Интервју со Александра Пановска-Илиевска: Ме нарекуваа бубалица и не ми веруваа дека имам проблем со видот

Фото: Приватна архива

Иако ненаметлива и скромна, Александра Пановска-Илиевска е една од нашите најпопуларни ТВ-лица.

Некогашната водителка на шоуто „Брза кујна“, сега дел од тимот на Утринската програма на ТВ Канал 5, вели дека ужива во динамичниот живот – игрите со ќерката Сара и возбудата што ѝ ја носи работата.

Она за што Александра отворено зборува е врсничкиот булинг што денес е доста присутен, а поради очилата што ги носела како дете, и самата се соочила со него. На водителката ѝ пречат несовесните родители што ги среќава на игралиштата додека е со ќерката, а за нив раскажува низ специфични примери.

Вели дека верува во љубов, а дел од приказните што со љубов ги раскажа е како го запознала сопругот Александар, пред 20 години.

Во една неодамнешна објава спомена дека како тинејџерка си имала комплекс поради носењето очила. Како во твојата глава во тоа време си изгледаше самата на себе?

– Нема да го заборавам моментот кога за првпат од последна клупа во ОУ „Невена Георгиева – Дуња“ требаше да започнеме да го решаваме тестот по хемија што беше испишан на табла. Јас, за жал, не успевав да сфатам што е испишано и почнав од моите соученици во околината да барам помош да ми споделат/помогнат за да видам што пишува. Наставничката Зојка, која важеше за строга, но секогаш коректна кон сите нас, на цел глас го извика моето презиме и јавно сподели дека од мене никогаш не очекувала дека ќе започнам да препишувам. Поцрвенев и започнав да плачам, бидејќи бев подготвена и учењето никогаш не ми претставувало проблем. Кога споделив дека јас воопшто не можам да видам што пишува на таблата, мислам дека чувството на емпатија се чувствуваше во целиот простор. Излеговме надвор со наставничката, пред сѐ, да се смирам, а потоа бев префрлена на катедра од каде што можев да го видам и решам целиот тест, и се сеќавам дека се закитив со чиста петка.

Ова беше првото соочување со моментот дека со видот имам проблем. Носењето очила во тоа време не беше тренд како денес. Комбинацијата на очила и учење беше еднакво на бубалица што се ставаше на етикета кај секое дете, но за разлика од денес, наставниците имаа авторитет, инспирираа и поттикнуваа да има натпревар на знаење меѓу нас децата.

По основно и средно, на факултет продолжив со ист жар, бидејќи секогаш сакав и имав мислење, желба да прашувам и црпам повеќе од секое предавање, па бев нарекувана Шеќеринска. Тогаш во јавноста дама со очила беше токму таа. Тогаш, во мојата глава никако не можев да ги прифатам очилата, но денес гордо ги носам. Комбинирам контакни леќи и очила што го следат стилот и гардеробата и сега ги сакам повеќе од кога било.

Наидуваше ли на исмевање или на булинг од врсниците поради тоа, и општо како гледаш на денешниот врснички булинг?

– Секогаш имало булинг. Во времето кога јас бев дете, можеби не во таа мера како денес, бидејќи тогаш родителите како да беа поискрени и реални кон своите деца и построги со казни за сѐ што е несоодветно направено. Искрено, можам да кажам дека немам некои траги или неубави спомени од тој период. Да, врсниците понекогаш знаеја да ме нарекуваат бубалица, но имав огромен круг другари што секогаш ме поддржуваа, прекрасни наставници во секоја етапа од образованието што даваа вистинска насока и пример, родители и баба што неизмерно ми даруваа љубов и ми ги пренесоа вистинските вредности за животот кои денес како воопшто да не се практикуваат. Денес воспитувањето, емпатијата, моралот и етиката недостигаат, како да се само зборови од речник кои многумина не ни знаат што значат. Тоа се пренесува и кај децата кои, за жал, ако започнам да ги коментирам, ова интервју ќе биде подолго од потребното.

Моето дете сѐ уште не е во образовниот систем, иако има 2,5 години, и оваа есен започнуваме во градинка. Се надевам дека ќе имаме убаво и позитивно искуство. Но, имам неколку неубави примери со кои во многу наврати ми се потврди дека, за жал, сѐ е во погрешна насока. Дете кое на игралиште ја бутна мојата ќерка и јас во обид само да посочам дека тоа не е во ред што го направи, добив одговор од 4-годишно дете: „Kоја си ти да ми кажеш, ќе ти ја викнам мајка ми да те натепа“. Друга случка што би ја издвоила е девојче што фрли песок во очите на мојата ќерка, веднаш поита кај својата мајка, која гледајќи во својот мобилен воопшто не ни знаеше што се случи. Само ми одговори дека тоа не личи на нејзиното девојче и се надева дека нема да има последици на очите. Жална е реалноста во која живееме. Отсутни родители, деца што со постапки само молат за љубов и внимание. Итаме по пари, моќ и статус кој е менлив и минлив. Булингот мислам дека допрва ќе се случува во огромна мера како последица на целото општествено искривување.

Александра Илиевска / Фото: Приватна архива

Можеш ли за себеси да кажеш каква мајка си, дали си строга или повеќе попустлива?

– Секој сака и се стреми да биде совршен и најдобар во улогата на родител. Учам секој ден од неа многу, бидејќи ако им дозволите, децата можат да ве научат повеќе од што очекувате. Сакам да минувам време со неа и да ја воспитам и да ја пораснам во силна, самостојна девојка. Строга сум кога треба, но брзо потоа силно ја прегрнувам и знам дека грешам, но ете… се надевам лекцијата ќе биде научена. Заедно со мојот сопруг верувам дека по патот да го пораснеме и воспитаме нашето дете ќе направиме и многу грешки, но благодатот да се биде и да се добие улогата родител е најголемата радост која може да се почувствува.

Затоа, да не се стремиме да бидеме совршени родители, туку присутни примери кои давајќи вистински пример на своето дете ќе создадеме дете со кое ќе се гордееме.

Сара е на возраст кога децата се најактивни и бараат посебно внимание, како ти изгледа еден обичен ден со неа, плус работните обврски?

– Интересен и различен е секој ден. Често сакаме да сме во природа. Парк, Водно или на некоја убава дестинација каде играта во природа е најубава и најслатка. Дозволуваме и поттикнуваме игри кои како да се подзаборавени, а се целосно бесплатни со кал, ливчиња, стапче или се што ќе ни се најде при рака. Долги прошетки и потрага по изненадување како бубамара за која се раскажува некоја приказна, вредната мравка која може да носи голема тежина итн.

Забавно е секој ден… секој ден запознаваме деца од различна вораст со различно секојдневие и навики и споделуваме искуства со мајки, татковци, баби или дедовци. Само по неа чувствувам и сериозно почнав да сфаќам колку брзо минува времето бидејќи промените се видливи во голема мера во првите години од развој. И да, сега треба да сум побрза од кога било бидејќи брканицата, трчањето и возењето велосипед се главна забава.

Работните обврски во животното темпо се совршено вклопени. Навистина си ја сакам работата и од секаде црпам инспирација за што следно треба да раскажеме преку Утринската на „Здраво Македонијо“. Во голема мера моите колеги се шегуваат дека многу од содржините што ќе ги имаме од септември ќе бидат од детската градинка од која ќе биде дел Сара во септември. Но, тоа е животот и убаво е кога секојдневието можеме да го вклопиме во работатa и обратно, бидејќи се испреплетуваат и оставаат траг.

Фото: Приватна архива

Веруваш ли во сродни души, дали сопругот Александар е твојата?

– Да, верувам во љубов. Ние сме заедно 20 години, постојано се надополнуваме растеме и создаваме сѐ заедно, а најголемото богатство е нашата Сара.

Како и кога се запознавте, кои ти се најдрагите сеќавања од почетоците на вашата љубов?

– Одамна се запознавме преку заеднички пријатели. Најдрагите сеќавања ми се патувањата. Секогаш и ден-денес останавме исти… не ни е потребно многу за да се решиме и нурнеме во авантура на одредена дестинација. Сакаме и двајцата да патуваме, да се дружиме и имаме многу голем круг пријатели и секогаш кога правиме одреден план, некој случајно намерно или ненамерно ќе се приклучи. Со луѓе секогаш и секаде е позабавно. Искрената љубов нѐ спои, а верувам и се надевам дека низ годините ќе ја одржиме.

Фото: Приватна архива

Како ти е на работа, како на жештиниве издржувате со теренски прилози, дали стресот кој го носи новинарската професија прави да почувствуваш и адреналин?

– На работа е забавно, интересно и секој ден е различен. Веќе втора година сум дел од тимот на утринската „Зраво Македонијо“ на Канал 5 и согласно времето се прилагодуваме да создадеме одлични содржини, а притоа да се грижиме за нашето здравје и за целиот тим да ги минеме сите препреки и предизвици па така и овие високи темеператури. Во она што ние го создаваме како содржина стресот е сведен на минимум, сепак, поголем е товарот на колегите од информативна програма. Кај нас е должноста да останеме професионални, точни, транспаренти и, пред сѐ, да го зачувамe македонскиот јазик и култура со создавање на вистински содржини.

Која твоја особина ја сметаш за највредна, а што е она што веднаш би го сменила кај себеси веднаш да можеш?

– Искреноста и отвореноста, а многу работи сакам да променам и се обидувам како созревам низ годините. За жал, тешко ми оди и често на моите родители им споделувам дека сме воспитани за погрешно време, јас и мојата сестра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот