Интервју со џез-фотографот Жига Коритник: Добрата фотографија доаѓа од срцето

Словенечкиот фотограф и вљубеник во џез-музиката Жига Коритник во изминативе 25 години најмалку двапати годишно доаѓа во Скопје. Причината за тоа е неговата професионална, но и пријателска соработка со Оливер Белопета и фестивалите што се организираат под закрила на Скопје џез-фестивал.

Неговото присуство на Скопскиот џез-фестивал секоја година е со специјална мисија – да направи фотографии од сите учесници на фестивалот, кои потоа ќе бидат употребени за џез-календарот. Врвната фотографска естетика и квалитетниот дизајн и печат на календарот се главниот фактор тој да стане колекционерска реликвија на голем број џез-следбеници.

Излегувањето на најновите календари за 2023 година на Скопскиот џез-фестивал беше одличен повод за разговор со авторот на фотографиите, познатиот словенечки фотограф Жига Коритник, но и можност да дознаеме кога тој почнал со целава работа и што друго влегува во сферата на неговиот личен и професионален интерес.

Минатиот викенд во Скопје се одржа промоцијата на новиот џез-календар за 2023 година со ваши фотографии. Се сеќавате ли пред колку години почна Вашата соработка со Скопје џез-фестивал за подготовка на календарот и како тоа се случи?

– Нашата соработка почна во 1996 година, кога првпат бев поканет на Скопскиот џез-фестивал. Со Оливер Белопета првпат се сретнавме на џез-фестивалот Заалфелден (Saalfelden) во Австрија, каде што одам од почетокот на 90-тите години на минатиот век, и каде што во 1996 година ја имав мојата прва самостојна меѓународна изложба. За таа пригода ја направив и мојата прва публикација „Џези-га!“ (Jazzy-ga!). Нејзината цел беше да се промовирам во светот на џезот.

Публикацијата ја пратив до повеќе европски фестивали, вклучувајќи го и фестивалот во Скопје, за кој имав слушнато дека има одлична програма. Еден ден на аналогната телефонска секретарка дома ме чекаше порака од Белопета, со која тој ме покани да дојдам да го фотографирам фестивалот во Скопје. Тоа беше време кога на фестивалот, покрај другите, настапија Реј Чарлс, Џо Завинул, Тито Пуенте… Каков почеток на соработката!

Во тоа време фотографиите сѐ уште се снимаа на ленти со филм. Набавив повеќе ленти, по две-три за секој концерт, што значеше 108 снимени фотографии. Замислете, со дигиталните фотоапарати денес снимаме неспоредливо повеќе. Од 300 до 800 фотографии на еден концерт, во зависност од настанот.

Јануарската фотографија на СЏФ-календарот за 2023 година е со Роб Мазурек / Фотографија: Жига Коритник

Со толку голем број фотографии, како се одвива процесот на селекција на фотографиите што се употребени во календарот, имајќи предвид дека селекцијата мора да биде сведена на 12 финални плус една насловна фотографија?

– Секако, пред сѐ, прво морам да направам добри фотографии. Тоа значи концентрирана акција во текот на сите фестивалски денови со фокус за визуализација на тоа што на крајот би требало да се појави во календарот. Притоа, секако, уживам во музиката, но и постојано разговарам самиот со себеси што и каде треба да фотографирам. Се преиспитувам што да фотографирам за да не се повторувам, но и фотографиите да не излезат премногу стереотипно. Се фокусирам на технички исправни фотографии, внимавам на острината, експозицијата и, пред сѐ, на содржината. При снимањето се обидувам колку што е можно помалку да ѝ пречам на околината, на другите слушатели, но и на музичарите.

По завршувањето на фестивалот почнува изборот на фотографиите. Во старите времиња прво морав правилно да ги развијам филмските ленти. Меѓутоа, во дигиталното време точниот избор трае неколку денови. На почетокот правам поширок избор, кој постепено се стеснува кон конечниот број од 13 до 26 фотографии, колку што се потребни за големиот и за малиот календар. Одлуката за најтесниот избор на фотографии го правиме заедно со претставниците на фестивалот.

Чија беше одлуката во календарот да бидат употребени само црно-бели фотографии?

– Уште на почетокот на соработката му предложив на Оливер да користиме црно-бели фотографии, на што тој се согласи. Црно-белата фотографија, според мое мислење, има поголема моќ. Затоа што во многу случаи таму нема премногу колористички елементи што може да пречат и кои би можеле вниманието на набљудувачот да го свртат во погрешен, небитен правец. Црно-белите фотографии потсвесно ве подготвуваат уште посилно да ја почувствувате суштината на содржината.

Во историјата на подготвувањето на сите календари досега имавме еден обид за календар во боја, кој, според моето мислење, не беше доволно квалитетен. Во старите времиња беше многу потешко од филмовите да се направат добри позитиви, а потоа и да се отпечатат фотографии со соодветен квалитет.

Жига Коритник беше куратор на изложбата „Поради џезот: фотографии на Оливер Белопета“ поставена во Галеријата на МКЦ во декември 2022

Во декември 2022 во галеријата на МКЦ беше поставена изложба на фотографии од Оливер Белопета, а Вие бевте куратор на поставката. Како се запознавте со Оливер и како се случи вашата професионална, но и пријателска соработка да трае повеќе од 25 години?

– Ми претставуваше огромна чест да ја курирам изложбата на фотографии од Оливер, прво на џез-фестивалот во Љубљана, а потоа и во Скопје во текот на минатиот декември. Се запознавме на почетокот на 90-тите години на фестивалот во Заалфелден, а потоа се зближивме преку мојата фотографска работа на фестивалот во Скопје. И професионално и пријателски. Во текот на годините многу брзо се покажа дека фотографијата има своја моќ. Преку фотографијата Скопје џез-фестивал ја стекна својата препознатливост во светот. Двајцата го работиме тоа што го сакаме. Секој на свој начин, јас преку фотографијата, а Оливер со продукцијата на фестивалот. А сега, со изложбата во МКЦ, тој и пред домашната јавност покажа дека сака и знае да фотографира. Тоа го почувствував уште на почетокот на нашата соработка. Мојот интерес никогаш ниту се намалуваше ниту исчезнуваше. Има многу малку промотори кои знаат на таков начин да го употребат жанрот фотографија и доследно да го документираат својот фестивал. Целото време што го поминавме со заедничка соработка, без оглед на сѐ, имаше многу природен тек. Секој взаемен однос треба да се негува од двете страни. Верувам дека ова дружење нема да заврши толку брзо.

Со фотографирање почнав да се занимавам уште на неполни 11 години, кога од татко ми го добив својот прв аналоген источногермански фотоапарат / Фотографија: Матс Aлеклинт

Живеете и работите во Љубљана. Се сеќавате ли како почнавте со работа како професионален фотограф?

– Фотографијата ме интересира уште од мали нозе. Со фотографирање почнав да се занимавам уште на неполни 11 години, кога од татко ми го добив својот прв аналоген источногермански фотоапарат. Во подоцнежните години, кога сфатив дека во животот ќе морам нешто да работам, имав јасна желба да бидам фотограф. Во Словенија во тоа време не можеше да се студира фотографија. Така се вработив во РТВ Словенија, каде што почнав професионално да се развивам. Прво како асистент на камера и шарфер, потоа како филмски фотограф, а по неколку години и како филмски и телевизиски снимател. Покрај вообичаените снимања, кои ги има во секоја национална телевизија, имам снимено многу документарни филмови и еден игран филм. Веднаш по вработувањето почнав да излегувам и да фотографирам сѐ што ќе ми се најдеше на патот. Почнав да соработувам со Словенско младинско гледалишче во Љубљана и да одам на џез-фестивали каде и кога ќе можев. Набргу потоа ја имав мојата прва меѓународна изложба на џез-фестивалот во Заалфелден.

По 18 години работа во телевизија, решив да станам фриленсер (хонорарен работник). Гледајќи наназад, сега мислам дека имав среќа, бидејќи имав можност да видам и да фотографирам, а воедно и да снимам многу убави работи. Од 2005 година одам на Сардинија, каде што го документирам тамошниот карневал, а моите фотографии се појавија во музејот „Фиоре Сардо“, посветен на едно од најдобрите сардиниски овчи сирења. А уште од младоста имам голема љубов и кон Бохињското Езеро во Словенија.

Црно-белите фотографии потсвесно ве подготвуваат уште посилно да ја почувствувате суштината на содржината / Фотографија: Жига Коритник

Најпознат сте како автор на фотографии од различни џез-фестивали. Кои се Вашите омилени фестивали и дали има редослед на фестивалите што ги посетувате во текот на годината?

– Се разбира, тоа се словенечките фестивали Џез Церкно, Џез-фестивал Љубљана, Фестивалот „Лент“ во Марибор, „Друга годба“ и понекогаш Фестивалот на современа музика во Шмартно во Горишките Брда, кои постојано се во мојот годишен распоред. Понекогаш имам среќа и да бидам поканет некаде. Обично се среќни само ако дојдам и направам фоторепортажа за нивниот фестивал. Така бев на островот Пенанг во Малезија и во Монтреал. Понекогаш таа покана се комбинира со изложба на мои дела. Така имав изложба во Жуаи-ју, во Кина. Секогаш кога имам можност, сакам да одам на фестивалот „Вижн“ (Vision) во Њујорк, каде што, исто така, изложував во 2006 година. Извесно време работев со фестивалот „Enza Favate Musica Sulle Bocche“ во Сардинија.

Порано сакав да одам на фестивалот „Ai Confini Tra Sardegna E Jazz“ во Сардинија, но сега, за жал, веќе не е атрактивен. Во Италија, одвреме-навреме го посетувам „Џез и вино на мирот“ во Крмин. Оваа година повторно сум поканет на Новара џез-фестивал. Порано редовно го посетував фестивалот „Konfrontationen“ во Никелсдорф во Австрија. Тоа беше една од последните оази на модерната импровизирана музика. Редовно одам во Св. Јохан во Тирол во Австрија, на џез-фестивалот „Artacts“.

Секако, посебно место во моето срце има џез-фестивалот во Заалфелден, каде што почнав да растам, каде што добив можност одблиску да го запознаам светот на џезот. Таму имав и две самостојни изложби. Во меѓувреме, многу индивидуални концерти се одржуваат во текот на целата година.

Жига Коритник и Матс Густафсон во акција / Фотографија: Петра Цвелбар

Кој е Вашиот личен принцип на работа со фотографии (избор на протагонист, агол, перспектива, боја)?

– Изборот на фестивали и концерти зависи од нивната програма. Ако содржат музика што ми е блиска, или, пак, понекогаш ако презентираат музика што не ја знам, тогаш тоа ми дава желба да ги посетам. Секако, ако е можно. Ако фестивалите или музичарите ме ангажираат како фотограф, тогаш го вклучувам целиот мој професионализам и правам сѐ за да биде клиентот задоволен. Се грижам на сите да им се допаднат моите фотографии (вклучувајќи ме и мене), дури и ако не ми се допаѓа нивната музика. Кога фотографирам, го користам фотографскиот јазик што можам да го употребам соодветно на настанот. На концертите не можеш да бараш перспективи, а понекогаш не можеме да избереме ниту агли. Какви услови и да имам, се обидувам да го извлечам најдоброто од дадениот момент.

Со портретот е поинаку. Таму можам да имам поголема слобода во изборот на местото, но и во пристапот кон фотографијата. Сѐ зависи од времето што го имате на располагање. Во секој случај, кога фотографирам истовремено и импровизирам. Кога нешто визуализирам, се обидувам да го реализирам она што го гледам, но многупати и самото тоа се менува. И тоа е главниот шарм на фотографијата и на музиката што ги сакам.

Што е потешко да се направи – портрет или сценска фотографија?

– И двете можат да бидат лесни, но можат да бидат и многу тешки. Тоа се само два различни принципи на работа. Уживам да ги правам и двете. И под сцената, и на сцената, и во бекстејџот, или на место што јас го избирам или што веќе е избрано.

Вашите фотографии се користени како илустрации во многу книги, а Вие сте автор и на свои книги со фотографии. Која е Вашата дефиниција за одлична фотографија?

– Автор сум на неколку книги: споменатата прва книга „Џези-га!“; книгата „Језеро“ со фотографии на Бохињското езеро; книги за карневалот „Un punto Di Luce“ на Сардинија; и најновата книга „Cloud Arrangers“ со мои музички фотографии.

Добрата фотографија доаѓа од срцето, искрена е. Кога сте во склад со темата, сè е лесно. Се разбира, треба да знаете и да следите некои правила на фотографскиот јазик и да ја совладате занаетчиската страна на работата што е можно повеќе. Во огромен број случаи, луѓето што ги имам пред камерата/ фотоапаратот се добри, тие го зрачат тоа што го работат. Работиме еден за друг, работиме за музика. Кога станува збор само за музика, тогаш фотографиите се добри. Добрата фотографија има точна количина од сè, ништо премалку и ништо премногу.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 163, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот