Интервју со Христо Арсовски, оперски тенор и автомеханичар: Маестро и мајстор

Фото: Приватна архива

Ова интервју е приказна за тоа како човек кој ги наследил занаетот и автомеханичарската работилница од татко му, а музичкиот талент од семејството, станал пејач на оперски арии. Каква улога во неговото формирање како оперски пејач имале Милка Ефтимова, Перо- Петар Гелев од „Мањифико“, сопранот Славица Петровска и тенорот Стојан Стојанов? И како една автомеханичарска работилница во Скопје станала оперска сцена.

Во седмата деценија од животот, Христо-Рики Арсовски е витален и полн со ентузијазам за музиката. Ова е негово прво интервју во животот.

Автомеханичар и оперски пејач е сосема неочекувана комбинација. Како и кога почнавте да пеете?

– Пеев уште како средношколец. Потоа и со занаетчиите кај татко ми во работилницата. Се знаеше, после работа се седнува и се пее. Еден ден доаѓа Марио Липша, сопругот на Сашка Петковска (беше муштерија кај татко ми), ме слушна и ме однесе право во Телевизија кај Славе Димитров кој снимаше во студиото со пејачот Перо Христов од Струмица. Ама работата некако не им одеше. Ја снимаа „Феличита“ на македонски. Славе се сврте кон мене и понуди јас да се обидам да ја испеам. Успеав од прва! Славе веднаш ми даде неколку песни да ги научам и така почнав да пеам забавни песни, без да знам дека гласот ми е за нешто друго. Тоа траеше еден подолг период. Со Сашка пеевме концерти, на модни ревии, на војнички заклетви. Тоа беше некаде 1975/6 година.

Во меѓувреме земав часови по пеење кај чичкото на Марио, Станко Липша, кој беше професор по пеење. Еден ден тој ми кажа дека гласот не ми е за забавна музика и дека ќе ме прати на часови кај Милка Ефтимова. Таа ме праша што работам и кога и’ кажав дека поправам коли, таа само рече: „глеј си ја работата, батали ова“. Не ме ни слушна.

Фото: Приватна архива

Тоа Ве обесхрабри?

– Поминаа неколку години, се оженив, купив куќа и тогаш направив една голема пауза. Откажав еден настап во Неготино за да ја средувам новокупената куќа и тогаш се случи онаа несреќа во која загинаа Сашка и некои членови на групата „Авона“ која ја придружуваше. Така престанав да пеам. Тоа беше во 1984. Син ми порасна и почна да пее, па го носев него на настапи, учевме песни заедно. А ние во меѓувреме редовно се собиравме со колегите после работа во друга просторија во работилницата и слушавме опери, и нормално, ги пеевме. Го нарековме тоа „машинско одделение“. Имавме жена што ни готви, зашто бевме многу вработени – таа ќе зготвеше грав, а ние пеевме и се забавувавме со оперска музика. Имавме и пијано во таа просторија. Почнаа да доаѓаат луѓе од амбасади, странци, на гравче и на нашиот хепенинг на сериозна музика. Јас го пеев тенорскиот дел, а другите беа хорот. Тоа се случуваше секој петок.

Како станавте овластен сервисер на „Мерцедес“?

– Се школував неколку години во Германија, во фирмата „Мерцедес“, ги поминав сите степени до највисокиот и така добив лиценца како овластен сервисер. Работев и како демонстратор во компанијата во Германија. Заминав таму во 80-тите, во 1990 заминав во Лондон, па ’92 пак во Германија, па во „Автокомерц“, Љубљана, и така напредував и го достигнав максимумот во занаетот.

Тоа беше во сервисот на „Мерцедес“ на булевар „Кочо Рацин“, каде секој петок се собиравме. Брена и Боба Живојиновиќ беа продажбата, а јас бев сервисот на „Мерцедес“. Бев овластен сервисер од 1992 до 2000-та.
Во меѓувреме се дружев многу со Перо од „Мањифико“ (Невена, пејачката на „Мањифико“, ми беше тетка, сестра на татко ми) и со него некако ни одеше пеењето. И тој доаѓаше во работилницата да ми помага, ама ми помагаше и со музиката. Од него научив да свирам гитара, да пеам и многу друго научив. Можев лесно да вадам високи тонови и тој ме прашуваше како го правам тоа, но јас не знаев да објаснам. Тоа ми доаѓаше природно, без некој труд.

Фото: Приватна архива

И тој го препозна вашиот талент за оперско пеење?

– Да, тој ме однесе во театар кај Славица Петровска, кај која почнав да земам часови. Таа ме прашува: „што ќе пееш?“, „Nesun dorma ќе ја пеам“. Кога дојде финалето со она Vincero!, таа скокна и ме прашува, „откај го знаеш ти ова?“. „Од машинско одделение, од работилницата го знам, поправаме коли и си пееме.“. „Исто како татко ми! Ништо, од утре ќе доаѓаш на часови!“. И така почнав редовно да одам на часови. Јасминка Чакар ѝ беше корепетитор и таа ми кажа да доаѓам на часови кога сакам и можам. Тоа траеше две години, и 2006 подготвивме гала концерт во Операта. Вања Ѓумар беше диригент, но не ме знаеше. Сакаше да ме слушне пред пробата и ми ја задава „E lucevan e stelle“, познатата арија на Каварадоси од Тоска. А мене ми лежат тие арии, зашто сум драмски тенор. Потоа ме однесе кај мајка му дома. Тој свиреше, јас пеев, а таа се расплака. Не бев свесен како може да влијае музиката. Потоа, како се развиваа работите, почнав да учам и да сфаќам повеќе. И така почнав да настапувам со оперските арии на концерти, на манифестации.

Еден од прфесорите ви беше и нашиот тенор Стојан Стојанов. Како почнавте да одите на часови кај него?
Имав проби со пијанистот Андреј Наунов. Еден ден доаѓа на проба еден постар човек, нашиот прославен тенор Стојан Стојанов, кој живееше во Хрватска и доаѓаше тука секое лето да држи семинари на студентите. Кога ме слушна, ми рече од утре да почнам да доаѓам кај него на часови. Со него научив да ги читам нотите, да добивам на техника, многу напредував. Одев кај него секогаш кога ќе дојдеше во Скопје. Потоа настапував и во Хрватска на негова покана.

Каде сѐ настапувавте со оперскиот репертоар?

– Настапував неколкупати и во Белград и во Скопје со виолинистот Јован Колунџија. Ме поканија на натпревар на тенори до 60 години во Италија, во Џоа дел Коле, каде го освоив првото место.
Во тој период почнаа да се случуваат убави работи. Имав едукативни работилници со деца со посебни потреби. Имаме снимено ТВ спот и аудио снимка. Ги постиравме и на Јутјуб. Тие од заработката купија инструменти за школото. За сето тоа време соработував со корепетиторот Андреј Наунов, еден прекрасен и многу трпелив човек.
Сега имам покана од Јован Колунџија во март да настапам со него во Белград. Во април е закажан концерт во Загреб со тамошните студенти. Снимив и цеде со познати оперски арии.

Фото: Приватна архива

И Вашите деца се талентирани за пеење?

– Ќерката заврши соло пеење на академијата „Санта Чечилија“ во Рим, син ми е прекрасен баритон, но аматер. Ќерка ми не се занимава со пеење професионално, замина во Доха, Катар, да работи како стјуардеса.

Сега повеќе можете да му се посветите на пеењето, Настапувате ли и надвор од Македонија? Со кого уште сте соработувале?

– Мојата работа сега е со оперското пеење. Во Операта имам просторија за вежбање, одам кога сакам и колку сакам. Вежбам со Андреј двапати неделно. И убаво ми е. Среќен сум кога го работам тоа. Музиката ме држела, ми давала сила и кога ми било најтешко.

