Хамилтон: Ова е неверојатно, Шумахер ми беше идол
Возачот на Мерцедес и актуелен шампион, Луис Хамилтон со денешната победа на трката за Големата награда на Ајфел, се израмни по бројот на победи со легендарниот Михаел Шумахер.
Сега и двајцата возачи имаат по 91 победа во Формула 1 и се најдобри во историјата на најбрзиот спорт на четири тркала. Пехарот за победата на патеката Нирбургринг му го врачи синот на легендсарниот Германец, Мик Шумахер.
– Ова е голема чест, не знам што да кажам. Кога растете и гледате некој кој ви е идол како што јас го гледав Михаел, ова е неверојатно. Се сеќавам дека кога играв видео игра ГП2, за свој возач секогаш го бирав Михаел. Гледајќи ја неговата доминација толку долго, не можев да замислам дека ќе успеам да му се приближам и сега да се израмнам со него по бројот на победи. Ќе ми биде потребно некое време за да се навикнам на ова. Дури кога излегов од болидот сфатив дека го израмнив рекордот. Благодарам на сите кои ми помогнаа, пред се на мојот тим, но исто така сакам да искажам голем респект кон Михаел Шумахер – изјави Хамилтон.