ГРЕКО: Македонската Влада признава дека не се предвидени санкции за сите „корупциски“ прекршоци

Властите во Македонија, според ГРЕКО, признаваат дека Законот за спречување на корупција и судир на интереси не предвидува санкции за сите прекршувања на одредбите зашто некои забрани и ограничувања се формулирани како начела за коишто не е предвидена санкција.

Македонија е „во недоволна усогласеност“ со препораките на Групата држави против корупција (ГРЕКО) при Советот на Европа, пишува во Извештајот за евалуација во кој се наведува дека земјава на задоволително ниво имплементирала 13 од 23 препораки. Од сите нив неимплементирана е препораката за анализа на практичната примена на системот на санкции и дека режимот на санкционирање не е ревидиран.

Властите во Македонија, според ГРЕКО, признаваат дека Законот за спречување на корупција и судир на интереси (ЗСКСИ) не предвидува санкции за сите прекршувања на одредбите; некои забрани и ограничувања се формулирани како начела за коишто не е предвидена санкција. Сепак, за сите прекршоци за коишто е предвидена санкција, Државната комисија за спречување корупција постапи и изрече соодветни санкции. За илустрација, се напоменува дека во 2022 година беа изречени санкции за прекршоци на пратеници/министри/заменици-министри за прекршоци коишто не се однесуваат на неподнесување изјави за интереси, туку за други прекршувања на одредбите од ЗСКСИ.

„ГРЕКО ја повторува својата загриженост што веќе ја изрази во Извештајот за усогласеност. Во Извештајот од петтиот круг на евалуација беа идентификувани неколку недостатоци. својствени на режимот на санкционирање предвиден за прекршување на правилата за судир на интереси, интегритет и антикорупција. На пример, не беа предвидени санкции за сите прекршувања утврдени со закон и беше оценето дека паричните казни не ги исполнуваат предусловите за ефикасност, пропорционалност и ефект на одвраќање. Имајќи го ова предвид, се чини дека не е извршена соодветна анализа на практичната примена на системот на санкции, ниту пак дека режимот на санкционирање е ревидиран за да се решат овие недостатоци“, пишува во извештајот на ГРЕКО.

Инаку, петтиот круг на евалуација на ГРЕКО се однесува на „Спречување на корупцијата и промоција на интегритетот кај централната власт (лица на кои им се доверени највисоките извршни функции – ЛНИФ) и органите за спроведување на законот (ОСЗ)“.

Според ГРЕКО, во однос на носителите на највисоки извршни функции, забележани се неколку позитивни случувања, како што е воспоставувањето на проценки на ризикот по интегритетот и редовни евалуации на влијанието на мерките за интегритет во централната власт и зајакнувањето на ресурсите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), кои сепак уште не се целосно оперативни.

„Со оглед на ова, ДКСК продолжи да игра најпроактивна улога во обезбедувањето лидерство во борбата против корупцијата, вклучително и преку нејзините задачи за следење и советување. Издадени се дополнителни упатства за подароци, лобирање и управување со судири на интереси. Членови на Владата се обучени за Етичкиот кодекс, судири на интереси и други прашања поврзани со интегритетот“, се наведува во извештајот.

ГРЕКО оценува дека системот за надзор врз изјавите за имотна состојба и интереси е подобрен, вклучително преку развој на нов софтвер кој овозможува поефикасни вкрстени проверки на податоците.

Во однос на агенциите за спроведување на законот (полицијата), во извештајот се наведува дека е забележан тековен напредок, пред сè, со измените и дополнувањата на законите за внатрешни работи и за полиција од април 2022 година.

„Тие, меѓу другото, предвидуваат обврска за поднесување изјави за имотна состојба и интереси за сите работници во МВР, забрана работниците да бидат членови на политичка партија или на тело на политичка партија, нов тест за интегритет – чијашто ефикасност допрва треба да се процени во практиката и утврдување на објективни и професионални критериуми за именување на директор на Бирото за јавна безбедност (началник на полиција“), се наведува во извештајот.

Како задоволително имплементирани, ГРЕКО ги оценува и препораките за надополнување на правилата за ад-хок откривање и управување со случаи на судир на интереси со практични упатства и мерки, за усвојување на политики за спречување на корупцијата и за интегритет за полицијата, за воспоставување на релевантен механизам во рамки на полицијата за управување со ризиците од корупција.

Според ГРЕКО, делумно се имплементирани и препораките за почитување на принципите на компетентност и транспарентност при регрутирањето полицајци и проверки на интегритетот и тестирање на лица кои се вработуваат во полицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот