ИНФОГРАФИК Колку се гине по нашите улици, булевари и патишта: На секои три дена по една сообраќајка со смртни последици

Сообраќајка пред мостот „Гоце Делчев“
Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Наспроти неподелениот впечаток во јавноста дека во Македонија во сообраќајот се гине како на фронт, надлежните служби уверуваат дека бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици во земјава со години е во опаѓање. Сепак, признаваат дека во јануари годинава се забележува загрижувачки тренд.

Во изминатиот период јавноста е многу вознемирена од зачестените сообраќајни несреќи во кои има загинати или тешко повредени и бара надлежните да преземат соодветни акции за да се намали црната сообраќајна статистика. Голем број од несреќите се предизвикани од млади и неискусни возачи, на возраст од 18 до 24 години, а дел од нив завршија во домашен или во затворски притвор.

Последна во низата беше сообраќајната несреќа на мостот „Гоце Делчев“, каде што беше прегазен пешак на пешачки премин. Претходниот ден на булевар во населбата Ново Лисиче во судир на „рено“ и „пунто“ загина едно, а тешко беа повредени уште две лица. Минатата недела јавноста ја потресе и смртта на 24-годишна девојка, која беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ во близина на „Сити Мол“. Во неа удри „ситроен“, со кој управувал 22-годишен скопјанец, кој сега е во притвор.

Наспроти неподелениот впечаток во јавноста дека во Македонија во сообраќајот се гине како на фронт, надлежните служби уверуваат дека бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици во земјава со години е во опаѓање. Сепак, признаваат дека во јануари годинава се забележува загрижувачки тренд.

Дејан Трајковски, началник на сектор за сообраќајни безбедност во Бирото за јавна безбедност, вели дека изминатата 2021 година, според статистиките, е најдобра година во поглед на несреќите со смртен исход.

– Изминатата 2021 година беше година со најмал број сообраќајни несреќи во последните 20 години. Досега имаме статистика од 111 жртви, за разлика од 2020 година кога имавме и ограничување на движењето, а имавме 125 несреќи со смртни последици – изјави за „Утрински брифинг“ Дејан Трајковски, началник на секторот за сообраќајна безбедност во БЈБ.

Сепак, вели тој, од Нова година наваму има тренд на зголемен број несреќи во сообраќајот.

– Јас сум вработен во МВР од 1992 година и под 100 жртви годишно не сме биле, но се стремиме кон тоа. Јануари 2022 во статистичка перспектива се движи во загрижувачка насока, иако се зајакнати сообраќајните контроли. Можеби причината се празниците, можеби е опуштеност и кај помладите возачи. Зимски распуст е, отворени се ноќните локали, сообраќајната полиција е 24 часа на терен, презема мерки, но, за жал, тоа не е доволно – вели Трајковски.

Тони Ангеловски, портпарол на МВР, вели дека полицијата е присутна секаде, работи максимално и има зголемен број санкции.

– Не постои земја каде што има нула жртви, но нашата тенденција е да ја спуштиме бројката на жртви. Ние не зборуваме за перцепција, ние зборуваме за бројки. Минатата година со 111 жртви е рекордна година по намалувањето на бројот на жртвите. Но, мора да кажеме дека безбедноста во сообраќајот не е само МВР, тоа се и образовните институции и семејството – вели Ангеловски.

Рекордна година, според бројот на сообраќајни несреќи со смртни последици, била 2013 година, 170 од вкупно 4.060. Рекордна, пак, според бројот на несреќи била 2011 година (4.314) од кои 143 со смртни последици. Оттогаш, трендот е во опаѓање. Во 2017 година има 3.882 (137 со смртни последици), во 2018 година 3.622 (со 118), а во 2019 година 3.124, од кои 109 со смртни последици. Интересно е што во статистиките на МВР се сметаат бројот на несреќи со смртни последици, но не и вкупниот број на жртвите, со оглед на тоа што во една сообраќајна несреќа може да има и повеќе жртви.

Изработил: Елисавета Бејкова

Анализирајќи ги податоците од сообраќајните незгоди со потешки последици, може да се заклучи дека во земјава просечно се случуваат околу 178 незгоди на 100.000 жители, од нив на годишно ниво околу 6,8 лица починуваат, а околу 248 лица здобиваат тешки или полесни повреди.

Најголем број од загинатите настрадале во населено место. Повеќе од 42 отсто од сообраќајките се случиле во Скопје, а потоа следуваат Тетово, Куманово, Струмица, Прилеп и Велес. Надвор од населените места најопасни се автопатиштата Велес – Скопје, Тетово – Гостивар и Тетово – Скопје. Во истата категорија е и магистралниот пат Кичево – Охрид.

Меѓу жртвите најбројни се пешаците, а потоа следуваат мотоциклисти, велосипедисти, возачи на трактор итн. Според возраста, најмногу страдале лица на возраст од 41-54 години, лица на возраст од 19 до 25 години. По месеци, најмногу загинати има во јуни, јули и август, а најмалку во март.

Најчести причини за сообраќајните незгоди се брзо возење, непочитување на правилата за првенство на минување, недржење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување и управување под дејство на алкохол.

Изработил: Иван Самарџиев

Претставниците на МВР и полицијата велат дека за намалување на бројот на сообраќајните несреќи, нивните мерки и активности не се доволни.

– Сигурен сум дека треба да се вклучат и други институции, особено во образовниот процес, во едукативниот. Дел од младите се оставени само на родителите. Сообраќајната едукација треба да започне од предшколска возраст – вели Трајковски од БЈБ.

 

Камерите не се за сообраќајни прекршоци

Граѓаните прашуваат дали камерите што се поставени за следење на сообраќајот, можат да помогнат во намалување на бројот на сообраќајни прекршоци.

– Има камери во Скопје, но тие не се за сообраќајни прекршоци. Тие камери немаат такви технички можности, набавени се пред речиси една деценија и тогаш се направени за други потреби – за следење на луѓето. Во 2017 година имаше промена на власта и беше дадена наредба тие камери да бидат користени за решавање проблеми околу јавниот ред и мир, разбојништва итн. Сепак, снимките се доказен материјал и помагаат во судските процеси – вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот