И фирма во Македонија почна да нуди работа четири дена во неделата

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Огласот на „Базаро“ е вистинска сензација, особено ако се земе предвид дека кај нас сè уште може да се чуе за работодавачи што настојуваат да се работи и подолго од 40 часа неделно

Компанијата „Базаро“ има активен оглас за вработување, а во него се бара работник за логистика, кој ќе работи 4 дена во неделата. Според огласот, тој ќе добие навремени и сигурни примања, платен секој изработен час, дополнително повисоко платенa работа на празник и за прекувремена работа, организиран превоз до работното место, обезбеден оброк секој ден. Во светот скромно се појавуваат компании што веќе вовеле или воведуваат 4-дневна работна недела.

Огласот на „Базаро“ е вистинска сензација, особено ако се земе предвид дека кај нас сè уште може да се чуе за работодавачи што настојуваат да се работи и подолго од 40 часа неделно. Како посебно истакнат пример, кој сè уште ја бранува јавноста, е Договорот со компанијата „Бехтел и Енка“ за 60-часовна работна недела за изградба на автопатиштата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.

Законските измени за работниците да работат 60 часа неделно за изградба на коридорите на собраниска комисија

Извештајот на Државниот инспекторат за труд не е ни малку охрабрувачки во однос на повредите на работничките права, а меѓу нив се и прекувремена неплатена работа, непријавена неплатена работа за време на празник и низа други прекршоци. Податоците покажуваат дека во првото полугодие на годинав а, трудовите инспектори направиле вкупно 10.893 контроли и се забележани дури 2.717неправилности, односно секоја четврта проверка покажала дека нешто не е во ред!

Работодавачите велат дека не секоја работна позиција може да дозволи 4-дневна работна недела и дека во многу дејности мора да се работи и на празник и во недела, па и во смени.

– Има дејности каде што мора да се воведе дури трета смена поради природата на производствениот процес, има дејност каде што „се бркаат“ норми за да се испорача одреден производ во точни рокови. Во трговијата, исто така се знае колку и кога се работи. На пример, во моловите најчесто една смена трае шест часа, затоа што се работи во сабота и во недела. Но, ако има дејности, односно работен процес, кој дозволува да се работи 4 дена во неделата, тогаш на секој работодавач останува да процени дали тоа му се исплати – велат работодавачите со кои разговаравме.

Примерите и студиите што се прават во светот покажуваат дека со 4-часовна работна недела не страдаат приходите на компаниите, а во одредени случаи дури се зголемила продуктивноста на трудот. Петнаесет проценти од 60.000 американски компании што учествуваа во Истражувањето „Општество за управување со човечки ресурси“ спроведено во април 2019 година, рекле дека нудат 4-дневна работна недела од 32 часа или помалку. Тоа е повеќе од 13 проценти во 2017 година и 12 проценти во 2018 година.

Организациите што ја спровеле оваа пократка работна недела, не пријавиле намалување на продуктивноста или на приходите, се вели во студијата. „Мајкрософт“ во 2019 година се најде на насловните страници кога ги објави резултатите од тестот што го спроведе во подружница во Јапонија, при што ги затвора своите канцеларии секој петок во текот на август. Компанијата откри дека тоа доведе до зголемување на продуктивноста за 40 проценти!

Во 2021 година Шпанија објави дека во криза ќе експериментира со пробна четиридневна работна недела, а дека Владаат ќе им надоместува на компаниите за што намени буџет од 50 милиони евра, со вклучување 200 компании и од 3.000 до 6.000 работници. Тогаш, како што пренесоа медиумите, политикологот и политичар Иниго Ерехон Галван изјавил: „Со дебата за четиридневната работна недела (32 часа) започнуваме во вистинско време. Шпанија е една од земјите каде што работниците вложуваат повеќе часови од европскиот просек. Но, ние не сме меѓу најпродуктивните земји. Јас тврдам дека да работиш повеќе часови, не значи да работиш подобро“.

Минатата година, од ноември, Белгија стана првата земја во Европската Унија која им дозволува на вработените да ја завршат работната недела за четири наместо за пет дена. Но, според истражувањето што го објави консултантската компанија за човечки ресурси „Секјурекс“ во април годинава, само 0,73 отсто од работниците со полно работно време во Белгија почнале да работат четири дена во неделата. Во истражувањето се наведуваат и причините поради кои работниците не покажале интерес за овој модел.

Првата од нив е дека вработените сè уште не се уверени во придобивките од системот на 4 дена работа, а втората е дека четиридневното работење, особено во фирмите со малку вработени, предизвикува административна и организациска штета. Во изјава за белгискиот весник „Л’Ехо“, портпаролот на Министерството за труд рече дека целта на Владата, со донесувањето на оваа законска одредба, не е да се осигури дека секој треба да работи четири дена, туку да го претстави тоа како опција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот