
Идентификувани повеќе од 900 опасни хемикалии кои можат да предизвикаат рак на дојка: Ги има во храната, пијалаците, пестицидите…
Десетици илјади синтетички хемикалии постојат на пазарот денес, а нови постојано се развиваат. Затоа, многу е тешко да се открие којa од нив може да биде опаснa, а тоа е неопходно за да се регулира нивната употреба во производите. Научниците конечно открија брз начин да откријат дали некоја хемикалија може да доведе до рак на дојка и во зависност од тоа дали има одредени карактеристики, објави „Медикал експрес“ (MedicalXpress).
Препорачано
– Оваа нова студија претставува добар начин и за регулаторните тела и за производителите брзо да ги означат хемикалиите кои можат да придонесат за развој на рак на дојка со цел да се спречи нивна употреба во производи за широка потрошувачка – рече д-р Џенифер Кеј, истражувач од „Silent Spring“ во САД.
Таа е главен автор на студијата „Примена на рамката за клучни карактеристики за идентификување на потенцијални канцерогени клетки на дојката со користење на јавно достапни експерименти „In Vivo“, „In Vitro и „In Silico“ објавена во „Environmental Health Perspectives“.
Ракот на дојка останува најчесто дијагностициран рак во САД. Последните податоци покажуваат дека станува сѐ почеста кај младите жени, тренд кој не може да се објасни со генетика.
„Потребни ни се нови алатки за да се идентификува изложеноста што можеби довела до овој тренд со цел да се развијат превентивни стратегии и да се намали товарот од болести“, рече д-р Кеј.
Таа и нејзините колеги пребаруваа многу американски и меѓународни бази на податоци за да идентификуваат хемикалии за кои е откриено дека предизвикуваат тумори кај животните. Тие, исто така, ги користеле податоците за да идентификуваат хемикалии кои ги менуваат хормоните во телото, особено оние кои го нарушуваат ендокриниот систем и ги активираат рецепторите на естроген, како и хемикалиите кои предизвикуваат клетките да создаваат повеќе естроген или прогестерон, познат фактор на ризик за рак на дојка.
Тие идентификувале 921 хемикалија која може да доведе до рак на дојка. Дури 90 отсто од нив се присутни во производите за широка потрошувачка, храна и пијалоци, пестициди, лекови и на работното место.
Понатамошното истражување на листата откри 278 хемикалии кои предизвикуваат тумори на млечните жлезди кај животните. Повеќе од половина од хемикалиите предизвикуваат клетките да создаваат повеќе естроген или прогестерон, а една третина ги активира естрогенските рецептори.
– Ракот на дојката е хормонално заболување, па затоа загрижува фактот што толку многу хемикалии можат да го променат нивото на естроген и прогестерон – изјави д-р Кеј.
Бидејќи оштетувањето на ДНК, исто така, може да предизвика рак, истражувачите открија дека 420 од хемикалиите на списокот ја оштетуваат ДНК и ги менуваат хормоните, што ги прави ризични.
– Историски гледано, хемикалиите кои предизвикуваат тумори на млечните жлезди кај животните се најдобар показател дали можат да предизвикаат рак на дојка кај луѓето. Но, студиите за животни се скапи и одземаат многу време, така што многу хемикалии не се тестирани. Нашите наоди покажуваат дека скринингот на хемикалиите за откривање на овие хормонски карактеристики може да биде ефикасна стратегија за означување на канцерогени на дојките“, рече Ратан Рудел, директор на Институтот „Silent Spring“.