Идоли од пејачите немам, ама сум бил на концерти на Доминго, Карерас, и кај професорот Стојанов во Загреб. Таму ме гледаат со други очи отколку тука. Тука како да им пречам, како да ќе им го земам лебот. Но имам впечаток дека во Хрватска и Србија повеќе ме почитуваат. Во Хрватска дури ме сметаат за најдобар тенор од Македонија, па дури ме ословуваат „Мајстор Маестро“, ама во убава смисла, не на мајтап. Многу им е драго кога настапувам со нив. Настапувам на рецитали како гостин во повеќе градови и концертни сали во Хрватска. Но не сум настапувал со оркестар, како овде. За разлика од овде, каде сум настапувал и со оркестри. Соработував со Ерхан Шукри, со Шукри постариот, повеќепати настапував со мандолинскиот оркестар. Мислам дека во Македонија имам повеќе рецитали од професионалните пејачи. Имав доста покани и секаде сум одел.

Сега имав концерт на прославата на 30 години на Македонскиот олимписки комитет, каде беа присутни високи гости од странство, па дури и некои претседатели на држави. Меѓу другите се запознав и со легендарниот скокач со мотка Андреј Бубка.

Како ги учевте ариите?

– Најмногу го слушав Павароти и од него ги учев ариите. Тој најчисто пееше и од него најмногу научив. Потоа еднаш ќерка ми ми рече дека не ја давам целата емоција во аријата зашто не ги разбирам зборовите. Така почнав да ги преведувам ариите, за да знам точно за што пеам. Кога го знаеш текстот, емоцијата сама доаѓа и се вклопува во музиката, аријата станува потопла, поубава, поиздржана.
Кога пееме концерти за пошироката публика, тие сакаат полесни арии, попевливи. Потешкиот репертоар си го пеевме во машинско.

Имаше ли некои интересни случки, гости, во работилницата?

– Во еден период многу чести гости во работилницата ни беа жените на амбасадорите во Македонија кои имаа свое здружение. Ќе дојдеа во петок божем да им држиме часови како да се снајдат ако им се расипе колата, ама тоа секогаш завршуваше со концерт. Ќе ги викнев студентите, ќе си го отворевме клавирот и почнувавме, јас со моите арии, а другите 7-8 мајстори хорски ме придружуваа. Софрата секогаш беше со македонски специјалитети, пинџур, туршија, грав… Ќе седнеа на клупите покрај масите, јадеа, пиеја и уживаа во концертот. По еден час ќе си заминеа насмеани и задоволни.

Фото: Приватна архива

Еднаш имавте и високи гости од Франција…

– Едни од редовните гости ни беа двајца Французи кои во Скопје имаа студио за снимање. Во една прилика не’ замолија да дојдат навечер во 20 часот со своите гости од странство, зашто цел ден имале снимање. Во закажаното време доаѓаат 5-6 црни лимузини, се паркираат пред работилницата, дел од нив влегуваат, дел остануваат надвор – обезбедувањето. И не’ запознаваат со своите гости: ова е басистот на Џони Холидеј, ова е калвијатуристот на Селин Дион, ова е мецосопранка од Скала… Аман, зошто не ни кажавте со кого доаѓате?! И свиреа и пееја прво тие, па дојдов на ред и јас. Ја отпеав мојата омилена арија од Тоска и тие беа воодушевени. Басистот, кој беше и менаџер на Џони Холидеј, извади партитури од некој мјузикл и ме замоли да ја научам музиката и да дојдам во Париз на проби. Требаше да летаат назад во 23 часот, ама ги откажаа летовите, останавме заедно до 3 сабајлето. Потоа почнав да ја учам музиката, ама видов дека не е тоа она што ми лежи. Тоа беше музика за некој полесен глас, и се откажав. Кога ми се јави човекот да ме праша како ми оди, му реков дека се откажувам зашто не сакам да се избрукам. Сега веќе знам каква музика е за мојот глас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот