Интервју со Артан Садику, теоретичар, куратор и активист: Поединечното дејствување завршува со маргинализација

Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ со низа активности одбележува десет години од основањето, а со новиот претседател Артан Садику разговаравме и за визиите за нејзиниот понатамошен развој.

Веќе една деценија Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ здружува организации, поединци и неформални групи, кои континуирано обезбедуваат видливост и општествена релевантност на независниот културен сектор преку застапеност на програмски активности, застапување за стабилен развој на секторот, јакнење на неговото влијание во општествениот контекст и развој на алтернативни културни практики на национално, локално и регионално рамниште.

Јубилејот симболично беше одбележан со изложбата „10 години Јадро – сè уште оправдано присутни“, поставена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Изложбата е колаж што ja обединува и претставува дејноста на културните работници здружени во „Јадро“, а со Артан Садику ги откриваме и новите предизвици на асоцијацијата.

Со каков предизвик одлучи да станеш претседател на Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“?

– Неколку години веќе сум член на асоцијацијата, а истовремено и учествувам во неколку организации, иницијативи и настани од полето на културата и уметноста во Скопје, спорадично и во другите градови низ државата. Ова искуство ми даде можност да ги воочам директно предизвиците со кои се соочува независната културна сцена како внатрешно, во смисла на капацитети и ресурси, така и надворешно, во однос на делување во јавноста и осмислување на културните вектори на нашата работа. Ова беа клучните фактори што ме охрабрија да ја прифатам номинацијата за да бидам претседател на „Јадро“, позиција што не е некаква привилегија, туку повеќе одговорност и посредување како помеѓу самите членки, така и помеѓу асоцијацијата и надворешните чинители, пред сѐ, институционални, но и регионални мрежи и иницијативи.

Фотографија: Драги Неделчевски

Деновиве „Јадро“ одбележа 10 години од основањето. Асоцијацијата ја основаа 15-ина организации, а потоа се приклучија уште 25 организации и 30-ина поединци. Како лично гледаш на развојот на „Јадро“ од 2012 до денес?

– Од самиот почеток, „Јадро“ претставуваше голем исчекор на независната културна сцена, која како и секаде низ светот, често е доста фрагментирана поради самата природа на работата во полето на културата, која има доста специфични предизвици, како за организациите така и за индивидуите, па затоа не останува многу време и енергија за колективно здружување, координација и одржување заедничка платформа за делување. Од 2012 до денес поминавме низ драстични општествени и политички промени низ кои „Јадро“ успешно успеа да се избори за својата позиција и да ги застапува потребите на независниот културен сектор, првенствено пред институциите што често не беа наклонети кон независната култура, а некогаш и се соочувавме со спротивставени визии и идеи.

Турбулентниот период низ кој „Јадро“ се одржуваше и развиваше како платформа на повеќе културни дејци, овозможи и одржување и зајакнување на нејзините членки, кои самостојно не би можеле да се справат со предизвиците што беа од финансиска и политичка природа. Во последните години од делувањето, „Јадро“ се ориентира на зајакнување на инструментите за поддршка на независната културна сцена преку нудење иновативни и долгорочни модели, кои досега тешко се прифаќаа од институциите што се одговорни за културата во земјава.

На изложба во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје се претставени реализирани проекти на дел од организациите членки на „Јадро“

Кои се ефектите од здружувањето на независната културна сцена во „Јадро“?

– Здружувањето на повеќе организации и индивидуи во „Јадро“ претставува своевиден чин на заземање колективна позиција во однос на потребите на културата во земјава. Таквиот чин се состои во говорење од полегитимна позиција на културните работници во земјава во однос на прашањата што тие ги сметаат за важни. Поединечното дејствување секогаш завршува со маргинализација, па токму затоа „Јадро“ овозможи заземање простор и позиција од која независната културна сцена може да стане порелевантна и со тоа да не може да се занемари кога се во прашање одлуки што влијаат врз условите, но и на содржината на културната продукција кај нас. Самото здружување на сцената овозможи и поразвиена внатрешна комуникација и соработка во одредување на тенденциите во културата во едно општество, кое сѐ уште влече конзервативни, традиционални и регресивни вредности.

Оттука, мнозинството на членките на „Јадро“ успеваат да се координираат во промоцијата и развивањето практики и содржини што го предизвикуваат општеството во принципите на еманципирање, солидарност и еднаквост. Од друга страна, „Јадро“ овозможи и попрактично координирање, соработка и помош во реализирањето на програмите и активностите на нејзините членки, со цел максимално искористување на ресурсите за постигнување што поголема видливост и вклученост на заедницата.

Искра Гешоска и Артан Садику

Какво „наследство“ оставија претходните претседатели Искра Гешоска и Јане Чаловски?

– Искра Гешоска беше една од клучните актери, како во промовирањето на идејата за асоцијација на независната културна сцена во земјава, така и во мобилизирање и организирање на членките за здружување и формирање на „Јадро“. Во првите години од постоењето на „Јадро“, Искра неуморно се заложи за воспоставување и втемелување на асоцијацијата во општествениот супстрат и во целокупниот културен пејзаж, со што „Јадро“ стана препознаен чинител и двигател на културните политики на независната културна сцена. Во овие години на развој Искра успешно ја поврза асоцијацијата со сличните платформи од регионот, со што овозможи процес на учење и споделување кој понатаму резултира со низа успеси, како што е воспоставувањето за првпат на новиот модел на цивилно-јавно партнерство, кој денес функционира во Скопје – КСП „Центар-Јадро“ и Кавадарци – „Подиум-Јадро“.

Јане Чаловски, преземајќи ја асоцијацијата во веќе добра внатрешно структурирана форма и надворешно развиена и видлива платформа на независната културна сцена, успеа да ја развие понатаму застапувачката мисија на асоцијацијата и да издејствува константно присуство на претставниците на „Јадро“ во институционалните тела што ги развиваат и одлучуваат за програмите, стратегиите и плановите во полето на културата. Јане, исто така, имаше незаменлива улога во зајакнување и обезбедување долгорочно финансирање за двата цивилно-јавни центри во Скопје и Кавадарци, но и во реализирање неколку проекти на асоцијацијата преку вмрежување со регионални и меѓународни платформи на културни организации. Неговото раководење со „Јадро“ придонесе асоцијацијата да прерасне во активен застапник за подобри политики во културата, политики од кои придобивки имаат не само членките на асоцијацијата, туку и целокупниот културен сектор во земјава.

Годишнината беше одбележана со изложба на реализирани проекти од повеќе организации во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Што се видливите, а кои се невидливите резултати од работата на „Јадро“?

– Во принцип, резултатите на асоцијацијата „Јадро“ се невидливи во јавност како конкретна културна продукција, бидејќи целта на „Јадро“ не е да стане уште една културна организација налик нејзините членки. Работата на „Јадро“ се состои во застапување и вмрежување, а резултатите на членките се на некој начин и резултат на условите за чие подобрување се бори асоцијацијата. „Јадро“ најчесто фацилитира и помага во подобрување на општите услови, но и тука е да дејствува одлучно во конкретни ситуации кога се носат одлуки кои влијаат директно на независната културна сцена. Сепак, постојат и видливи резултати, како што се двата веќе споменати културно-социјални центри, но и повеќе јавни заземања на ставови на асоцијацијата, како што беше последното соопштение во врска со најавеното можно кратење на средствата за веќе одобрените проекти од страна на Министерството за култура.

Работата на „Јадро“ се состои и во креирање на мрежи за соработка и поддршка, кои иако не се видливи, тие влијаат врз зголемување и подобрување на културната продукција кај нас. Во склоп на регионалните мрежи во кои делува асоцијацијата овој месец во Охрид ќе се организира летна школа раководена од регионалната мрежа на независната културна сцена „Кооператива“, а преку која ќе се поттикне самостојноста и истрајноста на сцената.

Колку државните институции и установи го слушаат гласот на „Јадро“?

– Во последните години „Јадро“ се стреми да дејствува што повеќе проактивно отколку реактивно. Тоа значи дека наместо да реагираме на веќе донесени лоши решенија и одлуки од областа на културата, ние се стремиме да бидеме што повеќе присутни во самите процеси на креирање на решенијата. Преку застапување на потребите и интересите на секторот, сметаме дека ќе се развие посуштинска соработка со институциите и установите од културата. Првата и директна институција која е најрелевантна за независната културна сцена е, секако, Министерството за култура, и токму со оваа институција „Јадро“ се труди да воспостави што поактивен процес на застапување.

Досегашното искуство на однос со Министерството е доста разнолико, од целосно исклучување до редовно консултирање и вклучување претставници од членките на асоцијацијата во работни тела и комисии. Константен проблем е многу честото менување на министрите за култура, со што често се менува менталитетот, правците и идеите за развој на културата, на што асоцијацијата мора да се прилагодува константно, а и често одново да започне процеси кои со претходниците биле во поразвиена фаза. На локално ниво, соработката со властите е полесна, но и помалку релевантна, бидејќи локалните власти имаат многу помалку ингеренции во полето на културата. Конкретната соработка за заедничко раководење на културно-социјалните центри со Општина Центар и Општина Кавадарци е еден модел кој успешно може да се реплицира во иднина и во другите општини, и тоа е една од работите на кои сакаме да се посветиме во иднина.

Во кој правец го гледаш понатамошниот развој на асоцијацијата?

– Сметам дека клучниот предизвик за „Јадро“ во иднина е да се избори за овозможување долгорочен независен механизам за поддршка на независната културна сцена. Ова е неопходен услов за креирање на стабилна и безбедна иднина за секторот, кој досега се има докажано дека знае да преживее и во најтешки времиња, но тоа не треба да е постојана состојба во која делуваат независните културни работници. Ако сакаме да имаме независен развој на културата, која го движи општеството кон нови предизвици за нејзино унапредување, мора да се обезбеди модел преку кој општеството ќе гарантира достоинствени услови за живот и делување на културните работници и организации.

Внатрешно сметам дека „Јадро“ треба да ги зајакне циклусите на дискусии за визијата за културата во нашето општество и нејзините идеи да ги пласира во јавниот дискурс, кој засега, за жал, останува фрагментиран и само спорадично се појавуваат сериозни критички дискусии за културата. Развивањето на една таква платформа, со која ќе се понуди и модел за тоа како треба да се дискутираат различните визии и идеи за културата, би можело да претставува и пример за сеопштата култура на дијалог и дискусија во општеството и политичкиот живот. Тука го гледам главниот придонес на „Јадро“ во идниот период.

Во културната сфера работиш како теоретичар, куратор и активист. Според новите услови и теории, на што се мисли кога се зборува за категоријата „независна културна сцена“?

– Тешко е да се биде независен, а уште потешко е да се дефинира од што е културната сцена независна. Финансиски, сцената не може да биде независна од средствата што главно се распределуваат преку Министерството за култура, која сама ги креира целите и приоритетите, па оттаму организациите кои не се пронаоѓаат во тие цели треба да се приспособуваат, а со тоа и да ја жртвуваат нивната независност во однос на нивната мисија и цели. Овие средства не се произведени од државата, туку се средства што се прибираат од граѓаните, па затоа „Јадро“ се залага за формирање независно цивилно-граѓанско тело, кое демократски ќе одлучува за поддршка на сцената, без притисок на партиите на власт и нивните интереси.

Секако, постојат и групи и иницијативи од супкултурната сцена, кои се независни и во програмска и во финансиска смисла, но тие често се спорадични и недолгорочни, особено имајќи предвид дека моделите на самоодржливост преку донации и наплатување од страна на публиката не е ниту развиена практика, ниту е можна во поголеми размери, имајќи ја предвид слабата економска сила на нашите граѓани.

Автономните и независни групи и иницијативи се најдобрите показатели за тоа колку во едно општество е овозможена слободата на говор и дејствување. Во склоп на тие групи и иницијативи речиси не постои содржина што е забранета да се пласира на публиката, бидејќи тие се слободни од која било форма на реваншизам, т.е. се целосно независни. За да се постигне тоа ниво на слобода на делување кај нас, пред сѐ треба да се развие критичка културна мисла преку која ќе се трансформираат и сегашните институции, но ќе се трансформира и општото сфаќање на културата во општеството.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 146, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот