Хаос во Казахстан: Загинаа дваесетина полицајци и војници, уапсени се 2 300 луѓе

Фото: EPA/EFE

Бројот на жртвите во жестоките насилни протести во Казахстан меѓу полицајците и војниците денеска се зголеми на 18 загинати и 748 повредени, додека властите се обидуваат да ги смират немирите во поранешната советска република, јавија западните агенции.

Според Министерството за внатрешни работи, досега се приведени 2.298 лица откако од вчера протестите поради поскапувањата на горивата прераснаа во директни судири со полицајците.

Казахстан минува низ најголемите протести кои земјата ги видела од стекнувањето независност пред 30 години. Дестабилизацијата на ситуацијата таму предизвикува сериозна загриженост за двата моќни соседа на Казахстан – Русија и Кина. Државата извезува најмногу од својата нафта во Кина, а таа е клучен стратешки сојузник на Москва.

Протестите започнаа во град во крајниот западен дел на земјата, кој е центар на нафтената индустрија откако се случи ненадеен скок на цените на горивата за автомобили во првите денови од новата година. Сепак, десетици илјади луѓе кои подоцна излегоа на улиците во повеќе од 10 градови, сега се насочени не само на цените на горивото, туку и на целото авторитарно владеење.

Претседателот Касам-Жомарт Токаев изгледа сѐ поочаен.

Тој првично се обиде да ја смири толпата со отпуштање на целата влада вчераутро. Но, до крајот на денот, тој го промени курсот. Прво демонстрантите ги нарече терористи, а потоа се сврте кон воената алијанса предводена од Русија, Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), за да помогне во задушувањето на бунтот, а ОДКБ се согласи да испрати неодреден број мировници.

Од петте централноазиски републики кои стекнаа независност по распадот на Советскиот Сојуз, Казахстан е најголемата и најбогатата. Нејзината територија зафаќа површина колку Западна Европа. Земјата има и огромни резерви на нафта, природен гас, ураниум и благородни метали.

Но, иако природните ресурси на Казахстан помогнаа да се изгради солидна средна класа, како и значителен слој на супербогати тајкуни, финансиските тешкотии се широко распространети. Просечната месечна плата во земјата е нешто под 600 долари. Банкарскиот систем стана жртва на длабоки кризи предизвикани од нефункционалните кредити.

Како и многу други земји во регионот, ситната корупција е широко распространета. Митингот, кој ја предизвика актуелната криза, се одржа во правливиот нафтен центар во Жанаозен во западен Казахстан.

Областа долго време е огорчена од чувството дека енергетските ресурси во областа не се распределуваат правично меѓу локалното население. Во 2011 година, полицијата застрела најмалку 15 луѓе во градот кои протестираа за поддршка на нафтените работници отпуштени по штрајк.

Кога во саботата стана јасно дека цените на плинот за автомобилите, најпопуларното гориво во земјата, се удвоиле преку ноќ, трпението истече. На незадоволството брзо се приклучија и жителите од соседните градови, а за само неколку дена протестите се проширија и во останатиот дел од земјата.

Голем дел од уличниот гнев што избувна во последните денови не беше насочен кон Токаев, туку кон Назарбаев, кој според многумина се уште е врховен лидер на земјата.

Слоганот „Старче, оди си!” стана еден од главните.

Откако беа нападнати владините канцеларии во неколку големи градови, Токаев се обрати за помош до ОДКС, воен сојуз предводен од Москва. Својот повик за надворешна интервенција го оправда со тоа што демонстрантите дејствуваат според него, по наредба на меѓународните терористички организации. Токаев не прецизираше што сака да каже со тоа.

Казахстан моментално се наоѓа во непознати води. Во земјата и претходно имаше големи демонстрации: во 2016 година по усвојувањето на контроверзниот закон за земјиште; и уште еднаш во 2019 година по спорните избори, кои на Токаев му го обезбедија останувањето на власт. Меѓутоа, вакво нешто досега не се случило.

Во еден од неговите вчерашни апели до општеството, Токаев вети реформи и навести дека е можна политичка либерализација. Сепак, неговите помрачни изјави кон крајот на денот сугерираа дека тој повеќе би сакал да тргне по порепресивен пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот