Игор Џамбазов со емотивна објава за татко му: Помина една цела година за миг

Игор и Александар Џамбазов
Игор и Александар Џамбазов / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Пред една година, на денешен ден нѐ напушти познатиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов, кој остави неизбришливи траги во македонската музика.

Неговиот син Игор Џамбазов му посвети емотивна објава, во која му се обрати на нашиот драг маестро.

„Помина една година. Цела година. За миг. За час. Помина побргу од која било детска песничка што си ја напишал.

Сигурен сум дека си добар таму горе.

И нека не ти е мака што не си овде долу, со нас.

Да ти кажам искрено стари, ништо не си пропуштил.

Медиокритетите и понатаму ни диригираат по сопствени партитури, а ние божем одбиваме да свириме фалш.

Она што вредеше во годинава што летна се љубовта и почитта од луѓето за тебе, изразена во малку солзи и уште повеќе насмевки.

Нема да ти посакам да бидеш добар, оти таму кај што си, не може да ти е лошо. Чувај ми место до клавирот“, напиша Игор.

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина.

Завршил музичка академија во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Џамбазов беше автор на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др.

Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Почина на 25 јануари 2022 година, на 86-годишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот