Хамас и Ликуд – двете страни на конфликтот во Палестина

May 18, 2021, Gaza city, Gaza Strip, Palestinian Territory: People inspect the rubble of destroyed residential building that was hit by an Israeli airstrike, in Gaza City, May 18, 2021,Image: 611333538, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Ashraf Amra / Zuma Press / Profimedia

Газа е една од најнаселените точки на планетата, но областа е целосно опколена и контролирана од Израел.

Изреката дека историјата е цикличен процес кој се повторува во одредени периоди не може да биде поточна кога се набљудува израелско-палестинскиот конфликт. Последната голема конфронтација помеѓу еврејската држава и палестинските милитанти беше во 2014 година, и еве седум години подоцна очите на светот повторно се свртени кон Палестина.

Насилствата овој пат почнаа со обид за иселување на палестинската населба во Ерусалим и упад на израелските сили во џамијата Ал-Акса, по што почна ракетирањето на Хамас кон израелските градови и одговорот на израелската армија кон Хамас. Но кои се мотивите токму сега да почнат судирите, што сакаат да постигнат двете страни, која е целта што сакааат да ја постигнат Израел и Хамас.

Одговорите на овие прашања ја даваат сликата на она што се случува, покрај очигледните елементи на конфликтот кои се општо познати. Прво треба да се знае дека Палестина има две големи територијални единици, тоа се Западниот брег и Појасот Газа, и сега судирите се одвиваат само во Газа, бидејќи таму на власт е Хамас.

На Западниот брег владее палестинскиот претседател Махмуд Абас и поумерената ПЛО на покојниот Јасер Арафат. Големината на Газа изнесува 365 квадратни километри каде се населени 1,85 милиони Палестинци. За илустрација големината на Македонија со слично население изнесува 28.000 квадратни километри. Газа е една од најнаселените точки на планетата, но областа е целосно опколена и контролирана од Израел.

Тука се поставува прашањето што сака Хамас да постигне со терористичките напади врз Израел, додека на пример не врши класична герилска борба против израелските вооружени сили. На овој начин палестинската организација која од САД и ЕУ е дезигнирана како терористичка група не нанесува голема штета на изрелските инсталации, бидејќи голем дел од ракетите се пресретнати од израелската “Железна купола”, и штетата се сведува на десетици убиени цивили.

Хамас на овој начин само ги оцрнува Палестинците во очите на светот и со очигледно терористички методи го уништува легитимитетот на инаку легитимната борба на палестинците против израелската политика на населување на палестинската земја. Малку е веројатно дека Израел нема контрола врз тоа што го прави Хамас или врз тоа што може да го направи, со оглед на очигледната технолошка и финансиска надмоќ на еврејската држава и големината на појасот Газа.

Очигледно е дека Хамас му е потребен на Израел, или поточно на десничарската партија “Ликуд” на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, бидејќи Израел вака има оправдување за своето брутално делување. Од друга страна не може да се каже дека израелските вооружени сили не се легитимна формација, но начинот на кој израелската армија одговара на нападите на Хамас има елементи на терористичко делување.

Покрај предупредувањата пред да бидат испукани проектилите кон станбените згради во Газа, јасно е дека со секоја ракета гинат и голем број на цивили, досега се убиени над 200 Палестинци од кои десетици се деца. Огромниот број на цивилни жртви нанесува голема штета врз јавното мислење за Израел во светот, но еврејската држава не одстапува од политиката на цврста рака во справувањето со Хамас.

Логично е дека доколку Хамас не би употребувале толку териристички методи, дека израелската страна не би го издржала меѓународниот притисок за толку многу цивилни жртви, па се наметнува заклучокот дека Хамас му треба на Ликуд за да продолжи еврејската политика на територијална експанзија на сметка на Палестинците.

Интересен е молкот на околните држави околу Израел на насилствата, нема остри реакции од Сирија, Египет или Јордан а најгласен во критиките беше Реџеп Таип Ердоган. Нема реакции ниту од проиранската Хезболах во Либан, што значи дека на сите им е јасна конекцијата меѓу Хамас и Ликуд и играта која сега се спроведува.

На Балканот пак беше интересна реакцијата на Албанија и Косово, две држави со изразена исламска популација кои официјално застанаа зад Израел во конфликтот. Ова е само уште еден показател дека и сега како и секогаш интересите на државите и елитите се на прво место, додека обичните граѓани кои се водат според емоциите или предрасудите не се свесни дека се секогаш само топовско месо за римската максима: дајте му на народот леб и циркуски игри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот