Иницијатива за законско регулирање на средношколското организирање

Зајкова и Павиќевиќ/Фото: МИА

Средношколско организирање да биде законски регулирано по примерот на студентското во високото образование. Иницијативата за измени во Законот за средно образование во делот на средношколското организирање е на Средношколскиот сојуз и денеска беше на јавна расправа во Парламентот, организирана од собранискиот  Клуб за младински прашања и политики.

Претседателката на Клубот, пратеничката Моника Зајкова, рече дека целта е да се разгледа можноста со закон училиштата да се обврзат да има и репрезентативна Унија на средношколци за да се спречи, како што рече, партиите и политиката да ги мешаат рацете во средношколското организирање.

– Сметаме дека е важно да се обезбеди законско решение за ова прашање затоа што средношколците се најкритичката мисла во општеството и мора да им овозможиме да бидат активни, а не пасивни. Бидејќи лидер/лидерка во средно училиште може да значи лидер/лидерка во иднина во државата, истакна Зајкова.

На расправата учествуваа средношколци и претставници на младински здруженија и институции од областа на образованието за да дискутираат за решенија коишто ќе го регулираат и гарантираат средношколското учество и со свои предлози можеби би го подобриле предлог-текстот што го напиша Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.

Зајкова посочи дека по расправата ќе следува формирање работна група и, како што рече, бидејќи понекогаш процесите одат бавно во Собранието, идејата е да не се чека целиот нов закон за средно образование, туку каде што може, да се  интервенира со измени во одредени делови на постојниот закон, конкретно за регулирање на средношколското организирање.

Според средношколскиот лидер Павиќевиќ, законското решение е револуционерно зашто откога е донесен Законот за средното образование до овој момент „никој не нашол за сходно да го регулира средношколското организирање во закон”.

– Меѓутоа, ние не сакаме само да го регулираме како прашање, туку и да го унапредиме и затоа веќе говориме за средношколска демократија. Често се кажува дека училиштата нѐ подготвуваат за нашиот иден живот како возрасни граѓани и како полнолетни гласачи во оваа држава, но многу е чудно – зошто ако е тоа така, не се спремаат учениците и за вештините коишто значат активен демократски живот. Со ова решение младите ќе покажат дека можат да бидат активни, а не пасивни учесници и дека самите ќе ги даваат решенијата за нивните проблеми, истакна Павиќевиќ.

Најважните две точки во предлогот, нагласи тој, е што првпат средношколците ќе бидат признати како еднакви граѓани и ќе им се обезбеди начин да бидат активно вклучени во јавниот живот.

– Да кажуваат кои се нивните проблеми, да ги даваат решенијата, а притоа да не бидат приморани да бидат членови на политичка партија и да се политизира нивното учество како што било досега, додаде  Павиќевиќ.

Јавната расправа по иницијативата на Сојузот на средношколци, собранискиот Клуб за младински прашања ја организираше во соработка со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот