Интервју со фотографот Кире Галевски: Тешко се опишува чувството што те тера да го „фатиш моментот“

Промоција на монографијата „Акт – Театарот низ фотографии“ на Кире Галевски на 8 април во МНТ / Фотографија: Игор Тодоровски

Монографијата „Акт – Театарот низ фотографии“ на фотографот Кире Галевски, реализирана во соработка со издавачот НУ Македонски народен театар, содржи театарски фотографии на дел од претставите изведувани на сцената на МНТ од 1993 година до денес и беше промовирана на 8 април на големата сцена во МНТ.

Театарската фотографија, како и театарската уметност, има многу специфики, особено кога станува збор за прикажување една претстава низ слики. За да се долови вистинскиот момент во претставата или најдобриот израз на актерот, неопходно е врвно мајсторско искуство. Фотографот Кире Галевски речиси 30 години фотографира театарски претстави, а деновиве ја промовираше и својата прва фотомонографија.

Проектот „Акт – Театарот низ фотографии“ на фотографот Кире Галевски е реализиран во соработка со издавачот на монографијата – Македонски народен театар, а во монографијата како автори на есеи за фотографиите се потпишуваат Искра Гешоска, Дејан Дуковски, Sвездан Георгиевски, Нина Николиќ, Ѓорѓи Јолевски, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивана Јарчевска. Ликовното и графичкото уредување е на Зоран Кардула, а уредник на изданието е Билјана Црвенковска.

Насловот на монографијата произлегува од изразот „акт“, кој означува една театарска целина со свој почеток, кулминација и крај. Со таква тенденција се наредени и фотографиите што се однесуваат на конкретните претстави во монографијата. Практично, монографијата носи фотоприказни за претставите што биле поставени на сцената на МНТ од 1993 година до денес. Околу идејата, реализацијата и промоцијата на монографијата, разговаравме со Кире Галевски.

Најголем дел од процесот на создавањето на монографијата беше „копање“ низ архивите за да видам со што точно располагам и кога сум почнал да ги архивирам фотографиите / Фотографија: Игор Тодоровски

Колку време траеше процесот на создавање на монографијата со театарски фотографии?

– Идејата се појави пред околу три години, кога веќе осетив дека имам многу материјал што ќе треба на некој начин да се канализира и сочува во друг формат за да остане за некои идни генерации. Најсоодветно беше тоа да биде монографија. На почетокот, искрено, не знаев со колкав материјал располагам, бидејќи некои фотографски негативи не ги имав чепнато повеќе од дваесет години. Најголем дел од процесот на создавањето на монографијата беше „копање“ низ архивите за да видам со што точно располагам и кога сум почнал да ги архивирам фотографиите.

Најтешкиот дел од процесот беше селекцијата од илјадници фотографии да се сведат на некоја реална бројка што би можела да влезе во книга. Со селекцијата избрав околу 400 фотографии што ги ставив во монографијата. За селекцијата, бев договорен да ми помогне мојот ментор, драг пријател и колега-фотограф Драган Тодоровски, кој за жал, почина минатата година за време на пандемијата на ковид-19. Неговата помош ќе ми беше големо олеснување, бидејќи ќе имав компетентно мислење од страна за изборот да не се сведе само на мојата индивидуална процена.

На крај, за селекцијата многу ми помогна уредничката на публикацијата Билјана Црвенковска. При селекцијата прегледувавме и материјали што првично не биле земени предвид за објава во медиумите, така што во монографијата се објавени и фотографии што првпат се појавуваат во јавноста.

Кога во целиот процес околу објавата на монографијата се вклучи Македонскиот народен театар?

– Идејата ја имав подолго време, но првите конкретни договори ги направив кога директорка на МНТ беше Симона Угриновска. Во разговор со неа ѝ објаснив дека имам многу материјал што „ми тежи“ и дека сакам да ја направам монографијата. Бев спремен и индивидуално да ја објавам книгата, но Угриновска застана зад проектот и ја поддржа идејата. Поминаа околу три години додека да се склопат сите коцки за конечно монографијата да биде промовирана на 8 април на големата сцена во МНТ. Промоцијата на монографијата стана дел и од прославата на 77-годишнината од постоењето на Македонскиот народен театар.

Во монографијата се вклучени и повеќе есеи на темата театарска фотографија. Со каква цел?

– Меѓу другото, целта на објавата на монографијата беше и промовирање на театарската фотографија. За тоа ми беше потребна и текстуална поддршка. Затоа вклучивме луѓе што се од областа на културата и на театарската уметност да дадат свои размисли и видувања за театарската фотографија. Мислам дека собравме убава екипа текстописци од различни сфери, како новинари, режисери, актери, драмски писатели, и секој од своја призма ја разгледува театарската фотографија и објаснува што му значи.

Монографијата ја направив бидејќи имам многу материјал што „ми тежи“ и сакав да го архивирам во друг формат / Фотографија: Игор Тодоровски

Каква е твојата призма на гледање на театарската фотографија? Во текот на сите овие години успеа ли да изградиш некои сопствени принципи и методи на создавање на театарската фотографија?

– На оваа тема се имаат изјаснето многу филозофи и мислители, особено Зонтаг и Бартс, кој во „Камера луцида“ се обидува метафизичките моменти да ги објасни со зборови. Многу е тешко да се опише самиот момент што го тера фотографот да го „фати моментот“. Истото се случува и кај гледачот на фотографијата, кој не би можел да објасни „на што му застанува окото“.

Мене лично многу ми помогна фактот што во исто време кога почнав да се занимавам со фотографирање, почнав и со новинска и со лајфстајл фотографија. Тоа ми помогна да востановам два процеса при фотографирањето на една претстава. Едниот се состои од две снимања. Првото е комплетно фоторепортерско, го правам тотално незапознаен со тоа што се одвива на сцената и дозволувам да се воодушевам. Едноставно функционираш како фоторепортер на настан. Потоа ги прегледувам фотографиите и ако откријам некакви дупки во приказната, тогаш почнувам со второто снимање за да ја добијам целата приказна, за која разговарам и со режисерот и со актерите.

Вториот метод на фотографирање, што го применувам во последниве неколку години, е следење на целиот процес и правење анализа многу порано. Често тој процес почнува со првите проби на сцена. Така успевам да ја видам трансформацијата на актерите како навлегуваат во ликот и точно можам да ја одредам кулминацијата во нивното остварување. Во монографијата има и такви фотографии, кои една иста сцена ја прикажуваат при првите проби и пред премиерата на претставата. На тој начин се доловува целиот процес на трансформација на актерот, односно ликот.

Фотографија од претставата „Животот на Молиер“ во МНТ

Колкав простор и каква фотографска опрема е потребна за да се долови тој момент на трансформација?

– Театарската фотографија, како и сите сценски фотографии, бара малку подобра и поосетлива опрема што работи со многу сензитивно светло – понекогаш на светлина од свеќа, а некогаш со силни рефлектори. Фотографот секогаш треба да биде подготвен тој распон да го покрие со опремата со која работи.

Во однос на просторот, за мене е интересно што првиот контакт што актерите го имаат по повеќемесечни проби со лице што е надвор од процесот е со мене. Обично на тие снимања се присутни актерите, режисерот, уметничката и техничката екипа, а јас сум единствениот што доаѓа од надворешниот свет. Уште кога почнував со театарската фотографија, сфатив дека на актерите првите фотографии им се многу важни, бидејќи се материјал преку кој тие за првпат гледаат како изгледа нивниот лик во очите на публиката.

Во монографијата се објавени фотографии од 1993 година до денес. Каква граница е 1993 година?

– Во 1993 година отидов на разговор во тогашното списание „Пулс“ со намера да соработувам со нив како фоторепортер. Ме покани мојот пријател Драган Тодоровски, кој беше уредник на фотографија, и ме упати на заменик-одговорниот уредник Ѕвездан Георгиевски. Веднаш ми кажа дека ќе го најдам во „втората канцеларија“, односно во „Театарче“, бифето на објектот „Театар Центар“. Тогаш првпат влегов во бифето и мислам дека уште не сум излегол од таму.

Првите соработки со МНТ почнаа за страниците за култура на неделникот „Пулс“. Тогаш често ме критикуваа дека повеќе материјали и филмови трошам за театарските претстави отколку за дневните настани, но главните уредници ме толерираа и добро ни одеше соработката. Потоа станав пријател со актерите и со режисерите. Така почнав да фотографирам театарски претстави на нивно барање. Дури по неколку години и самиот театар почна да се интересира за фотографии од претставите и таа соработка трае до ден-денес.

Фотографија од претставата „Вујко Вања“ во МНТ

Актерите се на сцена и го градат својот лик, но каква ти е комуникацијата со режисерите кога ќе навлезеш во нивниот простор за работа? Го толерираат ли присуството на фотоапаратот?

– Многу зависи и од процесот на подготовка на претставата и од режисерот. Главно, со сите режисери соработката била фантастична. Има разлика во нијанси од самиот процес на работа. Секако, многу ми е полесно кога работам со режисери со кои долго време соработувам, бидејќи во таква ситуација не ни се потребни зборови за да се разбереме.

Еден од поинтересните процеси со режисер со кого првпат соработував беше со Андриј Жолдак. Кај него сакав да го задржам фоторепортерскиот пристап и на првото снимање да барам воодушевување во претставата. Но, тој не го дозволи тоа, туку во следните две проби седев до него и дискутиравме за претставата. На тој начин сакаше да ми ги објасни и да ми ги долови сите симболи што ги користи во претставата за да можам да ги снимам сите моменти што му се битни да бидат забележани. Тоа за мене беше нов и интересен начин на работа, така што кога ја снимав претставата, сите значајни моменти веќе ги имав во глава и знаев што чекам за да фотографирам.

Пред да се посветиш на театарската фотографија, повеќе години работеше како фоторепортер во неколку печатени медиуми. Го спомна „Пулс“, но си работел и во „Република“, „Денес“, „Форум“, „Глобус“, „Лајф магазин“. Како воопшто се случи твојата прва средба со фотоапаратот пред да станеш фоторепортер?

– Тука е класичната приказна – тато и мама ми купија апарат и беше многу интересно (се смее)… За првиот „Зенит“ собирав пари во касичка, но никако не успевав да ги соберам. Потоа ми додадоа пари за да го купам. Меѓутоа вистинскиот влез во фотографијата, кога почувствував што значи да ја направиш со свои раце во лабораторија (тогаш фотографиите се вадеа од филм што се развиваше во фотолабораторија, н.з.) беше преку еден мој драг роднина, мојот вујко Владимир Петровски, кој во тоа време беше фотоаматер и имаше домашна лабораторија за правење црно-бели фотографии. Во неговата лабораторија ги направив своите први фотографии, сѐ додека не му здосади и ми рече да си го земам апаратот и да одам дома сам да си ги правам фотографиите. Така си направив лабораторија во подрумот на мојата зграда и таму долго време правев фотографии, дури и за „Пулс“ и за „Нова Македонија“.

Како го помина преминот од аналогна во дигитална фотографија?

– Многу тешко, бидејќи кога ги отворив сите материјали што сум ги направил во изминативе 30 години, забележав дека најслабите технички фотографии се од периодот 2007-2008 година, кога практично се случуваше преминот од аналогна во дигитална технологија. Квалитетот и капацитетот на првите дигитални камери беа неспоредливи со аналогните фотоапарати, но од денешна гледна точка беа неспоредливо слаби со најновите генерации дигитални апарати. Така што технички најлош период беше преминот од едната во другата технологија.

Сега веќе максимално ги користиш предностите на дигиталната технологија за правење фотографии. Можно ли е уште да се прават некакви споредби?

– Дефинитивно, бидејќи самиот пазар, брзина и можноста да се направат неограничен број фотографии за едно снимање го прави своето. Многу е полесен и процесот на постпродукција, бидејќи со фотошоп можат да се средат сите недостатоци на фотографијата. Меѓутоа, задоволството да се работи со негатив и со аналогна технологија е многу поголемо од задоволството со дигиталните апарати. Богатството на нијанси и на бои е нешто сосема посебно што не го содржи дигиталната фотографија. Има мекост што дава пријатно чувство за очите. Особено се чувствував убаво кога старите фотографии ги подготвував за објава во монографијата.

Фотографија од претставата „Силјан Штркот шанца“ во МНТ

Често има дилеми околу естетиката на црно-белата и колор фотографијата. Како ги разрешуваш тие дилеми кај твоите фотографии?

– Некогаш шаренилото на сцената, сценските елементи и бои го одвлекуваат окото од она што сакаш да го постигнеш. Ако ти е битна емоцијата на изразот на лицето на актерот, самиот колорит се чувствува како дистракција. Во такви ситуации гледам да тргнам сѐ што би можело да ме одвлече од изразот на лицето. Таков пример во монографијата се фотографиите од претставата „Последната лента на Крап“ со актерот Ѓорѓи Јолевски, каде што со уредничката Билјана Црвенковска одлучивме да имаме бекетовски пристап и во стилот и во распоредот на фотографиите. Но, понекогаш боите и колорот овозможуваат да се истакнат одредени моменти или емоции. Убав пример за таквото шаренило е претставата „Силјан Штркот шанца“.

Какво е твоето внатрешно чувство што ти укажува дека некоја фотографија е добра или лоша?

– Секогаш се сомневам, бидејќи многу често со некои фотографии сум врзан емотивно, односно мене многу ми значат. Но, тоа не мора да значи дека се композициски добри. Тоа е субјективна оценка што ја давам на фотографијата, но затоа за позначајни дела, како изложба или монографија, секогаш барам мислења што ќе ми помогнат да ги филтрирам моите субјективни ставови кон одредена фотографија или момент.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот