Индија ги повика светските сили да најдат заеднички јазик за глобалните прашања

Нарендра Моди/ Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска на отворањето на состанокот на кој најверојатно ќе доминира војната во Украина, ги повика министрите за надворешни работи на Г20 да најдат заеднички јазик за глобалните прашања.

Индија, која годинава претседава со оваа група, одби да ја обвини Русија за таа војна и упорно заговара дипломатско решение. Во исто време, таа земја значително го зголеми купувањето на руска нафта.

Делегациите на САД и ЕУ повторуваат дека ја сметаат Русија за одговорна за војната, а Германија соопшти дека на средбата ќе се спротивстави на руската „пропаганда“.

Москва најави дека ќе го искористи состанокот за да му објасни на светот кој е одговорен за политичката и економската криза во која се наоѓа светот.

„Се среќавате во време на длабока глобална поделеност. Не треба да дозволиме проблемите што не можеме да ги решиме заедно да застанат на патот на тие што можеме да ги решиме“, рече Моди обраќајќи им се на шефовите на дипломатиите.

Собирот доаѓа неколку дена по состанокот на министрите за финансии на Г20 во Бенгалуру, кој исто така беше во сенка на конфликтот во Украина. Тогаш делегациите не успеаја да се договорат за осудата на Русија за војната, па мораа да се задоволат со документ кој беше само резиме на средбата.

Говорејќи на маргините на состанокот, холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра им рече на новинарите дека Русија е единствено одговорна за војната и натаму мора да биде санкционирана, додека неговата француска колешка Кетрин Колона рече дека Г-20 мора Русија да ја повика на одговорност за „негативните последици во речиси секоја земја на планетата“.

Колона смета дека Г-20 мора да најде решение за заштита на најранливите, наместо да ги остави да ги трпат последиците од руската војна.

Руската страна возвраќа на обвинувањата дека деструктивната политика на САД и нивните сојузници го доведе светот на работ на катастрофа, предизвика блокада на социјалниот и економскиот развој и сериозно ја влоши состојбата во најсиромашните земји.

На средбата во Њу Делхи учествуваат 40 делегации предводени, меѓу другите, од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговите американски и кинески колеги Антони Блинкен и Чин Ганг.

Блинкен вчера изјави дека не планира да се сретне со ниту еден од нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот