Интервју | Димитрина Петрова, иницијатор на БОЛД во Бугарија: Корените на популистичкиот бран лежат во неисполнетите ветувања од 1989 година

Димитрина Петрова е иницијатор и лидер на Бугарската општост (заедница) за либерална демократија – БОЛД. Од 2017-2020 година беше директор на програмата на СОС „Детски села“, а претходно предводеше две меѓународни организации за човекови права –Европскиот центар за права на Ромите, со седиште во Будимпешта, и „Еднакво право на трудот“ во Лондон, кој има развиено антидискриминаторски проекти во 46 земји. Петрова е консултант на низа меѓународни организации, како ООН, ЕУ, Советот на Европа, Светска банка и други. Во Бугарија предаваше филозофија на Софискиот универзитет „Климент Охридски“, а беше и пратеник во Седмото големо национално собрание од групата „Екогласност“.

Капитал: Во текот на изминатава година, вашата организација излезе со ставови за важни настани и процеси во Бугарија. Во конзервативно-патриотската реторика под „антибугарско малцинство“ се означуваат и луѓето со либерални ставови – дали се чувствувате како малцинство?

Петрова: Имам некоја причина да верувам дека антилибералниот популизам го достигна дното и се чини дека процесот се менува. Поддршката за вредностите на демократијата, за владеењето на правото и за човековите права започна или да се зголемува или да станува повидлива. Овде, во Бугарија, ние сме сè уште малцинство, иако се надевам дека растеме.

Капитал: Како го објаснувате овој пресврт, во кој либералната демократија е ставена во ситуација да се правда, а конзервативната и крајната десница да стекнат самодоверба скоро во мејнстримот? Ова не се случи за еден ден – кој не ја заврши својата работа во овој процес и кој го стори тоа многу добро?

Петрова: Постои мислење дека порастот на антилибералниот популизам се должи на растечката нееднаквост. Друго објаснување ја нагласува глобализацијата, третото е повеќе регионално – врзано за Централна и Источна Европа, се потенцираат демографската криза и емиграцијата од нашите земји, а има и други објаснувања. Мислам дека сите овие причини се валидни, но тие се површни. Под нив (зборувам за нашиот регион) лежи подлабока причина, локализирана во раните 90-ти – промената на моделот на општествена мобилност и начинот на кој започна да се одредува кој ќе биде во елитата, кој ќе има моќ и пари, а кој не. Тоа се одвиваше на таков начин што кај повеќето луѓе создаде заедничко чувство на нечесност и негативна селекција за тоа кој успева, а кој не.

Скоро една генерација подоцна, околу 2008-2009 година, кога беше рано да се заборави нечесноста на генезата на новите елити, но премногу доцна за таа да се смени, започна офанзивата против либерализмот, кој се обвинуваше, генерално, за новосоздадената нечесна општествена хиерархија. Но, не би се согласила дека либерализмот е на кој било начин виновен за тоа, бидејќи прашањето не е во самиот политички либерализам, дефиниран како поддршка за граѓанските и политичките права и слободи. Виновникот е неолибералниот економски пристап, кој нè доведе до брзо и невнимателно воведување на принципите на пазарната економија без да се земе предвид правдата за тоа кој ќе успее, а кој не, а тоа го доживеаја повеќето луѓе како нечесна прераспределба на богатството. Забележете дека во ова објаснување не ја потенцирам наводно изгубената социјална еднаквост што постоеше во комунизмот, туку нечесноста во новиот модел на првична прераспределба.

Постојат многу митови – еден од нив е дека луѓето биле носталгични за комунизмот. Јас тоа не го сфаќам сериозно. Не сум слушнала некому денес да му недостасува комунистичката неслобода. Ниту, ако размислиме за тоа, на луѓето им недостасува комунистичката социјална еднаквост, која никогаш порано и не постоела. Ниту пак се навредени кога ќе се споредат со оние што живеат во Лондон или Париз, како што некои го објаснуваат популистичкиот бран. Наместо тоа, луѓето, особено околу 2008-2010 година, кога популизмот се крена во нашата земја, се чувствуваа навредени кога ги споредуваа со оние околу нив, со своите познаници. И си рекоа: „Кој беше Пешо?! Тој беше мој соученик, препишуваше и лажеше, не беше меѓу паметните и сега е банкар, а што сум јас?“ Ова чувство на нечесност што луѓето го доживеаја во секојдневието нема никаква врска со политичката слобода, туку со промената на моделот на социо-економски напредок во 90-тите години на минатиот век.

Димитрина Петрова

Во 1989 година, намерно ја напуштивме борбата за социјална еднаквост. Но – и ова е многу важно – кога се согласивме дека нема да бидеме општество на социјална еднаквост, не се согласивме дека оние што ќе бидат горе ќе стигнат таму на нечесен начин. Овој ран консензус, формиран околу 1989 година, беше меритократски, се очекуваше дека кој знае, кој заслужува, ќе напредува. Но, работите не се одвиваа на тој начин. Се разбира, имаше луѓе кои напредуваа само поради своите способности, но тоа не беше општ случај. И, еве, ова ветување од 89-та, што не беше за социјална еднаквост, туку за интегритет и нормалност, не се оствари. Таму, според мое мислење, лежи моторот на популистичкиот бран.

Капитал: Дали сте загрижени за она што го нарекувате заробена публика – млади луѓе кои апсорбираат антилиберални ставови – како тие би ја обликувале иднината и како таа би изгледала за 10 години, на пример?

Петрова: Ќе биде штета и Бугарија ќе биде повеќе како Русија, не дај Боже, повеќе како Кина, особено имајќи ја предвид улогата на новите технологии и со што ни се закануваат – имено, целосниот надзор што почнува да се одвива во Кина. Но, освен ова сценарио, јас исто така се плашам ако во името на слободата и човековите права, во име на недискриминација на луѓе од различно етничко потекло или сексуална ориентација, започнат да се воведуваат некои нови форми на цензура. Затоа, позициите што ги развиваме се обидуваат да ги земат предвид и овие крајности. Особено во академската средина, ниту е добро да се толерира етничката омраза, ниту е добро да се започне со цензурирање на сè.

Тука изборот е тежок, но и двете крајности се опасни. Летоска, на пример, во англосаксонскиот свет беше објавено писмо потпишано од најпознатите интелектуалци од Америка и Велика Британија, кое се однесуваше на она што се нарекува „cancel culture“ – култура на отстранување. Ова е особено видливо на социјалните медиуми, па кога јавни личности изразуваат мислење што звучи како ерес за попрогресивните движења, се започнува кампања за нивно „прецртување“. А, има хаштагови, како што е #canceljkrowling, авторката на „Хари Потер“, која беше подложена на такво нешто поради нејзините изјави за трансродовите луѓе. Или случајот со еден од водечките уредници на „Њујорк тајмс“, кој поднесе оставка поради објавеното мислење на републикански сенатор дека федералните трупи треба да се користат против демонстрантите по убиството на Џорџ Флојд.

Ова писмо предизвика бура од реакции: апсолутистите во врска со слободата на говорот го поздравија, претставниците на маргинализираните групи го осудија, две или три лица ги повлекоа своите потписи, воопшто, имаше многу интересна јавна дискусија за тоа до каде е границата помеѓу слободата на изразување, од една страна, и дискриминацијата и поттикнувањето насилство, од друга страна.

Капитал: На иницијатива на БОЛД, интелектуалци, вклучително и историчари, повикаа во отворено писмо бугарските власти да го сменат својот пристап и да го деблокираат процесот на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ – уште една непопуларна позиција во моментот.

Петрова: Прекумерна тежина е ставена на историски прашања. Нашиот став е дека не е добро што целата дискусија отстапи во оваа насока. Неуспехот на стручната комисија на историчари го одреди и однесувањето на Бугарија кон пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Ние веруваме дека Бугарија треба да даде зелено светло и веднаш да започне низа чекори за затоплување на односите. Според наше мислење, она што го прави Бугарија е во спротивност со добрите практики во меѓународните односи. И се плашиме дека ваквото однесување има негативни последици врз угледот на нашата земја во Европа и во светот.

И не, не се чувствуваме како „антибугарско малцинство“, како што спомнавте на почетокот, напротив, дури мислиме дека сме и поголеми патриоти од т.н. обединети патриоти. Од каде се господата Сидеров или Каракачанов поголеми патриоти од мене? Луѓето со демократско убедување повеќе ѝ помагаат на својата земја затоа што сакаат таа да биде земја со демократија, достоинство и меѓународен углед.

Мислам дека популарноста и влијанието на овие десничарски конзервативни патриотски идеи ќе се намали, затоа што луѓето, а особено помладите, почнуваат да разбираат дека три партии немаат монопол врз патриотизмот, а камоли да го развиваат на кој било начин. И мислам дека е крајно време луѓето со демократско убедување да кажат гласно дека сме подобри патриоти од нив. Ако започнеме да анализираме од случај до случај, ќе се види дека тие всушност ѝ нанеле многу поголема штета на нашата земја од кој било либерал.

Капитал: Дали е ова предизвик за поддржувачите на либералната демократија?

Петрова: И тоа, но и самиот обид да се работи заедно меѓу либералите, е предизвик. Како што е кажано многупати, да се работи со либералите е како да се создава стадо од мачки – секој таму е индивидуалист и си држи 10 проценти разлика од општото либерално мислење. Тоа е многу компликувано, но истовремено е можно, бидејќи во моментот во светот постои вредносна конфронтација, она што се нарекува војна на културите. Ние сме приврзаници на демократските вредности и човековите права на едната страна од овој фронт, а всушност улогата на БОЛД е да ги консолидира оние луѓе кои и покрај сите свои разлики, ја гледаат и големата слика.

Уште поважно е да се вклучат луѓето од другата страна во дијалог. Затоа што ова е демократија – уметност на компромис, разговори и преговори. И започнавме да ги правиме овие обиди, сè уште срамежливо, за семејството, за законот за социјални услуги, за стратегијата за детето – откако не се усвои Истанбулската конвенција. Почнавме да градиме мостови и мислам дека во иднина ова ќе биде улогата на БОЛД, таа не само да биде платформа од која може да се проповедаат идеи за демократија, туку да се обидеме да разговараме со сите. Многу луѓе прашуваат зошто БОЛД не е политички субјект, зошто да не ги обединиме десните и левите либерали за тие да излезат на избори. Но, БОЛД не е наменета да биде политичка партија.

Капитал: Кои се вашите очекувања за следните парламентарни избори?

Петрова: Ќе го цитирам Томас Мор, авторот на „Утопија“: „Се надевам повеќе отколку што очекувам“. Се надевам, но не очекувам да добиеме конфигурација што е радикално подобра од сегашната. Едноставно, гледајќи кои се учесниците, сè уште сме во оваа ситуација во која огромен број луѓе сè уште нема да имаат за кого да гласаат.

Прерано е да се зборува, сега е важно да се фокусираме на изборите да бидат фер и во согласност со правилата на демократијата. И кој и да дојде на власт, нека не се менува проевропската ориентација на Бугарија.

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот