Иницијатива за регулација на социјалните мрежи

Фејсбук / Фото: ЕПА

Поранешната вработена во Фејсбук, која сведочеше пред Поткомитетот за заштита на потрошувачи, ја обвини компанијата дека е свесна дека Инстаграм (сопственост на Фејсбук) им штети на тинејџерите и дека компанијата не е искрена во својата јавна борба против омразата и дезинформациите

Сведочењето пред Конгресот на САД, на поранешната вработена во Фејсбук, Франсис Хајген, најверојатно ќе изврши дополнителен притисок врз американските законодавци за регулација на социјалните мрежи.

Хојген посочи дека компанијата својот астрономски профит секогаш го става пред интересот на луѓето, пред демократијата и правата на децата.

Таа истакна дека апликациите на Фејсбук им штетат на децата и ја поттикнуваат поларизацијата во САД и дека директорите на социјална мрежа ги отфрлаат промените бидејќи нивниот профит е поважен од безбедноста.

Поранешната вработена во Фејсбук, која сведочеше пред Поткомитетот за заштита на потрошувачи, ја обвини компанијата дека е свесна дека Инстаграм (сопственост на Фејсбук) им штети на тинејџерите и дека компанијата не е искрена во својата јавна борба против омразата и дезинформациите. Хојген ги потврди тврдењата против Фејсбук со десетици илјади внатрешни документи што тајно ги копирала пред да ја напушти својата работа во одделот за граѓански интегритет. Таа, исто така, поднесе жалба до федералните власти, тврдејќи дека внатрешните истражувања покажале дека компанијата влијае врз зголемување на говорот на омраза, дезинформации и политички немири, но дека ги крие тие информации.

– Лидерите на компанијата знаат како да ги направат Фејсбук и Инстаграм побезбедни, но ги отфрлаат неопходните промени бидејќи нивниот астрономски профит е поважен од луѓето. Конгресот треба да реагира. Нема да ја решат оваа криза без ваша помош – предупреди Хојген. „Волстрит џурнал“ неодамна објави дека внатрешните документи на Фејсбук покажуваат дека компанијата била свесна за негативните ефекти од своите производи, но не презела посериозни чекори за борба против потенцијално штетните последици.

Конгресот истражува како Фејсбук користел информации од своите истражувачи за Инстаграм што може да укаже на потенцијално штетно влијание врз младите корисници, особено девојчињата, а во исто време се обидува да го минимизира значењето на негативните последици.

– Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук постојано ја мами јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, ефикасноста на нејзините системи за вештачка интелигенција и нејзината улога во ширењето екстремни пораки што предизвикуваат поделби – нагласи Хојген.

Фејсбук привремено престана да работи на својот проект Инстаграм кидс (Инстаграм за деца) поради стравувањата од потенцијално штетното влијание на платформата врз младите луѓе, вклучително и појава на вознемиреност и депресија.

Поголемиот број од сенаторите се за регулација на Фејсбук, како и на другите социјални мрежи, но во моментов сè уште трае дебатата за тоа што треба да се регулира.

Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг / Фото EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Закерберг ги демантира обвинувањата

Првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг, реагираше на обвинувањата на Франсис Хојген, порачувајќи дека ништо што таа го кажа пред конгресот не е точно.

Неговото обраќање беше објавено на неговиот профил на Фејсбук, во кое е искажан демантот дека во компанијата што тој ја предводи, профитот секогаш се става пред безбедноста и општото добро.

– Во средиштето на овие обвинувања е идејата дека ние го претпочитаме профитот пред безбедноста на луѓето и тоа што е добро за нив. Тврдењето дека ние намерно форсираме објави што ги прават луѓето гневни за да оствариме профит е многу нелогично. Ни заработуваме од рекламни огласи, а огласувачите постојано ни укажуваат дека нивните маркетиншки пораки не сакаат да се појавуваат покрај гневни и опасни објави – напиша Закерберг.

Тој се осврна и на интервјуто што Хојген неодамна го даде за „Волстрит џурнал“, каде што таа го обвини Фејсбук за намерно наштетување на тинејџерите, тврдејќи дека тоа е без секаква смисла.

– Многу од обвинувањата се без врска. Доколку сакавме да го игнорираме истражувањето, зошто тогаш креиравме водечки софтвер за истражување кој ни помага да ги разбереме важните аспекти – додаде Закерберг.

Основачот на Фејсбук реагираше и на обвинувањата за тоа дека на мрежата намерно се дозволува објавување опасна и навредувачка содржина.

– Ако не се грижиме за навредувачката содржина, тогаш зошто вработивме толку многу луѓе во одделението што ги контролира овие содржини и воедно најголемото во нашата компанија – прашува Закерберг.

Тој посочи дека најголемиот дел од вработените во Фејсбук, едноставно не ја препознаваат компанијата во која работат во зборовите изречени од Хојген.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот