот монетарен систем. Тој едукативен момент е важен. Него се обидувавме да го постигнеме и со објавувањето на брошура за деца на училишна возраст, во која на поедноставен начин се опишани македонските убавини сложени во нашите паричници. Оваа изложба е еден чекор понапред, едно движење кон реалното, кон искусување на реалната тридимензионалност на веројатно најзначајните репрезенти на нашето заедничко културно наследство.

Нејзините одекнувања во јавноста би требале попрецизно од мене да го утврдат тоа културно, а можеби и секакво друго значење, ако, при тоа, самостојно го стекне во текот на нејзината поставеност. Според првите импресии, разбирам дека изложбата успева да комуницира со посетителите на елоквентен начин. Во смисла на нејзината образовна, педагошка мисија.

Но, и покрај нејзиното формално спокојство, би претпочитала, во продолжение на тоа, да успева да полемизира и да предизвикува. Се надевам и посакувам дека ќе биде концептуален поттик за една остроумна и гласна полемика за фундаменталните вредности и номиналното вреднување, која, како нејзино следно логично исходиште, ќе се случува на почетокот на септември, токму во тој ист простор.

Колку време е подготвувана изложбата и колку институции беа вклучени во подготовката?

– Подготовките траеа скоро една календарска година, но самата реализација не ќе беше можна без соработката со НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, НУ за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Битола, Музеј на град Скопје и НУ Музеј на Република Северна Македонија, коишто на Народната банка времено ѝ ги отстапија предметите, и тоа во состојба што овозможува нивно безбедно изложување.

Исто така, и Кинотеката на Република Северна Македонија овозможи користење на дел од својот богат фонд, потребен за изработка на видео-наративите. И не помалку важно, Народната банка ја обезбеди суштинската институционална поддршка при организирањето на оваа синтезна, тематска изложба на вредно културно наследство, којашто му овозможи на Музејот на Народната банка целосно да ја спроведе.

Музејот на Народната банка бележи 20 години од основањето. Новата привремена изложба ја замени постојаната поставка. Какви се целите, мисијата и визијата на самиот Музеј?

– Оваа изложба е поставена во просторот на постојаната музејска поставка, којшто беше дизајниран и отворен за јавноста пред две децении. Да појаснам, таа не претендира да биде супституција за постојаната поставка, односно по нејзиното завршување, посетителите повторно ќе имаат можност да го искусат наративот за монетарното минато на македонското тло, во една долга хронографска отсечка низ призмата на најзначајните примероци на пари коишто се дел од Нумизматичката збирка на Народната банка.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот