Интервју со Драги Неделчевски, фотограф: Фотографијата за мене е средство за автотерапија

Фото: Приватна архива

Драги Неделчевски е познат македонски фотограф кој веќе четири децении го гледа светот низ објективот на својот фотоапарат. Сепак, вели дека во Македонија ретко кој моше да шивее од фотографија и дека сѐ уште ја смета за своја страст. Неодамна во галеријата „КО-РА“ ја отвори својата најнова изложба под интригантен наслов „Дијагноза“, на која на серија црно-бели фотографии се прикажани женски и машки торза кои оддаваат некое заболување, а секоја фотографија е насловена според дијагнозата на моделот. На отворањето тој речиси и не зборуваше. Само, обраќајки ѝ се на бројната публика со широка насмевка, рече: „Има надеж!“

Фото: Приватна архива

Вашата неодамна отворената изложба на фотографии во галеријата „КO-РA“ е насловена „Дијагноза“. Главен мотив на фотографиите се женски и машки торза кои оддаваат тешки заболувања. Зошто се зафативте со оваа тегобна тема?

– Јас живеам со фотографијата повеќе од 40 години. Кога го велам ова, мислам на сите аспекти на фотографијата, не само фотографирање и правење фотографии. Но мојот главен интерес е документарната фотографија. Поточно, човекот со сите негови радости, таги, надежи и болки е во центарот на мојот интерес. Јас имам син кој има 28 години и е заболен од церебрална парализа. Мајка ми долги години се бореше со Паркинсоновата болест. Животот е убав и тежок во исто време. Можеби имам некоја мазохистичка црта и нешто ме влече кон овие потешки теми. Фотографијата за мене можеби е некое средство за автотерапија или пак катарза од секојдневните животни предизвици. Последниов фотографски проект, „Дијагноза“ е само логичен след на моите интереси и преокупации, мојот поглед на животот и она што ме окружува.

Фото: Приватна архива

Каков беше процесот на наоѓање на модели за овие фотографии? Луѓето не се навикнати да ја откриваат својата болка во јавност…

– Јас веќе имав визија што сакам да направам со „Дијагноза“, но навистина, наоѓањето модели беше многу тешко. Пред 13 години работев на можеби мојот најзначаен фотографски проект, „Живот во кутија“, фото есеј за животот на мојот син Мане и нашето семејство „заробени“ во трособен стан на трети кат во зграда без лифт. Всушност, тогаш требаше да работам на еден фото есеј за лица со посебни потреби, но тогаш ниту еден од родителите на овие деца не сакаше да соработува и да ми дозволи да ги фотографирам. Значи, не ми е првпат да се соочувам со овој проблем. Сега можеби бев поупорен и без оглед на тоа што некоја моја статистика кажува дека ако сум разговарал со 7-8 луѓе, од нив само еден прифатил да учествува во овој проект. Но, затоа на темава работев повеќе години и успеав да ја завршам така како што сакав.

Можеме ли да кажеме дека со оваа изложба се обидовте да поставите дијагноза и на светот и општеството во кои живееме? Дали тоа ви беше (една од) намерата?

– Кога работите на некој проект, од почетокот имате некој план, некоја визија. Со текот на работењето, некако природно ви се откриваат нови видици, доаѓате до нови сознанија, идеи. Во почетокот сакав да покажам дека сите ние имаме некоја болка, болест и мака. Најчесто сами живееме со сите предизвици што ги носат овие состојби, што е нормално, затоа што тоа сепак е дел од интимата на секој човек. Кога излегуваме во „светот“ надвор, сите се трудиме да го покажеме најдоброто од себе. Кога ќе се вратиме во своите четири ѕида, пак остануваме сами со сите тежини. Фотографијата како медиум е директна и „на прва“ го удира гледачот и остава силен впечаток. Затоа сакав со овие фотографии да прикажам дека (речиси) сите имаат некоја мака, не се сами во болката и сметав дека тоа ќе биде некој вид ослободување не само на луѓето што решија да се „разголат“ пред мојот објектив такви кави што се, туку и за публиката коja можеби ќе се пронајде во овие фотографии и на некој начин ќе сфати дека никој не е сам во болката. Подоцна, како напредуваше работата на темава, всушност, сфатив дека фотографирајќи ги луѓето, како општествени битија, правам портрет на едно заболено општество.

Фото: Приватна архива

Црно-белата фотографија важи за повеќе уметничка од онаа во боја и многу фотографи преферираат да се изразат низ неа. Зошто според вас црно-белата фотографија е поекспресивна и како тоа и во овој случај излегува дека „помалку е повеќе“?

– Технолошкиот развој на фотографијата од нејзиното пронаоѓање па до помасовната појава на фотографијата во боја, отприлика стотина години, беше обележан со црно-белата фотографија. Најзначајните дела се направени во оваа техника (а се прават и денес). Тоа е една од причините зошто се смета дека црно-белата фотографија некако е покреативна, „пофотографска“. Според мене, има уште една друга причина зошто црно-белата фотографија е поекспресивна од онаа во боја. Бојата го привлекува вниманието на гледачот на „прва“ и тој (најчесто) е фасциниран од боите, а содржината и пораката некако останува во втор план. Кај црно-белата фотографија гледачот повеќе се фокусира на содржината на прикажаното. Фотографијата секако не е реален одраз на реалноста, така што недостатокот на боја не е недостаток, туку напротив, моќно средство за фокусирање на битното во фотографијата.

Фото: Приватна архива

Еднаш изјавивте дека никогаш не работите исклучиво на еден циклус фотографии, туку процесот на фотографирање е испреплетен со повеќе теми. Дали тоа се должи на вашиот уметнички темперамент?

– Фотографијата е голема како океан. Има многу дисциплини, безброј мотиви и идеи кои можат да се реализираат. Како што напоменав, мене фотографијата ме фасцинира со сите нејзини можности и начини на израз. Моите интереси се различни (иако во фокус ми е документарната фотографија и човекот во неа). Затоа, работам паралелно на различни теми кои ги развивам подолго. Некои со време ќе се покажат дека не се вредни да продолжам понатаму, а некои иако изгледаат „млаки“ на почетокот, со време израснуваат во проекти вредни за посериозен пристап.

Дали откако ќе направите изложба ја напуштате темата или и понатаму имате инспирација да ја дополнувате колекцијата на иста тема?

– На еднаш финализираната, реализирана тема (со изложба, книга, презентација…) повеќе не се навраќам со истиот интензитет, иако правам фотографии блиски до неа. Кога работите интензивно, долготрајно на една тема, мислите дека нема крај и голем проблем на авторите (не само во фотографијата) е кога да се стави црта под проектот и да се каже: „Доста е!“. Иако потоа ве мачат мисли дека можеше да биде поинаку, подобро, ставањето црта е во ред, затоа што темата ја оставате да живее со свој живот, а вие сте на некој начин ослободени од стегите и можете да се посветите на нова тема.

Фото: Приватна архива

Kако почна вашата љубов кон фотографијата и каков еволутивен пат, творечки фази, изодевте низ децениите бавење со неа?

– Отсекогаш сум бил љубопитен. Сакам да откривам, да гледам, да создавам. Да го искажам тоа што е во мене, тоа што ме преокупира. Сакав да оставам некоја трага зад себе. Се случи тоа да биде фотографијата (да имав можности како мал, можеби ќе бев музичар!). Мислам дека тоа беше добар избор. Изгледа дека сум визуелен тип човек. Во времето кога почнав да се занимавам со фотографија, немаше интернет, кај нас во Македонија немаше книги и списанија за фотографија, така што морав сам да учам, од нула. Среќна околност беше што тогаш, крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години од минатиот век во Скопје имаше американска библиотека со неколку стотини книги за фотографија, а јас секојдневно бев таму и ги „голтав“ тие прекрасни книги, гледав милиони одличнии фотографии и читав сѐ за овој феномен. Тоа беше мојот универзитет за фотографија. Сепак, патот до она колку знам за фотографијата денес, беше мачен, тежок и скап. Но затоа задоволството денес е големо. Можеби затоа денес сум предавач и ментор по фотографија (во Skala School), и сакам на младите фотографи да им го скратам патот што го изминав јас и се трудам да им пренесам дел од моето искуство и знаење.

Може ли во Македонија да се живее од фотографија? Дали фотографирањето го доживувате како професија или страст?

– Македонија е мала земја, мал пазар, а до скоро фотографијата воопшто не се ценеше како авторски труд како пишувањето, музиката, филмот… Од фотографија кај нас мислам можат да живеат мал број фотографи. Јас не заработувам од фотографијата (напротив). За мене фотографијата е живот, страст и љубов (иако ова може да звучи претенциозно, сепак е така).

Денес технологијата им ја направи фотографијата достапна на сите. Но, процесот е „инстант“, ја нема онаа магија на развивање на филм и исчекување на резултатот. Сепак, дали и во овој медиум може да се пронајде предизвик за уметнички израз?

– Да, има тектонски промени, не само во техниката и технологијата на фотографијата, туку и во начинот на нејзиното „консумирање“. Намерно реков „консумирање“ затоа што сме сведоци на неподнослива леснотија на правење фотографии, една инфлација од милиони фотографии кои што секојдневно се поставуваат на социјалните мрежи, од кои речиси 90 отсто се дигитално ѓубре. Јас сум голем поборник на дигиталната технологија. Некако таа ми е поевтина, поеколошка и се чувствувам покомотно, можам да се фокусирам врз моите фотографски идеи, а помалку да му робувам на процесот. Тоа сепак е само алат, средство да се дојде до конечниот продукт – фотографијата. Секако дека и со новите технологии може да се пронајде предизвик за уметнички израз. Важна е идејата и секогаш зад добрата фотографија стои човекот. Инаку, немам ништо против правење фотографии со аналогна технологија (и јас работев на тој начин долги години). Добро е што има фотографи кои ги користат сите начини и методи да се искажат најдобро во фотографијата.

Подготвувате ли нова изложба со нова тема, една од оние што се испреплетуваат, и која ќе биде таа?

– Последнава изложба, „Дијагноза“ сѐ уште е поставена во Галеријата „КО-РА“ во Скопје. Отворањето на изложбата помина одлично, уште не сум ги средил мислите и емоциите и засега не планирам ништо конкретно. Во секој случај, наскоро сигурно ќе отворам нова страница во оваа моја авантура – фотографијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот