Грковска со отворено писмо до учесниците на изборите: Да ја покажеме зрелоста на нашата демократија

Фото: Фејсбук

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во техничката Влада, Славица Грковска во отвореното писмо до учесниците на изборите порача дека без оглед на правичното спроведување на изборите е основа и главен предуслов за вградување на сите останати принципи на доброто владеење, дефинирани од Советот на Европа.

Со распишувањето на изборите и почетокот на предизборниот период, Грковска вели дека од огромно значење е секој учесник во овој процес постојано да ги има предвид законите, но и етичките принципи при вршењето на своите активности.

– Нашата генерација не смее да си дозволи репризи на сцени од не толку далечното минато, случаи на заплашувања и злоупотреби, на компромитирани изборни процеси кои ја уназадуваа државата. Наша споделена должност е да обезбедиме безбедна и демократска атмосфера, во која секој гласач ќе може слободно да го исполнува своето демократско право. Институциите се први на линијата на одговорност, но удел во целата слика има секој од нас, порача вицепремиерката.

Таа додава дека без оглед на политичките определби, приоритет треба да биде добросостојбата на граѓаните и заемната доверба меѓу заедниците

– Тоа значи, не само да се придржуваме до одредбите во изборниот и другите закони, туку да поставуваме повисоки етички стандарди пред себе. И така директно придонесуваме државата да оди напред. Секој со својот пример, секој со својот дел од одговорноста, а за сечие добро, вели Грковска.

Транспарентноста за време на изборните кампањи, според Грковска треба да биде приоритет, за да им се овозможи на граѓаните да носат одлуки врз основа на точни информации.

– Лажните вести, штетните наративи и дезинформациите служат токму за спротивното. И затоа е важно сите политички субјекти да ги презентираат своите програми на отворен и чесен начин, без манипулации. Подеднакво е важно да се води сметка и за елиминирање на дискриминацијата, нетолеранцијата и говорот на омраза од јавниот дискурс, а во насока на унапредување на севкупната политичка култура во земјава, порача вицепремиерката.

Според нејзе, предизборниот и изборниот период се можност да ја покажат зрелоста на демократија и затоа секој функционер треба да се придржува до етичките стандарди.

И во ниту еден момент да не се заборави дека секој што ја бара довербата на избори, треба да делува во најдобар интерес на нашите граѓани и држава, заклучи таа.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески вчера ги распиша претседателските и парламентарните избори. Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а евентуалниот втор круг ќе биде на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот