Хрватски професор: Колку мандарини со забранет пестицид треба да изедете за да го загрозите вашето здравје?

Фото: Профимедиа

Потрошувачите се загрижени за секојдневното повлекување на овошје и зеленчук поради пестицидите. Во последните недели, мандарините се во центарот на вниманието во Хрватска поради пронајдените остатоци од инсектицидот хлорпирифос, кој веќе три години е забранет во ЕУ, пишува „Индекс.хр“.

Инспекциите со анализа утврдиле дека моментално забранетата активна супстанција била пронајдена само кај еден од 15-те производители, а тие мандарини биле уништени.

„Индекс.хр“ неодамна разговарал со професорот Александар Мешиќ од Заводот за земјоделска зоологија при Агрономскиот факултет во Загреб, кој смета дека ова средство на плодовите не претставувал ризик за потрошувачите. Тој, сепак, додава дека е неприфатливо тоа што се случило.

„Се случи пропуст на поединец. Тоа не е нешто што систематски се прави во Хрватска. Сметам дека немаше никаков ризик за населението бидејќи, да се случеше пред три години, кога беше дозволен инсектицидот, никој немаше да реагира, бидејќи ќе беше под тогаш дозволената граница, која изнесуваше 0,65 г/ кг“, објаснил Мешиќ.

„Би морало да се изеде многу поголема количина мандарини за да бидете изложени на ризик, а со оглед на тоа дека се работи за еден вид пестицид кој делува на површината на плодот, верувам дека тој  не ни стигнал до делот од плодот што е консумира“, заклучил тој.

Данко Толиќ, агрономски инженер, во интервју за ХРТ откри која количина од третираните мандарини некој би требало да изеде за да биде во потенцијална опасност.

„Имавме во две пратки од 0,033 до 0,044 g/кг, но важно е да им кажеме на потрошувачите дека оваа количина не е опасна по здравјето, со оглед на тоа дека треба да се интерпретира преку акутна референтна доза. Јас секој ден би морал да изедам околу 11 килограми третирани мандарини за потенцијално да го загрозам своето здравје, што е невозможно, и би морал да ги јадам со кората, со оглед на тоа дека станува збор за контактен препарат, што е невозможно. Значи, инцидентот беше, тие што го направија треба да бидат санкционирани“, рекол Толиќ.

Од Хрватската агенција за земјоделство и храна велат дека во таа земја има постојана контрола на остатоците од пестициди во храната, а резултатите укажуваат дека има пропусти и остатоци поголеми од дозволеното и дека најчесто се работи за забранети пестициди.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот