„Градски паркинг“ добива субвенции од Град Скопје, но му должи 33 милиони денари за комунална такса

Седница на Советот на Град Скопје / фото: Град Скопје/принтскрин

Град Скопје со 5 милиони денари ќе го субвенционира  ЈП „Градски паркинг“ за оваа година. Советот на Град Скопје денеска даде зелено светло за помошта која се доделува поради потешкотии во работењето.

Потребата од доделување на субвенциите денеска ја образложи в.д. директорот на јавното претпријатие, Бојан Христовски, кој меѓу другото нагласи дека давањето на субвенции на „Градски паркинг“ и досега била редовна пракса и дека ова е најмал износ кој досега Градот му го дал на ова јавно претпријатие. Тој потсети дека во 2018 година се доделени 15 милиони денари субвенции, во 2019 година, исто толку, во 2020 година 7,5 милиони денари, или вкупно во овие неколку години 37,5 милиони денари субвенции.

-Во пракса, овие субвенции во претпријатието се искористени за плаќање комунална такса кон Град Скопје, односно од примените средства за 2018 до 2020 година се платени околу 41 милион денари за комунална такса кон Град Скопје. Јас увидов дека претпријатието има повеќе проблеми, индиции за несовесно и незаконско работење. Има индиции за недостиг на средства – ненаплаќање на паркинг услугите од поединци со што претпријатието веруваме дека има губено големи средства, поради што во идниот период ќе работиме на детектирање и докажување на тие потенцијални неправилности – рече Христовски.

Тој изрази надеж дека во наредните години ова јавно претпријатие ќе нема потреба од субвенции, но спомена дека вкупниот долг кон Град Скопје во моментов за неплатена комунална такса бил околу 33 милиони денари.

Како што е познато, ЈП „Градски паркинг“ се финансира од средствата што ги плаќаат граѓаните за паркирање на отворените и затворени паркиралишта во Скопје, кои се во надлежност на ова претпријатие, но и од работата на осумте „пајаци“ кои креваат непрописно паркирани возила.

Сепак, во декември градоначалничката Данела Арсовска најави дека ќе се намали  цената за паркирање и тоа за 25 отсто и дека за тоа веќе е отпочната процедурата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот