И Порто е триумфално

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Најголемата предност на овој фудбалски национален состав – тимската кохезија, не беше нарушена ни со политичките поткусурувања – министерско селективно делење пасоши, „комитски“ внатрешни лачења на „сок од простота“ и функционерски патувања на туѓа сметка.

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација успешно затвори уште едно „поглавје“ од своите евроинтеграции. Доби додавка во името – убиец на џинови, уште еднаш го потврди навивачкиот „зига-зага, Македонија, оле, оле“ идентитет, ископа резултат (0-1) со потенцијал да стане наш фудбалски артефакт, колку и да е тој историски болен за актуелниот европски првак Италија.

Против претпоследниот европски шампион Португалија не се случи ниту еден од двата екстрема. Едниот од кој стравувавме – катастрофален пораз, но ниту вториот на кој потајно се надевавме – уште една сензација и триумф и на брегот на Атлантикот. Во Порто се случи, да употребам спортско клише – чесен пораз! Пораз од кој не треба да се срамиме. Напротив, дава сила и самодоверба дека можеме да се носиме со најсилните.

„Грешките“ по кои паднаа головите се адресирани до капитенот Стефан Ристовски и креаторот Енис Барди, но како што министерот за надворешни работи заради себепромоција си дозволи да издвојува некого од тимот при доделувања дипломатски пасоши, не треба да се повтори истиот недипломатски потег: и славата и вината треба да им се припишат на – сите. Ако воопшто има простор да се бара вина во ова петдневно спортско бегство од сивото секојдневие.

Некои од експертите коментираа дека бевме физички и емоционално испразнети по чудото во Палермо за да можеме да го повториме подвигот и против „европските Бразилци“, како што ги нарекуваат Португалците. Други забележуваат што фудбалската експедиција не отпатува директно во Португалија, наместо да се враќа во земјава, со цел да се сочува мирот пред решавачкиот натпревар. Трети веројатно имаат забелешки на изборот, поставеноста на играта и на играчите од страна на селекторот Благоја Милевски. Но фудбалот и за тоа постои, меѓу другото – да има 1.836.713 селектори во земјава. Ќе остане во колективното сеќавање голот на Александар Трајковски, еуфоријата што ја предизвика тоа слатко „надополнување“ на претходната радост дека им одолеавме на „аѕурите“, изблиците на радост во секој дом и кафеана по белосветските фалби, ќе се памети уште една навивачка треска, „ежењето“ додека се емитува македонската химна…

Пласман во финалето (како што ги нарече УЕФА) на трите бараж-натпревари со кои се додефинира списокот од европски учесници на Светското првенство во Катар 2022, нè вброи меѓу 16-те најдобри на континентот што е уште еден чекор понапред во однос на Евро 2020, кога бевме дел од елитната 24-ка што се квалификуваше на завршницата. И тоа без „пензионираните“ од репрезентацијата Горан Пандев, Иван Тричковски и „сменeтиот“ селектор Игор Ангеловски. Одржувањето континуитет е важно и од аспект да си докажеме самите себеси, а и на светот, дека победата во Германија не е случајност, дека играњето без комплекс е одлика што ја краси оваа фудбалска генерација. Наредниот Мундијал во 2026 година – во САД, Канада и Мексико – на кој ќе учествуваат 48 национални тимови, е голема шанса да се „затвори кругот“ што почна да се црта уште од младинското Европско првенство во Полска 2017 година.

Веќе во јуни почнува наредниот циклус во Лигата на нациите, ново натпреварување преку кое еднаш веќе обезбедивме пласман на Европско првенство. Составот на четвртата група од Ц-сегментот – Бугарија, Грузија и Гибралтар, нè вбројува меѓу фаворитите за првото место, но тоа и најмногу плаши. Зашто, не еднаш сме се изгореле од Андора, Лихтенштајн и слични, за да бидеме самобендисани и против Гибралтар. Како што беа младинците против Фарски Острови, па загубија среде националната арена „Тодор Проески“. Пораката е дека славата трае, во случајов, пет дена, а потоа мора сè одново – напорни тренинзи, спортски аскетизам, максимална посветеност…

Најголемата предност на овој фудбалски национален состав – тимската кохезија, не беше нарушена и со нашите секојдневни политички поткусурувања, поттикнати од фудбалскиот успех – веќе споменатото министерско селективно делење пасоши, „комитски“ внатрешни лачења на „сок од простота“, функционерски патувања на туѓа сметка, со еден збор – злоупотреба на неговото височество спортoт во политички цели. Така ќе биде, за жал, и пред наредното гостување во јуни, во Бугарија.

Фудбалерите, сепак, нека си тераат како што најдобро си знаат. Од бугарскиот град Разград, градот домаќин на првиот натпревар од наредната Лига на нациите, да почнат да го градат новиот успех – пласман на ЕП 2024.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот