И стручноста ја убиваме, нели?

Нивното име го нема на такви прогласи, но тие се физички најприсутни во кулоарите, во министерските кабинети, другаруваат со секретарките и шефиците/шефовите на тие кабинети, пијат кафиња со своите газди, па и по некое виски.

Не знам колкумина обрнаа внимание на потписниците на прогласот – или како веќе ќе го нарекуваме овој интересен документ – викан „Фис-култура или култура“, ама составот е повеќе од интересен. Зошто? Затоа што меѓу потписниците нема да најдете ниту една „ведета“ на македонската култура, ниту еден од оние локални абоненти кои катагодишно ги гледате на списокот на добитници на „средства“ (каков еуфемизам за ПАРИ!) од Министерството за култура, а врз основа на нивните „проекти од национален интерес“ платени безмалу со „суво злато“, независно кој е министер, која опција е на власт итн.

Тие се вечно само на тој (нај)важен список – сѐ друго за нив е неважно, второстепено. Нив не ги интересираат прогласи или објави, не ги интересира кој е директор, зошто, каде… сѐ до мигот додека тие се „наградени“ со државни пари за нивната лојалност, за нивната понизност, за молкот. Нивното име го нема на такви прогласи, но тие се физички најприсутни во кулоарите, во министерските кабинети, во чекалниците пред кабинетите, другаруваат со секретарките и шефиците/шефовите на тие кабинети, редовно пијат кафиња со своите газди, па и по некое виски. Тие се – константа на македонската (не)култура! Оние 260 „несреќници“ се за нив празно место, потенцијален проблем, закана за нивниот комодитет.

А како и не би биле: сакаат, дури запнале да менуваат практика, востановени улични „правила“, начин на мислење и преживување во македонската (не)култура. Тоа, се разбира, им одговара само на малкумина. А меѓу потписниците е дури и претседателката на Синдикатот на културните работници, па претседателот на Комисијата за култура на вемерото, па актери, сликари, режисери, писатели… и сите до еден решиле да менуваат министерски одлуки – и директори, се разбира – а велат дека се подготвени и на порадикални протести. Една таква сила, богами, не е за потценување!

Зашто, тие отворено прашуваат: До кога истите критериуми се читаат на еден начин за едни, а на сосема друг за други? До кога ќе треба да повторуваме дека културата не е бројка, или мерливи формално-правно издржани резултати и партиска играрна, туку место на градење на квалитет и компетенција? До кога вака, ние културните работници ќе бидеме понижувани, обесправени и дискриминирани? До кога ќе има партизација во културата? До кога релевантното образование од областа на културата и уметноста нема да се вреднува, и нема да биде важно во одлуките на кого да се додели можноста да раководи со некоја институција во културата. Примерите се многубројни! И болни.

Teodosievskiumetnost.worldpress.com

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот